Инклузијата не е концепт за маргина. Таа е суштинска основа на човечноста и заедништвото. Разговаравме со еден од гласовите што најгласно, но и најискрено зборуваат за потребата од суштинска, не декларативна инклузија – не како институционална обврска, туку како лична и општествена одговорност. Преку inFusion фестивалот, здружението Икуалити и модниот бренд ZEN*, нашиот соговорник не само што урива бариери – тој создава нови простори за прифаќање, љубов и достоинствен живот за сите.
Што значи „инклузија“ за Вас лично, надвор од институционалните дефиниции?
Инклузија е збор кој ја опишува потребата да си дозволиме сите да не понесат човечките вредности. Инклузија нема право да биде збор кој боли секој еден од нас ранливите и со попречености, претставници на 20% од популацијата!
Инклузија сведена на најпрост речник, сфатлив за сите е: Сите сме луѓе и имаме право на квалитетен живот. Ајде да се пронајдеме сите кои сме одговорни ова да се оствари и да работиме на подобрување на состојбата. Не поради друго, сите до еден би можеле порано или подоцна, во текот на животот да имаме отежнато движење, да речеме поради скршена нога или рака, или поради подоцнежна старост, па да сме лица со попреченост или пак да сме мајка со количка која не може да се качи по стрмна и лизгава угорничка. Ова не е состојба на малкумина. Ова е општествено значајна промена, која треба да не засега, оттука и да не мотивира сите!
Како ја гледате улогата на културните настани како inFusion фестивалот во рушење на социјалните бариери?
Ние, од inFusion и Здуржението Икуалити, веројатно не сме ни свесни за значењето на нашата улога. Но, тоа е така кога работите нешто што извира длабоко од човечката душа. Навистина не постои за нас почетна или крајна точка. Тоа е процес, тоа е пасија, тоа е мисија за цели поколенија, не само за нас, денес! На моменти знаеме да подзастанеме и да направиме резиме на сработеното, да размислиме кого се сме поддржале и како таа промена влијае на луѓето и нивните животи. Непрестајно и секојдневно добиваме повици, пораки, мејлови како тоа низ сиве овие 5 години од почетоците на Икуалити, некое младо момче или девојче со попреченост, затворено во четири ѕидови, се охрабрило и излегло од дома, како потоа од дома се охрабрило да отиде на училиште, да запише студии, како родителите кога им било тешко и сме ги поддржале, денес се моќни и можат да им помогнат на своите деца со попречености да живеат нормален и квалитетен живот. Секоја година се појавуваат мотивирани горди претставници на нашата заедница кои отворено и исправено говорат за потребата за надминување на животните предизвици, за општествени непогоди, но и инспираат цели заедници во средината во која живеат. Едно е константа, а тоа е дека додека се будам секое утрои додека дишам нема да престанам да делувам за да создадеме подобра средина за живот за сите, не само за одбраните.
Дали сметате дека македонското општество има суштинско разбирање за поимите „инклузија“ и „еднаквост“, или тие се уште се сфаќаат површно?
i’m Ќе бидам храбар и ќе кажам дека веројатно само 5% ја разбираат суштината, а другите се задоволуваат со тоа што го слушаат, не интересирајќи се што тоа всушност значи за сите нас, за целото општество. Овој збор, денес во XXI век, ни одѕвонува на сите нас во ушите. Па затоа, за да не Ви предизвикуваме на сите нелагодност одлучивме Фестивалот на инклузија од оваа година да се вика едноставно – inFusion фестивал. Нашиот фестивал го создадовме за да Ве привлечеме сите, но нема да употребуваме тешко „оружје“ преку зборовите еднаквост и инклузија. Ќе продреме длабоко до срцето на секој еден од Вас, преку ко-креирање, заедничка забава, ширење љубов, инспирирање. Потоа од точка каде Вашите срца ќе омкенат и ќе не прифатат, ќе работиме на разбирањето, прифаќањето и взаемното посветено и долгорочно делување. inFusion фестивал е многу повеќе од обичен фестивал преку кој во годините кои надоаѓаат ќе рушиме бариери и предрасуди!
Кои се, според Вашето искуство, најсуптилните форми на исклучување што опстојуваат дури и во прогресивно обојени иницијативи и простори?
Ме погоди ова прашање како огнена стрела. Најсуптилните форми на исклучување демнат во соседството(комшиите), демнат во институциите(креаторите на политики и државните службеници), демнат во школството(образовните кадри и децата), демнат во културата(пристап на културниинституции и пристапување на културните работиници), демнат во здравството(пристап на здравствени институции и однос на работниците). Кога се ова ќе го соберете на куп ќе сфатите дека ние сме речиси заробеници во својата сопствена средина, град, држава. Наместо да поставуваме нови мостови помеѓу нас, ние ги уриваме, наместо да ги рушиме ѕидовите, ние ги удвојуваме. Едноставно заборавивме да бидеме луѓе, да дозволиме да ни се случува живот. Наместо тоа, го форсираме да се случи, притоа не внимавајќи на потребите на останатите околу нас, на било кое ниво, било каде.
