Нашите долгогодишни соработници „Гледај.мк“ слават четири години! Со Јована, која е психолог вљубена во театарот и филмот, и Петра, филмофил залутан во ИТ-секторот, разговаравме за овие четири години, за развојот на идејата и за тоа како е да се пишуваат филмски и театарски рецензии.
Како дојдовте до идејата за „Гледај.мк“, како изгледаа почетоците, со какви предизвици се соочивте?
Јована: Пред десетина години, кога почнав да пишувам критика, немав кој да ме менторира, а и голем дел од медиумите не беа заинтересирани за рецензии. Во 2018 година, одлучив дека е време за иницијатива со која ќе им се олесни патот на младите кои сакаат да се занимаваат со критика, макар и краткотрајно. „Гледај.мк“ немаше да се случи без Атанас (драг пријател и соосновач), тимот на МКЦ (на чело со Русе, Марга и Филип) и менторите Ана, Влатко и Васко. Главен предизвик беше интегрирањето на младите критичари (кои често се „падобранци“ во полето) во пошироката културна фела, особено ако се земе предвид дека во државата немаме формален образовен механизам за критика, а и културата на менторирање е слабо развиена.
Петра: Всушност, јас сум „матурант“ од првиот циклус работилници, па можам да зборувам од поинаква перспектива. Јована, Атанас и менторите не само што нè научија за техникалиите околу продукција на една критика туку и нè подготвија психички во однос на очекувањата и предизвиците со коишто би се соочиле доколку сакаме да го „буткаме“ овој проект за да опстане. И еве нè сега, по четири години и ред поминати фестивали, соработки и проекти подготвени да ја обучуваме и следната генерација. 🙂
Како ги одбирате филмовите или претставите за рецензија? Дали секој од вас има одреден жанр што го гледа или пишувате според желба?
Јована: Од почетокот замислата беше дека ќе биде слободен простор каде што младите ќе имаат можност да пишуваат за што сакаат, ако напишаното задоволува основни критериуми за квалитет, без разлика дали станува збор за инди артхаус филм или најновиот мега-гига-хит-блокбастер. Понекогаш, поради тематска соработка или покривање фестивал, потребен е договор за што ќе пишува секој, но приоритет ставаме на личните желби на пишувачите.
Петра: Секој од нас има омилен жанр што го „влече“, но ако сите избираме само по тој критериум, тогаш преминуваме во субјективна категорија, додека поентата на нашиот колектив е да бидеме објективни. Како што кажа Јована, и покрај комплетната слобода, се трудиме да ги охрабриме пишувачите да излезат од нивната „комфорна зона“, затоа што критичар треба да гледа секакви филмови и претстави. Ако гледаме само тоа што нè влече, ја губиме смислата за критичко размислување и ризикуваме пристрасност. Не мислам дека ниту јас ниту Јована би се развивале во ова поле, ако јас гледам само научна фантастика, а таа само аниме. 🙂
Како изгледа подготовката за пишување? Што е најважно при пишување ваков тип текстови? Што значи да се биде добар филмски и театарски критичар?
Петра: Критичарот треба да биде, пред сè, слободоумна личност која е подготвена да „впие“ различни перспективи и да даде објективен суд. Ова се тренира, и самоедукацијата е клучна. Постојат тон блогови за филмска критика и добра практика е и да се читаат туѓите критики. Секако, клучно е и да се гледаат филмови/театарски претстави од различен квалитет и различна продукција, за да може да се истренира таа објективност за која многу зборуваме.
Јована: Начини на подготовка за пишување има колку што има и критичари – секој на различен начин влегува во менталниот тек потребен за пишување рецензија. Заедничкото кај добрите критичари е тоа што успеваат да создадат мост помеѓу публиката и авторскиот тим на едно дело.
А што е со театарската критика, колку е различна од филмската? Што е најважно да се знае за филмската, а што за театарската критика?
Јована: Театарската и филмската критика се разликуваат во многу нешта, но клучно е тоа што театарската претстава се случува овде и сега и ако трепнете, нема враќање назад (што ја прави театарската критика предизвик од посебен калибар). Филмовите можете да ги погледнете многупати и тие секогаш да се исти, иако можеби вашето читање на филмот ќе се промени.
Имавте и работилници за филмска и театарска критика. Како се одвиваа, каква можност претставуваат?
Јована: Досега направивме четири циклуси во соработка со различни партнери (МКЦ, Beach Film Festival Ohrid & Europe House Skopje), на кои учествуваа 60-тина млади. Освен теорија и интерактивни работилници, сите учесници работат и на авторски текстови за дела по сопствен избор и се директно менторирани (често со многу, многу детален фидбек). 🙂 По работилниците, учесниците се и формално поканети да продолжат со пишување, а ние обезбедуваме влезници и акредитации за настаните што сакаат да ги посетат.
Што научивте од овие четири години со „Гледај.мк“? Во која насока се развивате?
Јована: Научивме дека има многу интерес за филмска и театарска критика, и тоа многу поголем од нашите очекувања. На пример, кога го планиравме претходниот циклус работилници за филмска критика, кој го поддржа EUH Skopje, размислувавме за пет до десет учесници. На повикот пристигнаа дури 47 апликации, од кои на крајот одбравме 15 учесници чиишто текстови испратени во рамките на апликациите беа оценети како најдобри од менторите.
Петра: Оптимистички и полека го развиваме тимот на „Гледај.мк“. Моментално, „администрација“ водиме јас и Јована, но имаме прекрасен тим на пишувачи (посебен поздрав до Марија Лукаревска, Филипа Сара Попова и Севдалина Дамеска), кои многу ни помагаат. Развојот е фокусиран на одржување на повеќе работилници со што би го прошириле тимот на редовни пишувачи, но и „засилување“ кои би ни помогнало со апликации, покривање фестивали во цела Македонија и во странство.
Која ви е препораката за летен филм?
Јована: Наместо летен филм, препорака за два филмски фестивала. 🙂 Појдете на „Македокс“ (18-25 август), сигурно ќе најдете филм во кој ќе уживате!