Во време кога младите сè почесто се третираат како пасивни набљудувачи, Кики Мукаетова упорно го гради спротивниот наратив – младите како активни учесници, мислители и креатори на промени. Со новата сезона на „Низ град со Кики“, таа отвора простор каде средношколците зборуваат отворено за притисоците, дилемите, надежите и стравовите со кои живеат секојдневно, и тоа во медиум со национална тежина каков што е МРТ. Од менталното здравје и образованието, преку говорот на омраза и социјалните мрежи, до потрагата по автентичен идентитет и креативен израз, Кики ја користи својата платформа за да ги спои „двата света“ – традиционалните медиуми и дигиталната генерација. Во ова интервју зборуваме за младинскиот глас, одговорноста на медиумите, енергијата зад новиот сингл „Loop“ и за тоа зошто автентичноста е најважната вредност што треба да ја негува една генерација што сака да биде фактор на промена.
Новата сезона на „Низ град со Кики“ започнува со содржина преку која директно ги вклучувате младите. Како гледате на значењето нивниот глас да се слушне во јавен медиумски простор каков што е МРТ?
Прв пат во МРТ влегов на мои 11 години и 3 лета по ред буквално „живеев“ таму. Јас израснав во МРТ. Кога еднаш ќе влезете во таков систем, ќе научите како се работи, како се прави програма и сериозна содржина. Кај дигиталните медиуми можеби и нема секогаш такви пропозиции, но тие пак ми овозможуваат поблиска врска со мојата генерација од публиката и таму објавувам поинакви содржини. Идејата на „Низ Град со Кики“ е да ги обедини тие „два света“, да ги истакне позитивните вредности во општеството и да го донесе гласот на младите до поширока публика, првенствено во медиум со национална тежина, а потоа и на социјалните мрежи.
Тинејџерите денес живеат во динамична и често контрадикторна општествена средина. Кои реални дилеми, стравови и надежи најчесто ви ги споделуваат средношколците кога разговарате зад камера?
Иако секој млад човек има различни интереси и лични амбиции, постојат три големи предизвици кои често се повторуваат кај сите: притисокот од училиштето, предизвикот да се одржи баланс меѓу обврските и социјалниот живот, како и внатрешната борба со негативните коментари. Во првата епизода од втората сезона НГСК „Реалноста зад митовите“, средношколците отворено разговараа што им фали во поглед на школувањето и притисоците со кои се соочуваат секој ден. Балансот меѓу обврските и социјалниот живот е тема во можеби секоја втора епизода од НГСК, додека справувањето со негативните коментари мислам дека е рак-рана на денешницата. Тоа ми е можеби и најчестото прашање кога ќе ставам Q&A сесија на Инстаграм. На оваа тема имав можност и да зборувам на трибина на А1, со цело задоволство. Мене ми требаше многу време да стекнам самодоверба во она што го работам, но научив како да се носам со (најчесто) неоправданите критики. Еден член на мојот продуцентски тим ми рече: „Во Македонија, сè се простува, само успехот не.“ Не знам од каде е цитатот, и колку и да звучи тоа сурово, јас се научив да живеам со тоа. И тука пак почнав да размислувам: јас сум супер, ок, но што со останатите? Направив една цела емисија за говор на омраза на социјалните мрежи, неодамна имав мастерклас на темата под покровителство на УНИЦЕФ и Телеком Фондацијата и во секоја можна прилика охрабрувам да се зборува на оваа тема, зашто само така може да се најде решение. Јасно е дека младите денес навистина живеат во средина во која е потребно многу повеќе разбирање и поддршка.
Често младите се третираат како група што „треба да се води“, наместо како субјекти со сопствени ставови. Како преку серијалот се обидувате да го разбиете тој пристап и да покажете дека нивните (вашите) перспективи се подеднакво релевантни?
