Скопје Marriott хотел отсекогаш бил синоним за врвна угостителска услуга и кулинарска извонредност, а со доаѓањето на Дејан Глигоров како нов Executive Chef, гастрономската сцена добива свежа доза на иновација, страст и одржливост. Со искуство стекнато во светски познати кујни, особено во Лондон, Дејан се враќа во својот роден град со амбиција да воведе нови гастрономски трендови и да го подигне нивото на кулинарското искуство во Marriott на светски стандарди. Во ова интервју разговараме за неговата визија, иновативните концепти што ќе ги донесе и како планира да ја интегрира глобалната гастрономија во локалниот контекст.
Од неодамна сте поставен за Executive Chef во Skopje Marriott хотел. Кои се вашите цели за подигање на гастрономската понуда во хотелот и што ќе ви биде приоритет во првите неколку месеци од оваа нова улога?
Исклучително се радувам што повторно се приклучувам на тимот во Skopje Marriott во една нова улога, која за мене претставува чест и предизвик. Во ова ново патување, моја клучна цел е издигнување на гастрономската понуда на уште повисоко ниво и создавање извонредно искуство за гостите, со тоа што Skopje Marriott Hotel ќе остане препознатлив како дестинација која нуди креативната гастрономија и култура според светски стандарди. Приоритет ќе ми биде соработка со локални производители односно користење на исклучително квалитетни состојки и производи при продукција на модерни јадења. Една од главните цели ќе ми биде внесување на концептот на одржливост кој има за цел да ја подигне свеста кај поединецот, како во улога на подготвувач, така и во улога на конзумент на храна. Креативноста и модерните техники на готвење се секако дел од понудата, но со имплементација на трендовите и иновациите во гастрономијата ќе продолжам со тематски вечери, дегустациски менија како и промоција на здрави оброци произведени со нови техники на одржливост што е тренд број 1 во светот.
Како планирате да го интегрирате вашето искуство од Лондон и вашето разбирање за меѓународната гастрономија во локалната кујна на Marriott во Скопје?
Интеграцијата на моето искуство од Лондон и разбирањето на меѓународната гастрономија во Skopje Marriott Hotel ќе биде водено од идејата да се создаде уникатен баланс меѓу глобалното и локалното преку воведување на иновации. Идејата ми е Скопје да биде препознаен и по еден нов концепт на одржливост при подготовка на храна и елиминирање на отпадот, тренд кој во светот е исклучително препознаен, практикуван и почитуван. Гостите во Skopje Marriott Hotel ќе можат да осознаат дека лушпата од банана при подготовка на бургери или колачи, нелупени семки од тиква до хумус,кора од калинка до подобрување на вкусон во многу здрави барови,чај од семка од авокадо,леб и паста од кора од диња и многу други делови од намирниците сите тие не само што го намалува отпадот, туку е едно ново вкусно гастрономско патување. Постојат состојки кои согласно нашата култура и традиција би завршиле во отпад, но новиот концепт нуди нивна употреба при подготовка на храна, а воедно на тој начин ќе го намалиме отпадот и ќе влијаеме проактивно за заштита на животната средина.
Со кои предизвици очекувате да се сретнете во оваа улога, особено во однос на подигање на стандардите и воведувањето нови концепти во Skopje Marriott хотел?
Со внимателно планирање, силно лидерство и постојана комуникација со тимот и гостите, мислам дека сите предизвици можат да се претворат во можности за раст и трансформација на гастрономската понуда на Skopje Marriott хотел.
Дали планирате да воведете нови трендови или концепти во кујната, како што се сезонски менија, дегустациски вечери или теми базирани на глобални кујни?
Приликите во Skopje Marriott Hotel ми се добро познати бидејќи имав удел во минатото за развој на концепти и трендови кои го поставија хотелот во категоријата успешни хотели во Централна и Источна Европа. Освен што ќе имам за цел да се задржат добро воспоставените практики и концепти, планирам да го интегрираме и развиваме концептот на одржливост и да бидеме пример и за другите хотели во нашата земја па и пошироко, со што ќе придонесуваме активно за подигнување на свеста кај секоја индивидиуа. Овој концепт во Обединетото Кралство е добро препознаен и донесе повеќе признанија и награди на Marriott London на национални и меѓународни настани. Ова е концепт кон кој треба секој хотел да се ориентира бидејќи е неопходно не само да бидеме општествено одговорни, туку и планетарно. Понудата на сезонски менија преку користење на квалитетниот зеленчук и овошје во Македонија, креирање на дегустациски вечери во соработка со високо реномираните винарии се концепти кои (ќе) се негуваат. Целта е да се нуди незаборавно гастрономско искуство за секој гостин.
Вашето патување со Marriott трае повеќе од една деценија. Што ве привлече кон брендот Marriott и како вашата страст за угостителство влијаеше на вашето професионално патување?
