Македонската режисерка Тамара Котевска, единствената што се осмели да живее со племе во Сибир, оваа година го освојува и Венецијанскиот филмски фестивал со два филма. Нејзиниот нов документарец кој се снима во Сибир е селектиран на престижниот копродукциски маркет на Венеција, а истовремено во официјалната програма на фестивалот ќе ја има и светската премиера на нејзиниот трет долгометражен филм „Силјан“.
Котевска повторно ексклузивно се најде на страниците на Variety, со што уште еднаш го потврди статусот на автор со уникатен потпис и бескомпромисна посветеност. Ретки се режисерите кои се впуштаат во толку храбри и ризични потфати, а уште поретки се оние што снимаат авторски филмови во Сибир – предизвик со кој може да се пофали малкумина на светско ниво.
Нејзиниот успех е резултат на доследна работа која започна со „Медена земја“, филм што донесе три награди на Санденс и две номинации за „Оскар“. Потоа следеше „The Walk“, снимен со сириските бегалци низ Европа, со премиера во Њујорк и учество на петнаесетина фестивали во Токио, Лос Анџелес, Англија, Франција, Јапонија, Јужна Африка, Швајцарија, Грција и други земји. Филмот освои гран при во Атина и Лос Анџелес, а Котевска ја доби и наградата на TRT Истанбул за еден од најплодните автори во документаристиката.
Оваа година, додека светската премиера на „Силјан“ е закажана за 29 август во Венеција, а американската во официјалната селекција на Торонто, Котевска го претставува и својот најнов проект „Мамутите кои избегаа од царството на Елрих хан“. За потребите на филмот, таа заедно со кинематограферот Жан Дакар еден месец живееше со шаманското племе Долгани на крајниот север, делеше шатори од еленска кожа, ловеше и јадеше со нив, истражувајќи го конфликтот меѓу одгледувачите на ирваси и ископувачите на мамутски заби.
Ова целосно инфилтрирање во животот на протагонистите е препознатлив белег на македонската режисерка. Таа не снима филмови заради самото снимање – за неа филмот е антропологија, истражување на непознати животи и начин за длабоко разбирање на човечката психологија. Инспирацијата за овој филм постоела уште од детството, кога низ страниците на National Geographic ја откривала магијата на најинтригантните и мистериозни приказни од северните предели.
Заедно со Жан Дакар, со кого соработуваше на „The Walk“, „Силјан“ и „Човек против јато“, ја дели истата фасцинација од делото „Before They Pass Away“ на фотографот и антрополог Џими Нелсон. По речиси три години обиди за воспоставување контакт со племето Долгани, конечно успеваа да отпатуваат во 2024 година и се вратија со материјал кој веднаш беше препознаен и селектиран на светски фестивали и фондови.
Тамара Котевска и овојпат е режисер и продуцент, а проектот досега е финансиран исклучиво со приватни средства, бидејќи националните фондови биле скептични кон толку ризичен потфат. Моментално екипата е во потрага по нови партнери и финансиери за да продолжи снимањето во ноември. За таа цел, Котевска и Дакар ќе заминат на арктичка обука во Норвешка за да се подготват за снимање на температури и до –60 °C и за четиридневно патување низ тундрата до најсеверната точка на Сибир.
Со овој проект Тамара Котевска уште еднаш докажува дека македонски автор може истовремено да го освои најекстремниот север и најпрестижниот југ на филмската уметност – Сибир и Венеција.