„Ранчо и Ванчо на Ката“ за брзо време стана уникатно место кое привлекува голем број гости и туристи кои сакаат автентично искуство во селскиот туризам. За идејата и за тоа како е да се вложува и кои се придобивките од селскиот туризам во Македонија поразговаравме со Катарина Георгиевска, сопственичката на гостинската куќа „Ранчо и Ванчо на Ката“.
Какви беа почетоците и развојот на идејата, како дојдовте до концептот и до името за ваков вид туристичко доживување?
Родена сум во Скопје, без баби и дедовци, ниту пак други роднини на село. Моите родители не правеле излети и викенд-прошетки во село. Ме носеле на море, на излетничко-рекреативни места во природа, покрај езера, реки, на планина, но не и во некое старо село. Мојата прва средба со старо македонско село беше кога имав 27 години при посета на селото Маково, Мариовско. Речиси напуштеното село, обраснатите ниви, падини, а особено специфичниот мир на безграничното постоење што ништо не го нарушува, ги доживеав како допир со Вселената. Животните искуства кои следуваа потоа ми покажаа дека она што ќе го помислиш со чист ум (состојба во чисто постоење, овде и сега) некогаш подоцна, кога е тоа најдобро за мене, ќе се манифестира во објективниот, материјален свет. Од денешна перспектива претпоставувам дека конечната мисла која протекувала низ моите ум и тело при таа посета била: „вака се живее“, алудирајќи на волшебниот мир. Еве, 23 години подоцна, мислам дека таа манифестација се случува, преку (за нашето поднебје) иновативна идеја за т.н. селски туризам, кој овозможува доволно приходи за едно фино и опуштено семејно живеење во природа. Во периодот од 2006 – 2008 година беше клучниот момент на одлука и потрага по место во Македонија кое ќе исполнува неколку, за мене важни критериуми. Така, наидов на општината Чашка, со неколку понудени стари куќи во селата, за на крајот да го одберам Оморани кое уште на прв поглед ме плени со својата магија. Одлуката беше брза и по купувањето на куќите, во наредните 2 години ги координирав градежните активности за целосна реставрација на едната куќа, опремување и уредување со сите содржини кои ги замислив. Кога ја почнав реставрацијата на старата куќа, организирав еднодневен излет за колегите од тогашното работно место, за да им се пофалам со идејата. Тие местото веднаш го нарекоа „Ранчо и Ванчо на Ката“, алудирајќи на мојата клучна улога но и шегувајќи се со „уште една нејзина фикс-идеја“. Јас не само што не се двоумев, туку од срце им се заблагодарив за кумството. Ним секако до ден денес не им се верува дека тоа е официјалното име на нашата куќа за селски туризам и се потсмеваме на денот на излетот кога замислувавме разни невозможни ситуации, а кои денес се реалност.
Освен престој и локална македонска храна, кои се другите содржини во „Ранчо и Ванчо на Ката“ и што најчесто бараат гостите за време на престојот?
Во и околу селото има неколку активни трла со овци, крави и кози, кои произведуваат високо-квалитетни сирења. Домашните јајца се со посебен вкус. Посетителите кои доаѓаат од градските средини ги доживуваат овие, за нив фасцинантни сцени на т.н. рурална средина. Во летните вечерни часови провејува магијата на ѕвезденото небо а месечевата светлина целосно го менува изгледот на падините па и човекот тогаш доживува некоја длабока внатрешна трансформација. Во тишината на ноќта, ја раскажуваме филозофијата на Богомилското движење и се враќаме 1.200 години во минатото. Во зимските месеци веќе нудиме атракции како посета на дивечот во репродуктивниот центар на локалното ловиште, како и дегустација / оброци со дивеч, кога новите вкусови и топлината на оганот ги мамат посетителите на целосен заборав од некое друго секојдневие.
По што е карактеристично местото Оморани? Што е најблиско за посета, како изгледаат турите?
Оморани е всушност обично, старо македонско село, кое од некогашните 700 жители денес брои само 40-тина луѓе како активно население. Во минатото, бегајќи од налетот на отоманските војски кои проаѓале долж реката Бабуна, локалното население почнало да се крие во внатрешноста на ридовите и тука, во една структура на гнездо, се наоѓа и денешното село. Кога доаѓате од патот, наеднаш се отвора ридот и влегувате директно во селото. Повеќето куќи денес се веќе целосно напуштени и разрушени, па човек лесно може да се врати неколку векови назад во минатото. Гостите прават еднодневни пешачки тури до изворите и водопадите на Бабуна кои се најубавата природна атракција во регионот, а похрабрите одат на планинарски тури до Солунска Глава или до Чеплес. Попатно може да се гушне 6-вековниот јавор во Теово или да се посети етно-музејот во с.Бистрица. Оморани е всушност географскиот центар на Македонија.
