Во јавниот дискурс доењето често се претставува како природен и инстинктивен процес што се случува „само од себе“. Но, реалноста на многу мајки покажува дека тоа често е период исполнет со прашања, несигурност и потреба од поддршка. Недоволната информираност, контрадикторните совети и недостигот од системска постпартална грижа создаваат дополнителен притисок врз жените токму во периодот кога им е најпотребна сигурност и разбирање.
Со Јасна Апостолски – Николов, дипломирана медицинска сестра, меѓународен консултант за доење (IBCLC) и сертифициран едукатор за психофизичка подготовка на трудници, разговараме за предизвиците на доењето, за митовите што се пренесуваат со генерации, за влијанието на современиот начин на живот врз мајчинството, но и за важноста на поддршката од партнерот, семејството и здравствениот систем.
Во јавниот дискурс доењето често се претставува како најприродна работа на светот, но во пракса многу жени го доживуваат како еден од најтешките периоди по породувањето. Дали проблемот е во биологијата или во начинот на кој современото општество ја оттурна жената од колективното искуство на мајчинството?
Одговорот на ова прашање можам да го дадам најмногу од моето искуство. Мал процент има влијание биологијата и физиологијата на организмот. Живееме во динамично време, а старосната граница на прворотките е значително поместена. Најчесто сме во трка со обезбедување материјална сигурност, а дури потоа се насочуваме кон создавање семејство. Голем процент од бременостите денес се остваруваат со инвитро постапки, често по долг период на лекување на стерилитет, што може да влијае врз примарниот развој на лактацијата. Сепак, со соодветна поддршка имам многу примери кои завршиле со успешни доенечки приказни.
Најголемиот проблем е неинформираноста на мајките и родилките, како и недоволната едукација на здравствениот персонал на ова поле. Од друга страна, постои и агресивен маркетинг на суплементите за замена на мајчиното млеко. Како IBCLC консултант за доење и едукатор за психофизичка подготовка на трудници, веќе 12 години одржувам пренатални часови. Во рамките на тие часови имам два часа посветени на доењето и развојот на лактацијата. Кога трудниците првпат слушаат за целиот процес, често се збунети. Да, тоа е нормален физиолошки процес, но за жал понекогаш се појавуваат потешкотии. Нивните очекувања често се сосема спротивни на реалноста. Кога ќе разберат дека лактацијата е процес кој кај некои жени се развива побрзо, а кај други побавно, поинаку пристапуваат кон доењето и се охрабруваат да ги надминат предизвиците.

Колку психоемоционалната состојба на мајката реално влијае врз лактацијата? Може ли доењето да се чита и како релациски процес, однос помеѓу мајката, бебето и нејзиното чувство на сигурност?
Секако дека влијае. Доилките често поминуваат низ вистински „ролеркостер од емоции“, а хормонските промени дополнително влијаат на нивното расположение. Во овој период тие се многу почувствителни и поранливи од вообичаено. Затоа е исклучително важна поддршката од партнерот, од членовите на семејството, но и од стручно лице, како консултант за лактација, кога тоа е потребно. Деновите знаат да бидат исцрпувачки, со чести подои и малку сон.
Мајките вложуваат огромен напор затоа што таа емоционална врска со бебето е незаменлива. Важно е да се знае дека доењето не е само исхрана. Понекогаш бебето сака да биде на града затоа што тоа е неговата „комфорт зона“. Не секогаш бебињата се на града затоа што се гладни, понекогаш тоа им дава чувство на сигурност и момент на емоционално поврзување со мајката.
Кај нас жените најчесто добиваат многу совети, но малку континуирана поддршка по излегување од породилиштето. Што системски недостасува во постпарталната грижа?
