„Мотоцентар“ е една од најуспешните бизнис-приказни кај нас, синоним за квалитет и носител на тековните трендови и новитети од светот на пневматиците. Деновиве, „Мотоцентар“ ја отвори деветтата продажно-сервисна точка, именувана како „Мотоцентар Галерија“ во рамките на трговскиот центар „Ист гејт мол“, што беше повод да поразговараме со генералниот директор Горан Гроздоски и да ги дознаеме предностите што ги нуди оваа компанија.
Повеќе децении „Мотоцентар“ е синоним за успешна компанија, но и топла семејна приказна. Што ви беше најважно во градењето на брендот и по кои начела работите?
Секоја успешна приказна, без разлика дали е лична или професионална, се базира на неколку основни постулати, како што се чесност, истрајност, мотивација и визија. Уште во дамнешната 1994 година, моите родители ги поставија темелите на „Мотоцентар“ врз овие постулати и со тоа го трасираа патот по кој ние чекориме и ден-денес. Иако нашите почетоци беа скромни, со текот на времето клиентите го препознаа нашиот ентузијазам и мотивацијата да се направи нешто поинаку и подобро. Тие ги препознаа нашите стремежи да изградиме долгорочни и одржливи односи со нив, заеднички да еволуираме и да се адаптираме на нивните потреби, за да нè наградат на крајот со нивната лојалност и доверба. Токму поради тие вредности што се дел од нашата организациска ДНК, „Мотоцентар“ е еден од најреномираните брендови во својата бранша не само во државата туку и пошироко во регионот, синоним за врвна услуга и квалитет целосно фокусиран на клиентот.
Вашите сервисни центри ги одликува рафинирана естетика и, иако станува збор за пневматици, сепак се со врвен ентериер и изглед. Кои услуги се во фокусот на вашето работење?
По завршувањето на моето школување во САД и во Холандија, откако се придружив на тимот на „Мотоцентар“, една од моите први идеи беше да ја променам општата перцепција за тоа што треба да претставува еден сервис за пневматици. Естетиката и визуелното претставување секако дека играат важна улога во иницијалната перцепција и поради тоа отворивме низа продажно- сервисни центри што имаат врвен дизајн и унифициран визуелен јазик, без разлика на локацијата. Меѓутоа, естетиката сама по себе не е доволна. Затоа, освен убавината, нашите сервисни центри ги красат: обучен и љубезен кадар, професионална услуга, најсовремени машини, модерни кафетерии, каде што клиентите можат да почекаат во пријатна атмосфера, најголем избор на пневматици од сите светски реномирани брендови и многу други работи. Водејќи се од потребите на нашите купувачи, како што се зголемена мобилност и сè помалку слободно време, во изминативе неколку години „Мотоцентар“ почна да еволуира од сервис за пневматици во „уан стоп“ сервис за возила. Освен услуги што се поврзани со пневматиците, во повеќето сервисно-продажни центри нудиме широк спектар на сервисни услуги, како што се: промена на масло и филтри, сервисирање на систем за кочење и подвозје, подесување на геометрија на возило, клима-сервис итн. Ова е сѐ со цел на едно место купувачите да можат да ги добијат сите услуги за нивниот автомобил, за да не мораат да трошат дополнително време, одејќи од еден сервис во друг. Нашиот фокус секогаш ќе биде насочен кон нашите клиенти и затоа нашата еволуција ќе се води од нивните потреби и идни очекувања.
Како светската пандемија се одрази на вашиот сектор, кои се вашите идни планови и инвестиции?
Светската економска криза предизвикана од Ковид-19 секако дека имаше негативен ефект во однос на нашето финансиско работење. Меѓутоа, секоја криза е воедно можност да се направат одредени промени со цел полесно да се пребродат последиците од кризата. Токму поради тоа почнавме неколку битни проекти што ги планиравме веќе подолг период, но кризата даде дополнителна ургентност и неодложност. Крајната цел на овие проекти е зголемување на ефикасноста и флексибилноста и намалување на оперативните трошоци. Прво, почнавме имплементација на нов софтвер со цел подобро да ги искористиме новите дигитални технологии за креирање на поголема синергија во нашето секојдневно работење. Второ, почнавме интензивна обука на нашите сервисери поради зголемување на ефикасноста и квалитетот во работењето. Трето, веќе сме во завршна фаза на градење на нашиот нов логистички центар, каде што ќе се применуваат најновите технологии и стандарди во логистичкото работење, сè со цел зголемување на ефикасноста и намалување на трошоците. Четврто, ја обновивме сервисната опрема со машини што ќе ни овозможат поголема брзина, квалитет и енергетска ефикасност. Сакам да потенцирам дека доколку се има правилен „мајндсет“, тогаш секоја криза можеме да ја гледаме како предизвик и можност да се направат одредени промени што ќе нè направат уште посилни кога ќе заврши кризата. Тоа е тој таканаречен мајндсет на раст или „growth mindset“, кој одлучува како одредена организација ги решава предизвиците предизвикани од кризата и дали ќе еволуира или ќе стагнира како резултат на тоа.
Важите за компанија што е општествено одговорна и еколошки освестена. Зашто е важен овој аспект на компаниите и што значи тоа за целокупната заедница?
Како фирма што веќе брои околу 150 вработени секако дека социјалната одговорност е нешто што мора да биде придружен дел од тој успех. Ние функционираме во рамките на нашето општество и секако дека имаме одговорност да придонесеме кон подобрување на социјалните и еколошките општествени аспекти. Во таа насока, веќе неколку години „Мотоцентар“ е еден од поддржувачите на Специјалната детска олимпијада. За таа цел, досега сме организирале низа настани со цел да им го направиме животот на овие деца поубав и порадосен. Исто така, учествуваме во различни еколошки акции, дел самостојни, дел под покровителство на организации, како „Не биди ѓубре“, за да им овозможиме почиста животна средина на нашите деца. „Мотоцентар“ од почетоците е и еден од главните спонзори на сè популарниот битолски турнир во трчање „Трчај бе“, каде што оваа година активно учествуваа повеќе наши вработени. Активно ја поддржуваме нашата колешка Ивана Јовановска, која е една од најтрофејните Македонки во трчање планински маратони, а неодамна успешно ја заврши трката „Еверестинг“, каде што ја совлада висинската разлика на Монт Еверест, качувајќи се на Водно, и тоа целосно боса и без обувки. Секако дека и во иднина ќе продолжиме да поддржуваме вакви проекти и ќе се потрудиме во иднина да бидеме дел од уште повеќе активности во насока на подобрување на општеството и екологијата.