По големиот успех на претходните изданија, Халкбанк со гордост го претставува третото продолжение на кампањата Фустани со џебови— иницијатива која и оваа година го става женското претприемништво во прв план. Кампањата и понатаму го негува својот автентичен пристап и препознатлив глас, но овојпат со нов, значаен фокус: одржливоста. Во Фустани со џебови 3 се запознаваме со шест инспиративни приказни за сопственички на мали бизниси кои не само што создаваат вредност, туку и придонесуваат кон поздрава, поодговорна иднина. Нивните бизниси имаат еколошка основа или пак се длабоко поврзани со принципите на одржлив развој: повторна употреба, природни материјали, нула отпад, локално производство и општествена одговорност. Симболот на фустаните со џебови останува метафора за жената која е самостојна, практична и подготвена да ја носи својата визија со себе — во џебови полни со идеи, решенија и амбиции.Како продолжение на кампањата, на portret.digital ќе бидат објавени интервјуа со нив, преку кои одблиску ќе ги запознаеме нивните животни приказни, инспирации и секојдневни предизвици. Преку овие искрени разговори, ќе добиеме реална слика за патот на една жена претприемач – со сите нејзини успеси, дилеми и мотивации да создава промени.
Во свет исполнет со брзина, обврски и технологија, две другарки одлучија да создадат нешто што го враќа фокусот кон суштинските вредности: блискоста, креативноста и поврзаноста со природата. Моника Крстевска и Маја Стојановска се ко-сопственички на „Ѕуница“ – македонски бренд кој креира мултифункционални еко подлоги и едукативни производи за деца, инспирирани од мајчинството и личните искуства. Во рамки на кампањата „Фустани со џебови 3“ на Халкбанк, разговараме со нив за претприемништвото, екологијата, значењето на женската независност и детскиот развој преку допир, игра и љубопитност.
Како се роди идејата за „Ѕуница“ и што ве мотивираше да започнете сопствен бизнис во еко-секторот?
Во секојдневие каде што списокот со обврски постојано расте, а слободното време и моментите со најблиските се сведени на минути – се прашуваме: каде е смислата на живеењето?„Ѕуница“ се роди од желбата да го поедноставиме и разубавиме секојдневието. Да создадеме производ што ќе внесе практичност, убавина и одржливост во домот и каде и да сме – нешто што ќе помогне обврските да се намалат, а времето поминато со најсаканите да се зголеми. Така ги создадовме Ѕуница подлогите – мултифункционални еко-подлоги со безброј начини на користење, и ниту еден од нив не е „правилен“ или „погрешен“. Сè што е потребно е креативност и желба за секојдневие со смисла.
Со кои предизвици се соочивте како жени-претприемачки при започнувањето на „Ѕуница“, и како ги надминавте?
Како вчера да беше… Сè уште се сеќавам на првата подлога што сами ја искроивме, со свои раце ја сошивме и неуморно ја тестиравме. Сто чекори напред, па сто и десет назад – и така шест месеци, сè додека не го создадовме финалниот производ во три големини, што и ден-денес се дел од нашата понуда. Толку многу мајки, семејства и поединци ни се јавија со благодарност – за тоа што сме им го олесниле секојдневието, а денот сме им го направиле поубав. Токму тогаш почнаа вистинските предизвици: од каде да набавиме материјали, како да ги тестираме, каде да најдеме некој што ќе ни помогне со производството – кројач, шнајдер, принтање на ролни, дизајни за подлогите… Потоа магацинскиот простор, логистиката, организацијата – па дури и прашањето како да им објасниме на луѓето што точно се подлогите и за што сè може да се користат.
Што значи за вас да имате свои финансии и како тоа влијаеше на вашата самодоверба и независност?
Финансиската независност за нас значи слобода, сигурност и избор. Со Ѕуница, не само што создававме производ – туку ја градевме и сопствената самодоверба. Почнавме скромно и секоја продадена Ѕуница ја вложувавме назад – за да создаваме уште подобри производи и да донесеме уште повеќе вредност за нашите клиенти. Растеме и ден-денес, учиме од нашето семејство, внимателно ги слушаме нивните потреби и постојано учиме што е следното што им недостасува.
Како го гледате значењето на џебот како симбол на женската независност, и како тоа се одразува во вашата работа и производи?
Има ли нешто поубаво од тоа да си жена и сама да си го полниш сопствениот џеб?
