Секогаш ќе се сеќаваме на младата докторка, Марија Бунда Калпак и нејзиниот позитивен дух и насмевка, дури и за време на борбата со ракот на дојка. Марија, храбро и отворено зборувајќи за својот предизвик, стана вистинска инспирација за многу девојки и жени кои поминуваат низ истото. Но стана и поттик за сите останати, со нејзиниот повик за редовни прегледи и самопрегледи, со цел превенција и рано откривање. Марија на нејзиниот инстаграм профил, споделуваше едукативни содржини за поддршка , но и за превенција, со нејзиниот слоган: Check your boobs. Борбата на Марија не беше само нејзина лична борба и затоа заслужува да продолжи.
Во нејзино име и чест, иницијативата што таа ја започна, ќе ја продолжи нејзината мисија. Повеќе за тоа, разговаравме со нејзината сестра Ивона Јованоска – Бунда, радиолог во Градската општа болница „8ми Септември”.
Веруваме дека секогаш ќе биде тешко да се зборува за Марија, но ние сакаме да зборуваме за нејзината храброст, нејзината позитивност, нејзината несебичност, дури и во најтешките моменти да ја сподели својата приказна со цел да помогне на останатите. Всушност, продолжувањето на нејзината иницијатива, зборува само за тоа.
Октомври е месец посветен на борбата против рак на дојка. Симболично, вашата иницијативата започнува во овој месец. Главната инспирација за ова е секако Марија и нејзината борба, но што друго ве натера да ја започнете или продолжите иницијативата?
Во едно интервју Марија изјави: „Ако мојата приказна ги поттикне жените на било која возраст да прават редовни прегледи, ќе сметам дека сум ја постигнала целта.“ Отсега ова е и наша цел, цел на иницијативата. Да поттикнеме и да потсетиме колку е важна грижата за сопственото здравје и колку се важни превенцијата и редовните прегледи како главна алатка. Марија преку своите едукативни објави, споделуваше корисни информации за болеста и даваше поддршка на сите кои минуваат низ истиот предизвик. Велеше никој не треба низ ова да поминува сам, на било каков начин сакам да придонесам за полесно проодување на овој трнлив пат, борбата со малигна болест. Токму и тоа беше мотив за нас, да организираме донаторска акција, каде покрај средства за превентивни прегледи, ќе се соберат средства за перики и други помагала за пациентките, затоа што тоа е еден од првите предизвици со кој се соочуваат уште на почетокот на борбата со оваа малигна болест. Марија многумина ја паметат не само по нејзината стручност, туку и по нејзината насмевка, позитивна енергија и неверојатен дух, кој носеше ведрина, мотивација и инспирација. Преку оваа иницијатива се надеваме дека ќе се пренесе дел од нејзината личност и што таа носеше со себе.
Од неодамна, активен е и инстаграм профилот @m_checkyourboobs , на кој ќе се споделуваат сите активности на иницијативата, но и едукативни содржини. Кои се главните цели на иницијативата и на кој начин таа ќе им помогне на жените со рак на дојка?
Марија го создаде овој мотивирачки слоган кој и денес повикува на акција, и затоа е основното мото на целата иницијатива. Обмислено е како една онлајн платформа за споделување на содржини поврзани со ракот на дојка, со цел подигнувања на свесноста за оваа болест, едукација за здравјето на дојките, начини на превенција, поттикнување на самопрегледи, како и специјализарни прегледи на дојки и едукација за истите.
Се надеваме ќе биде инспирација за многу жени да преземаат мерки и да се грижат за своето здравје, што беше и една од целите на Марија. Секако на профилите на фејсбук и инстаграм ќе се споделуваат сите активности и настани поврзани со иницијативата.
На кој начини ќе може да се донира за првата донаторска акција и за што поконкретно ќе бидат наменети средствата?
Донаторската акција ќе биде активна во октомври – месецот посветен на борба против рак на дојка и ќе трае сѐ до 3 ноември – роденденот на Марија.
Во донаторската акција ќе може да се придонесе и учествува на повеќе начини:
- преку платформата ecrowd.mk каде е активна кампања за донации https://ecrowd.mk/projects/ca3cc8f4-db3b-4d44-8705-506b03d180ed
- преку директни донации на трансакциската сметка од здружението кое го формиравме
210-077963230154, НЛБ банка - со повици на телефонските броеви на Телеком 143 143 и А1 143 442.
Со собраните средства од спроведената акција за почеток имаме две цели и тоа: првата е да се набават ваучери од Medicus help за перики, протези, стегачи и лимфедем третмани и други помагала кои им се неопходни на пациентките со оваа дијагноза, а втората цел е со собраните средства да се обезбедат бесплатни прегледи за eхо на дојки и мамографија за ранливи категории граѓани во дел од приватните клиники.
Сите детали околу реализирање на собраните средства во акцијата ќе бидат споделени на профилите на @ m_checkyourboobs.