Моето патување со Marriott трае повеќе од една деценија, и тоа не е само професионална врска, туку вистинска приказна за раст, инспирација и посветеност. Мојата страст кон храната и готвењето беше присутна уште од најрана возраст, и покрај тоа што моето формално образование е поврзано со економијата. Marriott беше природен избор за мене – светска класа во гастрономијата и совршена комбинација на иновација, извонредност и високи стандарди.
Она што ме привлече кон Marriott е нивната посветеност на постојаното учење и развој. Преку врвни обуки, можности за професионално надградување и работа со најдобрите во индустријата, Marriott ми овозможи не само да го усовршам своето знаење, туку и да го пренесам тоа искуство на тимовите со кои соработувам. Истовремено, Marriott поставува високи очекувања и стандарди, кои ги инспирираат вработените да се стремат кон извонредност. Тие вредности се одлично усогласени со мојата визија за гастрономијата– дека храната и услугата не се само професија, туку уметност која креира незаборавни искуства.
Како вашето искуство во Marriott London помогна во развивањето на вашите кулинарски вештини и професионален пристап?
Моето искуство во Marriott London одигра клучна улога во развивањето на моите кулинарски вештини и професионален пристап. Работењето во динамично и високо професионално опкружување како Marriott London ми овозможи да научам многу важни аспекти на гастрономијата, менаџментот и тимската работа.
Работење со високи стандарди, можноста да работам со реномирани личности од гастрономијата, со колеги од различни култури и националности од целио свет, не само што ми помогна да ги збогатам своите познавања за интернационалната кујна, туку и да ги разбирам и ценам различните концепти и традиции.
Што значи за вас враќањето во вашиот роден град и можноста да придонесете за Skopje Marriott од позиција на лидер?
Враќањето во мојот роден град и преземањето на улогата на Executive Chef во Skopje Marriott Hotel е повеќе од професионален чекор – тоа е и лично достигнување и можност да дадам значаен придонес за развојот на локалната гастрономска сцена. За мене, оваа позиција има длабоко значење. Многу сум горд а воедно чуствувам голема одговорност кон родното место, Спој на традиционалното и модерното, придонес кон локалната заедница, лидерство и инспирација.
Кој ќе биде вашиот пристап кон менито на Distrikt и што можеме да очекуваме како гастрономски новитети?
Дистрикт отсекогаш бил препознатлив по својата вешта комбинација на интернационални вкусови со локални инспирации, и мојата цел е да ја зајакнам и прошириме оваа философија. Во наредниот период, еден од најзначајните новитети што ќе го понудиме се месечните вински вечери, организирани во соработка со нашите локални винарии. За време на овие ексклузивни настани, гостите ќе имаат можност да се потопат во неверојатна гастрономска авантура, комбинирајќи врвно вино и префинета храна. Секој месец ќе се креира ново, тематско мени, прилагодено на конкретната винарија и нејзините уникатни вина. Овие менија ќе бидат специјално дизајнирани, различни од она што го нудиме во нашето редовно мени, и претставуваат една несекојдневна можност за уживање во еден поразличен, исклучителен амбиент. Ги поканувам сите љубители на вино и љубители на вкусна храна да не следат на нашите социјални мрежи за повеќе детали и информации, бидејќи ова е искуство што нуди нешто навистина уникатно и незаборавно.
Како успевате да направите баланс помеѓу семејниот и професионалниот живот
Балансот помеѓу семејниот и професионалниот живот е предизвик за секого на оваа позиција, особено во улоги кои бараат висока посветеност и долги часови на работа. За мене, овој баланс е суштински за да останам мотивиран, продуктивен и исполнет на сите нивоа – како професионалец и како член на семејството. Според мене исклучително важна е приоретизацијата, поддршката од партнерот и семејството, добра организација и време, страста кон работата, дисциплина и нормално, грижата за себе.
Верувам дека балансот не е само рамнотежа на времето, туку и на енергијата и вниманието кои ги вложувам во двете области.
Ваша голема страст и пасија е планинарењето, но и воедно се занимавате и со други спортови како трчање, возење велосипед, пливање. Како успевате сето тоа да го постигнете, како успевате да најдете време?
Планинарењето и спортот се мојата страст и моја движечка сила. Без разлика колку е исполнет мојот ден, секогаш наоѓам време за активностите кои ме прават среќен и исполнет. Планините ми се место каде што ги полнам батериите, се поврзувам со природата и уживам во тишината која ги прочистува мислите. Спортовите како трчање, возење велосипед и пливање ми помагаат да останам физички активен и психички фокусиран. Тие се мој начин да балансирам меѓу секојдневниот стрес и личниот мир.
Времето не го барам – го создавам. Знам дека секој миг посветен на тоа што го сакам е инвестиција во моето здравје, среќа и потрага по нови предизвици и цели.