Колегијално и со насмевка одговараме: Нема. Токму таа сила – да бидеш своја, самостојна и храбра – нè поврза. И покрај тоа што имаме „regular“ 9–5 job, одлучивме да започнеме нешто свое. Изградивме бизнис од нула што ќе ја зацврсти нашата независност и ќе биде потврда дека жената може, знае, создава, води и менува – не затоа што мора, туку затоа што сака и знае точно како. Со срце, со визија и со упорност.
Зошто сметате дека е важно жените да се охрабрат да започнат сопствен бизнис, особено во области поврзани со одржливост и екологија?
Жените поседуваат моќ да создаваат промени и да придонесат за поодговорно и поодржливо општество. Започнувањето сопствен бизнис бара храброст, но токму тој чекор носи сила, самодоверба и јасна визија. Светот денес има потреба од женска перспектива – од нашата креативност, страст и идеи кои водат кон похумано и поодржливо живеење. Како претприемачки, ние често нудиме иновативни и етички решенија за доброто на заедницата и идните генерации. Поддршката на женското претприемништво значи вложување во позелена, порамноправна и посилна иднина. Секоја од нас може – и треба – да биде дел од таа промена.
Како личното искуство и чувствителноста кон детскиот развој влијаеја врз дизајнерскиот пристап на „Ѕуница“ – особено во креирањето на производи што поттикнуваат игра, допир и истражување?
Сказната за нашиот бренд започна со раѓањето на Стела — и затоа Ѕуница секогаш ќе расте заедно со неа и со сите наши најмили. Поттикната од мајчинството и секојдневните предизвици се роди идејата што денес со гордост ја нарекуваме Ѕуница. Од самиот почеток, водени сме од една единствена порака која секогаш ќе ја повторуваме: „Создаваме приказна што го олеснува вашето секојдневие.“ Практичноста, мултифункционалноста и лесното одржување се она по кое се водиме. Од моментите кога подлогата беше прекривка под хранилка за првите оброци на Стела, мала подлога за пресоблекување, па сè до оние први излети во парк – идејата за Ѕуница почна да се проширува. Таа стана повеќе од производ – стана средство за создавање спомени, алатка за поттикнување игра, учење и истражување кај најмалите.
Ѕуница не е само бренд – таа е дел од секојдневието, инспирирана и создадена од љубов за сите оние кои секој ден го гледаат како можност за нова авантура.
Во вашиот дизајн се преплетуваат естетика и функција, но и суптилна едукација. Како успевате низ формата и материјалот да поттикнете и когнитивен развој кај децата?
Учењето може да биде забавно – а со Ѕуница, тоа е и игра која трае со часови. Како колешки од Архитектонскиот факултет, низ студиите често работевме на проекти поврзани со градинки, училишта и едукативни простори. Тие искуства ни беа првата инспирација: дека секојдневието треба да едуцира – со боја, форма, простор и содржина. Токму така настанаа нашите подлоги со едукативни принтови – азбуката, бројките, соларниот систем… Се учи и кога си на пикник во парк или на под во дневната – низ игра, низ разговор, споделување и љубопитност. Како природен продолжеток, почнавме да изработуваме и дрвени фигури, букви и бројки – за учење преку допир и развој на моторика. Соработуваме со мали бизниси како Monkdolls и Preplet, затоа што веруваме во заедницата и во вредностите од нашето детство – вистински игри, дружење и екраните да ги оставаме на пауза… барем за малку.
Зошто е важно од најрана возраст децата да имаат контакт со природни текстури и материјали – и што им дава тоа што технологијата не може?
Децата најдобро учат преку сетилните искуства. Преку сетилата тие осознаваат како да го разберат светот околу нив и да изградат вештини за понатамошно учење и развој. Иако технологијата е неизбежно секојдневие на секој од нас, потребно е да се постават граници – особено кога станува збор за најранливата група – децата, бидејќи технологијата влијае врз развојот на имагинацијата и правилниот раст и развој. За разлика од технологијата, која е пасивна и вештачка, реалниот свет и природата нудат објективна, тактилна и отворена средина за учење и игра. Контактот со природата, природните материјали и текстури игра клучна улога во детскиот сензорен развој, емоционалната стабилност и поврзување со светот околу нив.Ѕуница е токму тоа – создадена да инспирира, да поттикне љубопитност, желба за учење и да остави трајни спомени преку различни игри, активности, прошетки, дружења и споделување на моменти.