Детската облека е првиот допир со чувствителната детска кожа и токму затоа треба да е многу внимателно одбрана, изработена од најквалитетни, органски материјали. Токму такви се брендовите кои се продаваат во Kids Today-мултибренд продавница која во нашата земја донесе голем број европски брендови. За сите новитети, предизвици и работата на оваа е-продавница разговараме со Јасмина Апостолска.
Сопственичка сте на мултибренд продавницата Kids today, која нуди висококвалитетна облека, обувки и модни додатоци, кои го отсликуваат детството во најдобро светло. Како се роди идејата за ваков вид на продавница и што точно таа нуди?
Како и кај многу други мали бизниси идејата доаѓа од личната потреба и љубов кон одредена професија и концепт на работење. Од една страна, имам големо искуство во малопродажба и во развој на онлајн продажба. Од друга страна, мајка сум на две деца за кои отсекогаш сум сакала да носат облека која е пред сè квалитетна, која може да ја наследат и повеќе генерации деца, облека која не следи актуелни трендови, со дизајн кој одговара на детскиот темперамент и со која на некој начин може да пренесеме порака и да ги научиме децата нешто.
Оттаму се роди и идејата за Kids Today – онлајн продавница за деца од 2 до 14 години, каде може да се најдат облека, обувки и модни додатоци.
Понудата која ја нудите е составена од неколку европски брендови, кои нудат квалитет, долготрајност и уникатен дизајн. На кој начин ги биравте брендовите кои се застапени во продавницата и што е заедничка карактеристика на сите нив?
Многу внимателно ги селектираме брендовите кои се продаваат во Kids Today – сите брендови се одржливи, што значи дека материјалите се 100% органски и сертифицирани со најстрогите сертификати за органско потекло на интернационално ниво, се прозведуваат во Европа во фабрики каде работниците работат во соодветни услови и се соодветно платени, и каде се практикуваат процеси за помало загадување на животната средина. Всушност, на светско ниво, проценката за одржливост на одреден бренд, ја сочинуваат овие неколку компоненти.
Во моментов во нашето портфолио имаме шведски, дански, француски, шпански и британски брендови, како Mini Rodini, A Monday in Copenhagen, Bobo Choses, Tocoto Vintage, Young Soles London итн.
Производите се произведени од природни, рециклирани материјали што е голема предност за развојот на одржливата мода. Која е разликата помеѓу брендовите со масовна продукција и еколошко освестените брендови?
Текстилната индустрија е еден од најголемите загадувачи животната средина, а во исто време е и индустрија од која на годишно ниво останува стотици тони отпад од производи кои не успеале да се продадат. На текстилот му се потребни повеќе од 200 години за да се разгради.
Затоа, разликата помеѓу брендовите со масовна продукција и одржливите брендови е голема – еколошко освестените брендови најчесто произведуваат помали колекции, каде се обрнува внимание на секое парче и каде квалитетот и издржливоста се примарни, бидејќи идејата на одржливоста е облеката да биде во употреба што подолго. Дополнително, како што напоменав погоре, освен на потеклото на материјалите, кај овие брендови се посветува особено внимание и на процесите на производство и на условите во кои се работи. Токму затоа, постојат и сертификати како што е GOTS (GLOBAL ORGANIC TEXTILE STANDARD), кој може да го добијат само брендови кои строго се придржуваат кон воспоставените критериуми за производство и дистрибуција на облеката.
Мило ми е што и кај нас купувачите веќе почнуваат да стануваат свесни дека со купување на еколошко освестени брендови придонесуваат кон заштитување на животната средина и кон пофер услови за работа на текстилните работници.
Сезоната на празници и подароци е започната, што треба да се внимава при избор на подарок за деца?
Kвалитетот e на прво место. Исто така и функционалноста на подарокот, дали и колку тој ќе се користи. Дополнителен елемент се разбира е и колку истиот одговара на возраста и сензибилитетот на децата – детскиот свет е прекрасен и преполн со фантазија и токму затоа и подарокот треба да биде во таа насока.
Каков е балансот во парчињата облека за деца кој освен што треба да се модерни, најважно е да се удобни и изработени од квалитетни материјали?
Балансот дефинитивно мора да постои – како и кај возрасните, постојат трендови и во детската облека и во ред е тие да се следат, сè додека и елементот на квалитет е присутен. Јас отсекогаш преферирам и препорачувам облека за деца која изгледа детски и кај која удобноста е примарнакарактеристика.
Во кој правец сакате да се развива Kids todayи на што ќе работите следната година?
Kids Today постои само неколку месеци, но веќе имаме добро портфолио на брендови за кои сме официјални застапници. Во текот на следната година ќе работиме на дополнителна промоција на брендовите кои ги застапуваме, бидејќи иако се интернационално познати, сепак се нови за нашиот пазар. Исто така, како дел од Асоцијацијата за Е-трговија и како сертифициран Е-трговец активно се трудиме да го доближиме онлајн купувањето до македонската публика, бидејќи и тој процес е по-одржлив во својата суштина отколку класичните продавници. Покрај онлајн, нашите производи ќе можат да се видат и на неколкуте showroom настани кои планираме да ги организираме во текот на годината.