Ваков вид на рурален туризам почнува да се практикува низ Македонија иако сè уште е малку развиен. Сметате ли дека со вложување во руралниот туризам ќе се промени начинот на перцепција на земјата и ќе се откријат други локални места во земјава кои вредат да бидат посетени?
Сметам дека сме сè уште многу далеку од развиен селски туризам. На прсти може да се избројат давателите на вакви услуги во целата земја, а зборуваме за период на развој од последниве 15-20 години. Тоа не е во ред. Погледнете што се случува во светот, па еве и потесно, во нашиот балкански регион. Сместувачките услуги, а со нив и подготвувањето на разни специјалитети храна, пијалоци, активности, се во пораст со многу поголем интензитет. Во Македонија има над 2.000 села кои се или целосно или во процес на до-изумирање. Во сите тие села може да постои барем едно домаќинство кое ќе понуди своја типична угостителска понуда. Не мора да се копираме едни со други. Доволно е едно домаќинство да понуди домашно подготвен појадок, друго домаќинство во соседното село да понуди домашни освежителни пијалоци со некој специфичен десерт како ужинка, а трето домаќинство да понуди вечера со ноќевање. Со вакви понуди, нашата земја може да создаде одлична понуда за авантуристите кои истражуваат недопрени средини и испробуваат најразлични вкусови. Ним стандардните ќебапи и плескавица не им се интересни. Во нашата куќа, најпродаваниот пијалок е ликерот од ѓумбир на Ванчо. Денес луѓето сакаат да прават трекинг и велосипедистички тури при што ги носат со себе само најосновните работи за преживување. Ние како домаќини им овозможуваме да преспијат кај нас, да се освежат и нахранат со најразлични локални специјалитети, да слушнат некои нови приказни од нашите простори и потоа среќни и исполнети да заминат кон следната дестинација. Ете, тоа е рурален туризам. Можеби звучи едноставно, но всушност е многу комплексно и бара многу знаење, вложување во постојан раст и развој на иновации и лично вложување. Во нашето семејство, годишниот одмор последниве години полека го преместуваме во зимските месеци, т.е. вон т.н. висока туристичка сезона. Сè додека некој не постави квалитетно образование (притоа не мислам само на наставнички кадар, туку и на инфраструктурата, воопшто), се додека некоја политичка опција сериозно не посвети силни финансиски програми за т.н. рурален развој, кај нас само ќе се зборува напразно за „потенцијалите“ за развој на селата, земјоделието, туризмот. И на крајот, неопходни се и таргетирани, специфични и постојани едукативни курсеви / програми и за младите невработени луѓе, но и за оние кои веќе живеат на село, за преквалификација и свртување кон мали, туристички бизниси на село, во кои ќе се опфатат и индивидуални менторски сесии.
Која е најголемата позитивна критика што сте ја добиле досега, од што се најзадоволни гостите? Кои специјалитети најмногу се бараат во поглед на храната?
Без некое посебно изразување на зборовите, доволно е кога гостите откако ќе стигнат, прашуваат дали нивната соба би била слободна уште 2-3 дена за да го продолжат престојот, или ќе се истуфкаат дека веќе имаат резервација на друго место за следната ноќ. Имаме неколку гости од Романија, Полска, Холандија кои повторно нè посетуваат. Последниве 2 години, со интензивниот пробив и кај домашните гости, имаме неколку постојани клиенти кои редовно нè посетуваат. Понекогаш работам и како лиценциран туристички водич, 1-2 групи годишно, колку што ми дозволува времето. Со последната група пред појавата на пандемијата, го организиравме ручекот пред заминување од земјата, кај нас. Пред тоа, поминавме 6 дена по познати ресторани во Берово, Скопје, Охрид, Битола, Јанче. Но, по овој оброк, сите 15 сениори од групата поединечно му пружија рака на Ванчо, му се заблагодарија и му кажаа дека овде го имале највкусниот оброк од целата тура. Тоа се незаборавните моменти исполнети со емоции на многу љубов и радост од сопствениот ангажман. Најмногу се бара домашно подготвената храна, затоа и нашиот концепт не препознава помфрит и плескавица во понудата. Во зависност од сезоната, ги менуваме и рецептурите, Оморанската тава стана наш препознатлив знак, а од оваа година веќе нудиме и домашни колбаси од дивеч, од есенва ќе организираме и денови на манџа готвена во котле на оган.
Што е најголемиот предизвик за да се води ваков тип на сместување и туристички капацитет во Македонија?