Серијалот го започнав од желбата да создадам „простор“ каде што навистина ќе се слушнат интересите на младите. Тој „концепт на стадо“ убаво го објасни еден од гостите во сезона 1 (епизода 17). Е баш од таа потреба се роди идејата за ток-шоу со кратки, динамични епизоди во кои разговарам со различни личности за теми што се блиски до младите: мотивација, совет за успех, тинејџерски искуства, ментално здравје, справување со негативни коментари и притисок, улогата на социјалните мрежи и многу други. „Низ Град со Кики“ е моја голема желба за создавање на релевантна, искрена и корисна содржина, формат во кој младите ќе се препознаат, ќе се инспирираат од позитивните примери и ќе се одважат да направат нешто корисно за себе.


Вашиот нов сингл „Loop“ носи силна енергија и емоција што многу млади ја препознаваат. Како ја доживувате песната, што за вас претставува, кои теми најсилно ви одекнуваат и што мислите дека ја прави толку блиска до вашата генерација?
Пеењето го сакам многу и иако сестрите „ми бранеа“ да пеам како мала, еве и тоа дојде на дневен ред. Сепак, мора и да нагласам: јас не сум професионална пејачка, туку обична средношколка со голема љубов кон сценските уметности. Кога првпат отидов во студиото кај Лазар Цветковски, навистина не знаев „каде одам“ и што ме очекува. Лазе точно го одмери мојот капацитет и создаде звук што е вистински „мој“. „LOOP“ е современ поп со електронски влијанија и носи енергија која многу природно се вклопува со мојот карактер. Текстот е на Магдалена Цветковска (Ена), која успеа да ме отслика со секој стих. Песната зборува за динамиката на секојдневниот живот на младите денес: училиште, обврски, амбиции, и паралелно со тоа емоционалниот „луп“ во кој често се враќаме кога станува збор за љубовта. Мислам дека младите ја прифатија оваа песна затоа што е искрена, автентична и зборува за нешто што сите го чувствуваме.
Во првата епизода од новата сезона, во која се посветувате на искуствата на средношколците, се отвораат теми што ретко се дискутираат јавно. Кои прашања сметате дека најмногу недостасуваат во јавниот дискурс кога станува збор за младите, а всушност се пресудни за нивниот развој?
Јас учев во државно училиште до 2018 година и можеби имав среќа што ја имав за наставничка Весна од „Кочо Рацин“ и што родителите сериозно работеа со мене, но знам што значи да се нема учебник, да се учи материјал кој не е апликативен воопшто во реално време, ама стои во некаква програма – да сакаш да учиш, а да немаш како да научиш. Мора да има повеќе креативност и пракса во образованието. Токму тоа го посочија и учениците од гимназијата „Георги Димитров“ во епизодата „Реалноста зад митовите“. Се сеќавам, во основно школо, одењето кај педагог или психолог ни беше третирано како казна! Тоа не смее да биде така. Недостасува поотворена дискусија за менталното здравје. Многу време поминуваме на училиште за да се чувствуваме недоволно поддржани или отфрлени. Често се зборува дека младите сакаат да се иселат, но во епизодата, одговорот беше НЕ – искрено, и оние одговори кои не влегоа во финалната монтажа беа во полза на останување во Македонија. Но едно разочарување по друго и трето… неминовно води кон тоа среќата да се бара на друго место. Ретко се анализираат причините зад тоа: дали тинејџерите се чувствуваат сигурни во својата иднина тука? Дали имаат доволно можности? Дали постои систем што ги мотивира да останат? Овие прашања се клучни за нашиот личен развој, а многу ретко се отвораат на национално ниво.
Визуелниот концепт на новата сезона, инспириран од скопскиот брутализам, комбиниран со современи ефекти и вештачка интелигенција, носи силна симболика. Што за вас претставува овој избор и како го поврзувате со генерацијата која активно бара свој визуелен и идентитетски јазик?