На кој начин ќе се дојде до оние на кои им е најпотребна помош? Дали има некои конкретни начини на кои планирате да се поврзете со жени кои биле погодени од рак на дојка?
Ваучерите за помагала од Medicus help ќе бидат донирани на Клиниката за онкологија и радиотерапија, и во соработка со онколозите, истите ќе бидат доделени на најранливите категории пациентки. На платформата ќе бидат објавени приватните установи каде што ќе можат да се пријават за превентивен преглед повикуваќи се на оваа иницијатива. Нашата цел е се соберат што повеќе средства и да обезбедиме што повеќе прегледи пред сѐ за ранливата категорија на граѓани, но секако тоа во голем дел останува на самосвесноста на жените кои се пријавуваат, и довербата дека истите нема да се злоупотребуваат.
Кои се понатамошните планови на иницијативата?
Иницијативата ќе продолжи со споделување на едукативни содржини поврзани пред сѐ со подигнување на свеста и превенцијата на ракот на дојка. Понатаму планираме да прерасне во нешто поголемо, со организирање на различни настани, едукации, трибини. Донаторската акција ќе биде традиционална секој октомври, како начин да директно помогнеме барем малку на оние кои им е најпотребно.
Како доктор, што мислите дека недостига во здравствениот систем во Македонија кога станува збор за поддршката на жени заболени од рак на дојка? Кои промени или подобрувања би сакале да ги видите?
Како и во најразвиените системи така и во нашиот секогаш има простор за подобрување и напредок затоа што дијагностицирањето и лекувањето на карциномот на дојка постојано се унапредува.
Според колегите радиолози кои работат со проблематиката на дојка ,Министерството за здравство веќе работи на унапредување на програмата за скрининг на дојка, која успешно се спроведува кај нас повеќе години. Националната комисија за скрининг и рана детекција на рак на дојка постојано работи за воспоставување на протоколи за побрза и поефикасна дијагностика на карциномот.
Можеби би убаво во склоп на тие планови да се вклучи и пружање на психолошка подршка на пациентите како во моментот на дијагностицирањето и првичното соочување со болеста така и во тек на лекувањето.
На Клиниката за онкологија и радиотерапија се лекуваат околу 90% од пациентите со малигна болест во земјава. И покрај огромната оптовареност колегите, што е за голема почит, успеваат да ги згрижат пациентите. Сепак ставање во функција на други онколошки центри во земјава, значително ќе го растерети системот и ќе обезбеди поголема достапност и поефикасно лекување. Исто така ставање во функција на новиот акцелератор за зрачна терапија, која впрочем е вклучена во многу од протоколите на лекување на карциномот на дојка, ќе го модернизира и унапреди истиот.
Бевте дел од борбата на Марија, од каде таа ја црпеше целата позитивна енергија и дали ова искуство ја промени вашата перспектива за животот?
Карциномот на дојка како и секоја друга болест не е само на пациентот. Тоа ги вклучува и засега сите што се покрај пациентот, семејството, пријателите. Едноставно ги менува ставовите за животот и целиот начин на живеење.
Во една пригода кога Марија ја сподели својата приказна ја нарече и пекол, кој сепак и не бил толку лош, затоа ѝ што и донел такви просветлувања, такви дарови, таква љубов и јаснотија. Ќе ја цитирам: „Се почувствував како друг човек, сакав многу работи од животот, но научив дека бесценети се само мирот во себе, семејството покрај себе и среќата што ја носиш околу себе. Бидете благодарни за семејството и за пријателите. Кажувајте им дека ги сакате. Кажувајте им дека ви се битни и гушкајте ги, сакајте ги. Затоа што човек некогаш треба да е во тешка ситуација за да сфати луѓето колку го сакаат.Јас лично сум се изненадила од тоа колку луѓето сакаат да помогнат и колку се грижат едни за други. Така што ценете ги родителите, ценете ги сопружниците, ценете ги децата, сите околу вас што ве сакаат и дајте им љубов.”
Мислам дека сите ги научивме овие работи покрај неа.
Каков совет би им дале на жените на кои неодамна им бил дијагностициран рак на дојка?
Повторно ќе ја цитирам Марија, кога ја прашаа што канцерот смени во твојот живот, дали има позитивни аспекти на кои можеш да се осврнеш?
„Сфатив дека ДА! ИМА! Ги споделувам за сите кои имате или немате канцер без разлика, некои работи кои ги научив како последица на оваа болест.
Секоја тага, секоја болка, секое скршено срце, секоја физичка нелагодност е минливо, dark night of the soul…Сѐ е минливо. Тоа е само screenshot во времето. Сѐ може да се измени утре. Сѐ.”
Ќе додадам само, секогаш да имате предвид дека секој човек е приказна за себе, секоја болест е приказна за себе.Најважно е да не се откажувате никогаш и како што рече Марија:
„Да го живееме секој ден со полни бели дробови. Секој ден да сме благодарни за тоа што сме живи и да се сакаме“.