Во време кога границата меѓу реалното и виртуелното сè повеќе избледува, уметничката Софија Шахпаска создава светови во кои идентитетите се флуидни, физиката е променлива, а правилата на општеството можат да се препишуваат одново. Низ игри, 3D принтање и фиктивни наративи, таа не бега од реалноста – напротив, ја преиспитува и ја прикажува низ нови очи. За неа фикцијата не е бегство, туку критика и експеримент, повик да се замисли поинакво човештво и со тоа да се отвори можност за промена на светот во кој живееме.
Игри, фикција, 3D, VR – твоите светови се комплексни и често фантастични. Дали тие се засолниште од реалноста, критика кон неа или обид да се замисли поинакво „можно“ човештво?
Моите светови – концепти за игри, фиктивни ликови, 3D или 2D ми се истовремено засолниште, критика и експеримент. Тие се простор каде што можам да ја преиспитам реалноста и да се одморам од нејзините ограничувања, но и огледало во кое се гледаат нејзините апсурди и контрадикции. Тие се прилика за „можно“ човештво – каде што можам да испробам нови идентитети и нови форми на постоење.
Моето творештво започнува од прашање: Што значи да се биде човек во време кога границата меѓу реалното и виртуелното е веќе избледена?
Во световите кои ги градам ние стануваме повеќе од нашите тела. Идентитетите се флуидни, физиката е променлива и правилата на општеството можат да се изменуваат. Тоа е просторот каде што можам да ја одминам секојдневната тежина на „нормалното“ и да испробам нови начини на постоење. Но мојата работа не е бегство. Таа е критика и истражување.
Кога градиме дистопичен свет, ние не измислуваме кошмар – ние го отсликуваме нашиот. Кога моделирам идеализиран простор, јас не создадам утопија – туку се водам по ова прашање: зошто овој сон уште не е возможен?
Јас ја користам фикцијата не за да ја сокријам вистината, туку за да ја направам поочигледна. Јас ја користам виртуелноста не за да побегнам од реалноста, туку за да ѝ се вратам со нови очи.
Во крајна линија, моето творештво е повик: да се осмелиме да замислиме поинаков свет, затоа што единствено така можеме да го промениме овој во кој живееме.
Бидејќи подолго време се занимаваш со 3D принтање, како процесот на 3D принтање, со сета своја механичка реалност, влијае на твојата врска со делото? Дали чувствуваш дека тактилното присуство ја засилува или ја сведува уметничката порака?
Во дигиталниот простор моите светови се бескрајни, флуидни, менливи и недопирливи. Со 3D принтот тие се раѓаат во материја – со тежина, сенка и површина. Тоа е миг на радост и загуба: фантазијата станува опиплива, но ја губи својата безграничност. Кога на дигиталното ќе се даде физичка димензија полесно се допира до другите луѓе според мене. Меѓу другото, тоа беше поттикот за да најдам начин како полесно да ги претставам моите ликови и дела општо пред јавноста ако не е преку форма на видео игра, графичка новела или анимација.
Што значи да се биде „автентичен уметник“ во време кога генеративната вештачка интелигенција станува дел од секојдневната продукција?
Автентичноста не лежи во алатката, туку во намерaта. Машината може да копира, но не може да ризикува; да создаде варијации, но не и смисла. Автентичниот уметник е оној што внесува пукнатина во совршеното – место каде што се раѓа нешто кревко, болно и вистински човечко.
Машината не е способна да измисли нешто ново, може само да копира. Проблемот лежи во тоа дека машината не е способна да е креативна како човекот. Нашата креативност доаѓа од внатре, додека па машината може да анализира бројни информации и да креира варијации од истите, а не оригинално дело. Луѓето кои мислат дека со ВИ можат да го заменат човечкиот труд допринесуваат додатно во оттуѓеноста меѓу луѓето во модерната капиталистичка стварност. Биснисите се лишуваат од можноста да се истакнат со нешто поинакво и впечатливо пред јавноста која и така е веќе презаситена од интернетот и своите извитоперени вредности.