Во импресивниот амбиент на Божиќниот театар во Атина, пред многубројна публика на 4 октомври се одржа големото финале на европската награда за млади модни дизајнери, под патронство на модната куќа Пјер Карден.
Студентката Марија Роглева од Факултетот за арт и дизајн ја освои втората награда и со тоа се пласираше во петте најдобри учесници, во конкуренција на 450 пријавени студенти од повеќе европски земји. Ова е голем успех за младата дизајнерка, која го доближи Европски универзитет и нашата држава до успесите на реномираните европски школи за уметност и дизајн.
Тринаесетте финалисти се претставија со свои креации на заедничка модна ревија. Тројцата добитници на првата награда ќе остварат четиримесечна пракса во студиото на Пјер Карден во Париз. Втората награда, која ѝ беше доделена на Марија и на уште еден учесник, се состои од статуетка и диплома. Наградите на добитниците им ги додели лично Родриго Базиликати – Кјарден, претседател на групацијата Пјер Карден.
Во Атина Марија Роглева ја придружуваше проф. д-р Гордана Вренцоска, под чие менторство се правеа подготовките за финалниот настап.Тие имаа прилика да поразговараат со претседателот на куќата Карден, и да му се заблагодарат за можноста и поддршката што оваа компанија им ја дава на младите модни дизајнери.
Во рамки на целовечерниот настан беше одржана мултимедијална балетска претстава „Танц на галаксиите“, а потоа се одржа модна ревија на висока мода на брендот Пјер Карден. Настанот го проследија повеќе од 1.500 посетители, а беа присутни и новинари од неколку земји.
Марија вели: „Среќна сум за својот постигнат успех, кој го доживувам како голема мотивација за иднината“. За неа ова беше непроценливо искуство, преку кое се стекна со важни лекции за професијата моден дизајнер.