Ако Италија и Франција се едни од земјите со највисоки приходи во БДП од туристичкиот сектор, треба да се знае дека вистинскиот луксуз се нуди во руралните региони Прованса, Тоскана, Умбриа… Стари камени куќи и замоци реставрирани во традиционален стил, но со сиот луксуз на едно модерно живеење, опкружени со фини пејсажи кои доловуваат совршен мир на умот. Во просек на секои 500 м има некаква услуга: сместување, храна и пијалоци, колачиња со кафе кои им служат за краток одмор на пешаците и велосипедистите… Нема две слични понуди, секое домаќинство нуди нешто свое, пршута, вино, сирење, кроасан, наследено знаење од баба и дедо. Точно дека овие услуги и не се така евтини, но се високо квалитетни. Ние сме сè уште неколку децении далеку од таквиот степен на развој, особено ако споредам какви понуди во руралните области веќе има во нашите соседни земји. Тоа е така заради две клучни причини: ниската финансиска моќ за инвестирање во селскиот туризам, иако, има услуги кои можат да се започнат и со релативно малку финансиски средства, а потоа да се надградуваат. Втората причина е „погрешниот“ менталитет на македонскиот народ, кој селото го доживува како нешто валкано, срамно и неугледно. И реално, да, нашите села се валкани и неуредни, но сигурно не е срамота да се живее во село, да се работи земјоделска или туристичка дејност во село. Тој код треба да се промени! Ако знаеме дека за да се привлечат луѓето да инвестираат во развој на бизнис во селата, неопходна е и далеку подобра инфраструктура, а дека менталитетот може да се менува на подобро само и само со добро осмислени едукативни програми, тогаш јасно е во кои правци треба да се движат општествено-политичките напори. Вложувањето во овој вид туризам е многу специфично: покрај основниот финансиски капитал неопходен за комплетна реставрација на сместувачки капацитет со кујна, фарма и разни други содржини, неопходна е добрата идеја и вложување во развој на содржините, квалитетот на услугата, маркетинг и дигитална продажба на глобалниот пазар, бидејќи најголем број од посетителите се всушност странци кои дознаваат за нас преку нашата веб-страница и глобалните платформи за сместување. Неопходно е и одлично менаџирање на понудата, на целиот капацитет, добро планирање на сите набавки, но и одржување на постојаниот висок квалитет на услугите на сите нивоа. За да се постигне сето ова набројано, потребно е претходно добро образование, како формално, така и практично и особено лична мотивација со одлука за постојан живот во таа рурална средина. Овој вид на бизнис не може да се менаџира од Скопје. Некој треба да го одржува целиот простор, да чисти, да ја готви и послужува храната, како и да спроведува различни активности со гостите кои тоа ќе го побараат. И на крајот, доколку имате деца кои се активни во образовниот систем на земјата, практично е многу тешко или невозможно едно младо семејство да го организира своето современо живеење во запоставените рурални средини во Македонија.
Дали имате некои идеи и замисли за иднината, кон што се стремите со „Ранчо и Ванчо на Ката“?
Во 21от век, туризмот е најбрзорастечка индустрија на глобално ниво. Европа дури и нема капацитет да го прими претпоставениот број на туристи од Азија. Во такви услови, уникатната понуда може да се развие на некое недопирливо место, онаму каде нема конкуренција а ја имате целата креативна слобода да создадете нешто автентично и „барано под дрво и камен“. Од денешна перспектива, мило ми е што во 2020 година „Ранчо и Ванчо на Ката“ конечно е препознаено од домашната јавност како уникатно место. Постојано повторувам дека градежните активности можат да се реализираат и за неколку месеци, доколку некој поседува добар финансиски капитал. Но, за да ја смените кармата и енергијата на едно место, растенијата да почнат да живеат со мојата душа, и ластовичките да се огнездат токму на влезот од нашата куќа, еееее за тоа треба време, под услов постојано да се вложува во градинарските работи и во „чистењето“ на куќата. Овде не мислам само на обичното чистење на собите и бањите по заминувањето на гостите – тоа постојано чистење е неопходно за да се исчистат вековите на заеднички живот со животните, сиромаштија и ропство на македонските села и народ. Од друга страна, кога престојувам во мојата куќа, за мене е тоа живот исполнет со радост на создавањето на разни нешта, среќа на собирањето на плодовите од градината, задоволство при подготвувањето на храната и леснотија на спиењето, со еден збор, љубов. Кога велиме „квалитетна услуга“ тука спаѓаат еден мал милион работи, почнувајќи од менаџирањето на резервациите на Booking.com, AirBnb и сите пораки кои ги добивам преку разни комуникациски канали, па сè до, на пример, сувите декоративни цветови оставени во бањите. Помеѓу овие две „работи“ стојат уште огромен број „ситници“ кои треба да се осмислат, да се организираат и да се реализираат. Осмислувањето на овие ситници всусшност е една постојана, рутинска креативност на мојот ум. Само небото е граница за моите идеи, па нивната реализација во иднина ќе зависи најмногу од расположливата работна сила на локално ниво, како и целокупниот инфраструктурен развој кој треба да го обезбедува општината Чашка.