MoonWalk претставува светски позната хуманитарна иницијатива за пешачење која започнала во 1996 година благодарение на храброста на Нина Барау, жена која лично се соочила со предизвикот на канцер на дојка. Нина Барау, без претходно искуство во хуманитарни активности, имала сон да учествува на Њујоршкиот маратон носејќи декориран градник за да собере средства за истражување на ракот на дојка. Таа идеја се претворила во реалност кога таа и уште 12 жени го истрчале маратонот, собирајќи £25,000 за истражувањето. Само два месеца подоцна, Нина била дијагностицирана со канцер на дојка, што ја инспирирало да ја основа организацијата Walk the Walk и да го започне првиот MoonWalk London во 1998 година. Од тогаш па до денес, оваа прекрасна иницијатива собрала повеќе од 148 милиони фунти за истражување и поддршка во борбата против ракот на дојка. Препознатливи по своите уникатни ноќни маратони, илјадници учесници низ светот пешачат украсени со декорирани градници, ширејќи порака на надеж, солидарност и подигнување на свеста за ова заболување.
Учеството на „M says: Check your boobs“
На 17 мај 2025 година, со гордост и посветеност, група девојки од здружението “М says: Check your boobs” имаа чест да бидат дел од овој впечатлив настан во срцето на Лондон. Иницијативата за учество потекна од неколку македонки кои живеат и работат во Обединетото Кралство. Знаејќи ја традицијата и пораката која ја носи овој настан, се регистрираа како тим под името “М says: Check your boobs” во соработка со волонтерите од здружението. Пет претставнички од Македонија со возбуда допатуваа до британската престолнина, каде топло беа пречекани од нашите сонароднички. Заедно, обединети во духот на солидарноста, тие чекореа рамо до рамо со илјадници луѓе од целиот свет под мотото „We walk the walk, You check your boobs“, носејќи една заедничка цел во срцата – да го чуваат споменот на нашата д-р Марија Бунда Калпак и да создадат подобра иднина за сите што се соочуваат со оваа болест. Целиот Лондон беше обоен во розова боја, а секој чекор носеше огромно значење! За непоколебливите борци, за храбрите преживеани, и за оние чиј спомен вечно ќе го носиме во срцата.
За здружението „M says: Check your boobs“
Здружението „M says: Check your boobs“ е основано во чест на нашата д-р Марија Бунда Калпак, која ја започна оваа иницијатива со цел да ја подигне свеста за ракот на дојка и важноста на редовните прегледи. Нејзиниот слоган „Check your boobs” останува наш водич во мисијата да ги охрабриме жените да се грижат повеќе за своето здравје. Нејзиниот инспиративен слоган и денес моќно одѕвонува како повик за акција кој спасува животи.
Бидејќи статистиките за рак говорат сами за себе:
- 55 илјади жени и околу 400 мажи се дијагностицирани секоја година со рак на дојка
- Околу 40% од видовите канцер може да се избегнат со промени во начинот на живот
- 27% од случаите со канцер на дојка може да се избегнат со промени во начинот на живот
- 7% само со поголема физичка активност
*Светска фондација за истражување на рак
Резултати од нашите активности
Покрај подигање на свеста за канцер на дојка, нашата мисија изминатиот розов октомври имаше две цели:
- Да обезбедиме специјални ваучери од “Medicus help” за набавка на перики, протези и други неопходни помагала за пациентките со оваа дијагноза, и да ги донираме на Клиниката за онкологија и радиотерапија.
- Да овозможиме целосно бесплатни прегледи за ехо на дојки и мамографија за ранливите категории на жени, во соработка со избрани приватни клиники.
Со радост споделуваме дека акцијата од минатиот Розов Октомври заврши со исклучителен успех! Голема благодарност упатуваме до сите медиуми кои ја споделија нашата порака и помогнаа да допре до што повеќе граѓани. Благодарност и до платформата Ecrowd.мк, А1 и Телеком преку кои се одвиваа донациите. Уште поголема благодарност до сите граѓани кои активно се вклучија во донаторската акција и така директно придонесоа да се обезбедат средства за:
- 64 целосно бесплатни прегледи, мамографии и ехо на дојки. Спроведувањето на прегледите го овозможија четири приватни клиники во Скопје, кои покрај со екпертиза допринесоа со специјално намалетни цени на прегледите. Им благодариме на Жан Митрев Клиник – Оддел за дојка (кои дополнително донираа 10 бесплатни ехо прегледи и 5 мамографии), Дијагностички центар Скопје, Центар за дојка при поликлиника Рес Хумана и Еуромедик. Со ова вкупно 48 жени направија чекор кон грижа за сопственото здравје. Најважно, успеавме да ја разбудиме свеста за неопходноста од редовни прегледи
- 40 ваучери беа доделени на Одделот за дојка при Клиниката за онкологија и радиотерапија. Повеќе од 30 пациенти со ваучерите добија финансисика поддршка за набавка на перики, градници, протези за дојки, стегачи за лимфедема, костими за капење и други помагала кои го олеснуваат патот на пациентите со карцином на дојка. Неколку ваучери за перики беа донирани и на млади пациенти со друга малигна дијагноза. Медикус хелп покажаа извондредна професионалност и хуманост во реализација на ваучерите.
Овие бројки не се само статистика. За нас се огромен успех!
Со оваа акција ние потсетуваме дека никој не треба и не смее да се бори сам! Секој наш, навидум мал гест на поддршка, може да запали искра на надеж и да биде силен поттик за борба кај оние кои се соочуваат со предизвикот наречен карцином!
За повеќе информации и следење на нашите активности, посетете ги профилите на социјалните мрежи:
- Instagram: @msays_checkyourboobs
- Facebook: M says Check Your Boob
И секако, не заборавајте да правите редовни прегледи на своите гради!
Заедно можеме да направиме разлика.