Оскаровките Џенифер Лоренс и Ема Стоун ќе бидат продуценти на нов филм посветен на легендарната кукла од „Мапетите“ — Мис Пиги. Според Variety, проектот ќе биде напишан од театарскиот автор Кол Ескола („Oh, Mary!“). Веста ја откри самата Лоренс во гостување на подкастот Las Culturistas, каде изјави: „Не знам дали можам да го кажам ова, но ќе ризикувам… Ема Стоун и јас продуцираме филм за Мис Пиги, а Кол го пишува сценариото.“
Водителите на подкастот, Боуен Јанг и Мат Роџерс, беа воодушевени и ја прашаа дали таа и Стоун ,кои се долгогодишни пријателки, ќе глумат и во филмот. Лоренс се насмеа и рече:
„Мислам дека да. Треба конечно да направиме нешто заедно — лудо е што досега не сме направиле.“

Мис Пиги е една од најпознатите креации на Џим Хенсон, создадена во 1970-тите од Бони Ериксон и Френк Оз. Таа е позната по својот гламур, темперамент и фразата „Hi-ya!“ кога ќе изгуби трпение. Со својата љубов кон модата и нестабилната врска со Кермит Жабата, Мис Пиги стана симбол на самодоверба и сатира кон холивудската култура.
Овој проект би можел да означи свеж почеток за „Мапетите“, кои веќе неколку години немаат голем филмски хит. Ако Лоренс и Стоун навистина застанат и пред камерата, тоа би било нивна прва заедничка улога , нешто што фановите одамна го посакуваат.