Кои се етичките предизвици со кои се соочува едно здружение како Equality кога се движи меѓу потребата за партнерства и зачувување на критичката автономија?
Непроспиени ноќи да обезбедите стабилност и одржливост. Едноставно да продолжите со започната борба, да успеете во визијата која ја креирате за подобру утре за сите нас. Благодарам на Бог што неброени пати ме втурна во секакви животни предизвици. Тоа предизвика јас денес дасум човек кој не отстапува од своите принципи и мисија. Благодарам и на Бог што ни ги испраќа луѓето кои вистински не разбирааат, сфаќаат што тоа ние создаваме и зошто е тоа е битно и за секој од нас. Ние, тимот во Икуалити, работиме деноноќно. Нема за нас работно време, нема ден кој трае доволно долго. Но, си ја сфативме нашата улога во општеството и сите чекориме рамо до рамо. Доследни на своите принципи, животни вредности и исклучителна љубов за луѓето. Поддршката, дали институцијална, меѓународна или од приватниот сектор ќе дојде во право време и благодарение на правите луѓе. Е дури тогаш небото е граница за нашите соништа, скриени во еден куп затворени фиокички, за да бидат отворени во тоа право време.
Во каква социокултурна матрица може да настане „инклузија како вредност“, а не како реактивна политика? Што би била улогата на образованието, медиумите и културните институции во тој процес?
Мора да завладее апсолутна доминација на разумот. Потоа разумот, колективната свест ќе создава добрини, добрините потврдени од народот ќе станат вредности сами по себе. Улогата на образованите и културните институции е водечка за да имаме млади кои храбро ќе направат промени, кои ние со децении не успеваме. Медиумите, како посредници, мора да ја дополнат празнината во етерот, каде не смее да има недоречености кога се работи за тоа што е корисно и трансформативно пред се за нив – децата и младите. Преку нашите проекти, ние создаваме и унапредуваме вистински вредности чии ефекти ќе ги почувствуваат младите дури за неколку години. Оваа година преку целото портфолио на Здружението навлегуваме во процес на вклучување на 6-та брзина за промените да стигнат час поскоро, како во образованието(преку проектот „Јас, Ти, Ние, Вие, Тие МОЖЕМЕ“), културата(преку inFusion фестивалот), пристапноста(преку проектот „citiZEN“), но и низ раздрмување на јавната и колективна свест преку инспиративни општествени кампањи.
Кои се три длабоки промени што би сакале да ги видите како резултат на inFusion, не само како културен настан, туку како долгорочен социо-политички проект?
Доминација на младите – свесни за моќта на нивната воља, љубов која ќе инспирира прекрасно место за живеење за сите и водачи кои ќе го сакаат својот народ, а не исклучиво своето сопствено его и најблиската фамилија.
Во ЗЕН, телото не е само објект на облекување, туку и на прифаќање. Како се дефинира естетиката во овој бренд, и каде е границата меѓу функционалноста и модниот израз?
Границата е повторно во перцепцијата на луѓето во модната индустрија. Неисплатливо е да создавате нешто и да го продавате за помал профит – така бар вели стратегијата зад гигантите од модната индустрија од категоријата на брза мода. И ете, и после 60 години од првите проби да се основа глобален бренд за адаптирана облека за лица со попречености, идејата не опстојала, поради немање бизнис и финансиска исплатливост. Македонската публика го препозна брендот ZEN*, кој има посебно место во срцата на тимот од Икуалити. Да направите ревија за индивидуално скроена и прилагодена облека на 31 лице со попречености, каде 45 минути публиката ќе ракоплеска без престан во исто, моќно темпо… Тоа е волшебно, непоимливо и фасцинантно. Јас, како модел во својата младост, полн со искуства од модната сцена, се дрзнувам на оваа модна приказна наречена ZEN* Adaptive Apparel, да направиме македонски моден бренд кој ќе го менува квалитетот на живеење на милиони луѓе ширум светот. Повторно, и за оваа мисија треба инвеститори и партнери кои ќе разберат дека мисијата на ZEN* е поголема од нас и нашето денешно живеење. Милијарди луѓе кои преку нашата облека да го подобрат својот квалитет на живеење.Да резимираме: Факт е дека има милијарди причини за ZEN* да постои и опстои.
Гледајќи наназад од перспектива на активист, што сте научиле од лицата со попреченост за концептот на слобода – не како апстракција, туку како конкретна секојдневна борба?
Преку мојата лична приказна сфаќам колку ние луѓето го земаме животот „здраво за готово“. Не има 20% од светската популација, или од 8 милијарди, речиси една милијарда се лица со некаков тип на попречености. Но јас да прашам? Дали сме свесни колку сме благословени да се будиме секое утро?Да почнеме од основите. Не заборавај: Телото е нашата духовна светост, нашиот дом, тука и денес! Свесно дозволи си да дишеш длабоко, независно од тоа што Те обзема периодот во кој се наоѓаш и предизвиците кои ги надминуваш. Секој ден Ти е подарок да си тука и сега, со тие што ги љубиш, за тоа што го сакаш. Најпосле, пливај низ животот полека свесно и со уживање. Шири љубов. Уривај бариери и предрасуди. Создавај. Менувај, Инспирирај!