Шпицата е сè што посакував како визуелен идентитет за серијалот. Генијалната идеја на Георги Унковски да го спои скопскиот брутализам со модерни дигитални елементи, вклучувајќи и AI, точно ја прикажува денешната генерација: имаме премногу избори, премногу влијанија и постојан притисок да бидеме „некој и нешто“. Се плашиме од лажни емоции, збунети сме, но ни е потребна вистинска конекција во процесот на „барање себеси“.
Работите со тим составен од млади и современи автори, меѓу кои Георги Унковски, Дејан Пановски и Матеј Ваневски. Како оваа соработка влијае врз тоа како серијалот звучи, изгледа и комуницира со младата публика?
Со Георги Унковски би сакала наскоро да направам емисија во која ќе видите дека само еден негов збор вреди колку цела лекција. Со Вански (Матеј Ваневски) исто така би сакала да снимам епизода, зашто е извонреден креативец и си зацртав дека мојата соработка со него нема да застане само на шпицата. Дејан Пановски има 20 години искуство со огромни креативни и авторски проекти како Marvel, DC, Star Wars, Top Gun и други големи филмови и реклами, па сега како бонус доби тинејџерски проект каде учи што е: „миш сиво“, crispy look и vivid монтажа, како и дека средношколците сакаат повеќе екскурзии. Преблагодарна сум и на Кики-Слики (Кристијан Теодоров) и Гого (Ѓорги Клинчаров), кој по снимање со Орландо Блум ја доби честа да работи со мене. Малку е да кажам дека сум ПРЕ-благодарна на тимот со кој работам и пресреќна сум што исто така учиме едни од други! Задоволството е поголемо што таа позитивна енергија и желба да се направи нешто различно и убаво ја чувствува и публиката.
Во време кога младите се соочуваат со брзи промени и постојан притисок да се вклопат, што според вас е најважната вредност што треба да ја негуваат за да останат автентични и да почувствуваат дека навистина имаат место и влијание во општеството?
Јас припаѓам на Gen Z, не сакам совршен имиџ туку автентичност, сакам да слушнам реални приказни и да бидам фактор на промена. Таков генерациски сигнал многу ми е драго што видов со падот на бугарската влада, препишан токму на мојата генерација. На мои 12–13 години, како и сите тинејџери, тогаш и јас сакав да бидам „совршена“ – следев трендови, се облекував со стил којшто не беше мој, само за да изгледам модерно, само за да добијам „одобрување“ од моите врсници. На мои 14, следев сè и сешто, а веројатно тогаш барав некаков модел за идентификација, што практично го немав. НО, за среќа (огромна среќа), тој период ми траеше кратко. Сфатив дека „тоа не сум јас“ и на 15 почнав сериозно да размислувам јас самата да направам „нешто“ што би било интересно и инспиративно за моите врсници. Кога почнав да бидам своја, автентична и вистинска јас, да се пронаоѓам во она што го објавувам, мислам дека цел наратив ми се смени – и онлајн и офлајн.
Пак ќе спомнам за Q&A на Инстаграм: имам многу прашања (кои искрено не ги објавувам за да не личи дека баш мудрувам), кои се однесуваат на тоа: како се справуваш со премногу обврски, како со fake friends, како со негативни коментари? Епа, едноставно – СÈ се може ако се сака и многу е лесно ако го работиш тоа што го сакаш, во што веруваш и си добар во тоа, без оглед што мислат другите. Еден гостин во емисија ми рече: ако некој те критикува, а има диплома од областа во која си „погрешил“, ќе ја прифатиш критиката. Но ако е тоа некој „анонимен“ – тука нема што да се размислува веќе (С01, епизода 33).
А ако нешто што навистина ме држи да одам напред, тоа се позитивните коментари. Преубаво е чувството кога некој во приватна порака на социјалните мрежи, од нигде и никаде, ќе ти напише дека си бил негова или нејзина позитивна промена. Таков еден јавен позитивен коментар (во морето негативни, секако) неодамна видов на YouTube, а имам уште доста на Инстаграм, па можеби треба некогаш и да ги објавам 😊