Кај нас родилките често добиваат различни и понекогаш контрадикторни совети. Едно од десетте правила за успешно доење според Светската здравствена организација е сите здравствени работници во една здравствена установа да работат според унифицирани протоколи. Недостасува соодветна и стручна едукација на здравствениот персонал во родилиштата, особено на оние кои се во прв контакт со родилките во првите мигови на доењето. Потребно е и зголемување на бројот на патронажни сестри, како и нивна дополнителна едукација во областа на лактацијата. Во многу земји е пракса патронажните сестри да ги посетуваат родилките повеќе пати во првиот месец по породувањето. Тоа е период кога поддршката е најпотребна.
Често се слуша дека „млекото доаѓа или не доаѓа“. Колку ова е медицински факт, а колку културен мит што создава чувство на вина кај мајките?
Секоја мајка која го носела своето бебе во утробата има потенцијал за развој на лактација. Кај некои жени процесот се развива побрзо, а кај други може да се одвива побавно поради одредени причини: тешко породување, продолжено крварење, царски рез, проблеми со тироидната жлезда, висок крвен притисок, зголемена телесна тежина, полицистични јајници или дијабетес.
Во тие случаи може да дојде до подоцнежен развој на лактацијата, но градата мора да се стимулира. Таа функционира на принципот „побарувачка – понуда“. Ако нема стимулација, нема сигнал за зголемена продукција на млеко.
Првите шест недели, односно првите 40 дена, се период на адаптација на мајката и бебето. Имам многу примери каде почнуваме со неколку капки млеко, а подоцна стигнуваме до ексклузивно доење. Затоа е важна едукацијата во текот на бременоста, за мајките да знаат дека наместо чувство на вина треба да побараат поддршка.

Во вашата пракса, со какви најчести уверувања и погрешни информации доаѓаат семејствата?
За жал, погрешни информации доаѓаат од различни извори, интернет, постарата генерација, но понекогаш и од здравствени работници. Иако доењето е природен процес, тоа е и комплексна наука. Дел од знаењата за лактацијата не се обработуваат доволно во текот на медицинското образование. Затоа понекогаш се случува мајка која излегува од родилиште со преполнети гради да добие совет да земе таблети за прекин на млекото, наместо поддршка за воспоставување на доењето. Во светот постојано се истражува ова поле токму за да се зголеми стапката на доење и да им се помогне на мајките.
Колку начинот на породување го менува почетокот на доењето?
Царскиот рез подразбира употреба на анестезија, која може да влијае врз почетокот на доењето, бидејќи дел од анестетикот стигнува и до бебето. Епидуралната анестезија исто така може да има влијание, но во помал процент. Студиите покажуваат дека мајките кои се породиле со епидурална анестезија имаат поголема стапка на успешно доење доколку добијат поддршка од консултант за лактација во првите денови. Индукцијата на породувањето може да влијае на процесот на отпуштање на млекото, но со соодветна поддршка овие предизвици можат да се надминат.
Современото родителство често носи притисок кон „перфектно мајчинство“. Дали инсистирањето на доење понекогаш може да стане психолошки товар?
Одлуката дали мајката ќе дои треба да биде нејзина. Нашата улога како консултанти е да ја поддржиме и да ѝ помогнеме во процесот. Прашањата како „Дали дои бебето?“ или „Имаш ли млеко?“ понекогаш создаваат дополнителен притисок врз мајките. Тие можат да се почувствуваат како да не прават доволно или дека не се доволно посветени. Имам примери каде притисокот од околината наместо поддршка довел до одбивност кон доењето. Затоа е важно да се почитува изборот на мајката.
Каква улога има партнерот во успешното доење?
Поддршката од партнерот е од огромно значење. Понекогаш за развојот на лактацијата е потребно време, а во тој период мајките вложуваат огромен напор. Непроспиени ноќи, чести подои и емоционални моменти се дел од секојдневието. Во тие мигови поддршката и прегратката од партнерот имаат огромна вредност.
Ако треба да издвоите една информација што секоја жена треба да ја знае пред породувањето, која би била?
Едно се очекувањата, а друго е реалноста. Информираноста секогаш ни помага да бидеме чекор понапред. Породувањето, мајчинството и доењето се природни процеси, но едукацијата може значително да помогне полесно да се надминат предизвиците што ги носи мајчинството.


