Кинотеката на Македонија ова лето нуди внимателно курирана филмска програма што ги обединува големите класици на Холивуд со актуелни европски и светски остварувања. Јулскиот репертоар е доказ за континуираната мисија на Кинотеката: зачувување на филмската културна меморија и отворање простор за нови кинематографски јазици.
Филаделфиска приказна (The Philadelphia Story, 1940)
Романтична комедија од златната ера на Холивуд
Филмот на Џорџ Кјукор е совршен пример за скрубол-комедија, жанр кој комбинира брзи дијалози, интелигентен хумор и социјални коментари. Главните улоги ги толкуваат Кетрин Хепберн, Кери Грант и Џејмс Стјуарт, кој за оваа улога ја добива единствената „Оскар“ статуетка во кариерата. Приказната за богата наследничка чии свадбени планови се комплицираат со ненадејното враќање на нејзиниот поранешен сопруг и еден новинар, останува едно од најшармантните филмски сценарија на 20 век.
Булевар на самракот (Sunset Boulevard, 1950)
Интензивен портрет на падот на славата и светот зад сцената
Мрачната драма на Били Вајлдер е еден од најмоќните филмови за Холивуд снимен од самиот Холивуд. Глорија Свонсон ја игра Норма Дезмонд — некогашна филмска дива која не може да се помири со заборавот. Вилијам Холден, во улогата на млад сценарист, е сведок и учесник во нејзиниот трагичен свет. Со култната реплика „I am big. It’s the pictures that got small“, филмот останува безвременска критика на индустријата на соништата.
Лаура (Laura, 1944)
Филм-ноар полн со стил, тајни и илузии
Остварувањето на Ото Премингер е меѓу најценетите филмови од жанрот филм-ноар. Една истрага за убиство постепено се претвора во психолошка приказна за опсесија и идеализација. Уникатната музичка тема на Дејвид Раксин и елегантната режија придонесуваат за вонвременската привлечност на овој филм, кој и денес се смета за референца во мистериозната романтична драма.
Современи визии: филмови што зборуваат за денешницата
Јулската програма ги вклучува и филмовите Арманд на Халфдан Улман Тендел, Семето на светата смоква на Мохамад Расулоф и Жена од… на Малгоржата Шумовска и Михал Енглерт — современи дела кои се храбри во тематиката и искрени во изразот, третирајќи прашања како родов идентитет, политичка репресија, морални дилеми и лични граници.
125 години од раѓањето на Луис Буњуел
Во чест на еден од највлијателните автори на светската кинематографија, Кинотеката организира омаж за Луис Буњуел — мајсторот на надреализмот и филмската провокација. Неговите дела остануваат актуелни со критиката на буржоаскиот морал и со влегувањето во длабоката човекова психа.
Седум кусометражни филмови по сценарија на македонски писатели
На 2 јули (среда) во 20 часот, во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, ќе се прикажат седум кусометражни играни филмови инспирирани од дела на македонски автори. Ова е ретка можност да се види како литературата и филмот се спојуваат низ историјата на македонската кинематографија.
Публиката ќе има ретка можност да ги погледне:
• Сонце зад решетки (1957) на Славко Јаневски,
• Твојот роденден (1961) на Илхами Емин,
• Невољите на покојникот К. К. (1963) на Коле Чашуле,
• Давид, Голијат и петел (1960) на Славко Јаневски,
• Лифт горе, лифт долу (1967) на Ташко Георгиевски,
• Човекот во црно (1970) на Мето Јовановски,
• Споменик (1968) на Бошко Смаќоски.
Кинотеката со оваа програма потсетува дека филмот не е само уметност на движење и светлина, туку и средство за паметење, критичка мисла и емпатија. Од класици што го издржале тестот на времето до нови гласови што ја отсликуваат современоста — јули во Кинотеката е филмски повик што не се пропушта.
Селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.