„Вера сонува за морето“ ја освои главната награда на 34. издание на Меѓународниот филмски фестивал во Токиo. На косовскиот филм на дебитантката Калтрина Красниќи, копродуцент е Македонија со „Дрим фектори“. Филмот, во кој главната улога ја игра македонската актерка Теута Ајдини-Јегени, а игра и Рефет Абази, ја освои наградата Токио гран при во конкуренција со 15 филма од целиот свет.
„Вера сонува за морето“ ја раскажува приказната за Вера, преведувач на знаковен јазик која по самоубиството на сопругот, реномиран судија, Фатмир Гаши, се наоѓа во ситуација самата да преговара за иднината на нејзината ќерка и внука со традицијата и државата, во момент кога сите ги презираат жените како нив.
Сценариото е на Дорутина Баша, кинематограф е Севдије Кастрати, монтажер на филмот е Владимир Павловски, снимател на звук е Игор Поповски, композитор е Петрит Чеку, дизајнер на звук Дарко Спасовски, а продуцент од Македонија е Дрим Фектори, односно Огнен Антов.
„Вера сонува за морето“ ја имаше својата светска премиера на Интернационалниот фестивал во Венеција. Филмот беше дел од официјалната селекција на 78. издание на Фестивалот во програмата Хоризонти.
Калтринa Красниќи, режисерката на филмот „Вера сонува за морето“, ја освои наградата за најдобра режија „Автори под 40“. Красниќи ја освои наградата во рамките на програмата Venezia a Napoli. Il cinema esteso која се организира во соработка со престижниот Филмски фестивал во Венеција.