По успешната прва сезона на настани, Коалиција Маргини се враќа со „Родот и градот“ со нова серија разговори кои ги испитуваат врските меѓу културата, феминизмот и градот како простор на мислење и отпор.
„Родот и градот“ е серија на настани низ кои ги разгледуваме различните аспекти на родовата еднаквост – пред сѐ културни и општествени, како таа се разбира меѓу поединците и колективите, но и предизвиците со кои се соочуваме при нејзиното спроведување.
Овојпат ни се придружуваат Румена Бужаровска и Билјана Црвенковска, авторките од Македонија чиишто книги завршија во финалниот регионален книжевен избор „Штефица Цвек“ за 2025 година. Разговорот ќе го водат Марија Бошковска и Душица Лазова, кои оваа година беа дел од жирито на изборот.
Четвртото издание на книжевниот избор „Штефица Цвек“ собра повеќе од 100 наслови од регионот, барајќи ги оние што ќе внесат феминистичка и бунтовна енергија во современата книжевност. Во потесниот избор се најдоа дела што не тежнеат кон совршенство, туку кон немир – кон отворање простори за нови стварности и субверзивни читања.
На овој настан ќе зборуваме за феминистичките гласови во литературата, за книжевноста како отпор, и за тоа како приказните можат да ги преобликуваат нашите заедници и светови.




Приказни од Ѕунливото Море, Билјана С. Црвенковска, (ID-Концепт / Чудна шума, 2024)
Оваа книга за деца би им ја препорачале на сите читатели, и големи и мали, затоа што станува збор за приказна која изобилува со имагинација, а сепак се занимава со вистински и актуелни „жешки“ теми. Во магичниот универзум кој Црвенковска го гради, преку авантура по авантура, протагонистот Ален јасно комуницира теми како врсничко насилство, предрасуди за родовите улоги, еколошка свест и прифаќање на различностите. Преку соништата и откривањето, Ален расте и стекнува храброст да им се спротивстави на насилниците, а процесот на иницијација е вешто изграден и соодветен за најмладите читатели. На јазично ниво, книгата не разочарува: изразот е чист и јасен, додека јазикот зрачи со разиграност. Оваа разиграност е постигната со смело воведување на новоизмислени зборови и со оживување/актуелизирање на некои малку заборавени изрази. Јазикот тука има клучна улога во градењето на наративната динамика што го вовлекува читателот во светот на Ѕунливото Море.
Тони, Румена Бужаровска (ТРИ)
Во романот „Тони“, Румена Бужаровска храбро се оддалечува од женската перспектива што го обележа нејзиниот досегашен творечки опус и создава нарација од аголот на еден емоционално дисфункционален/нарцисоиден маж. Јазикот што го користи е јасен и остар, а нарацијата динамична и постојано изненадува со нови пресврти. Ова, во комбинација со вештата употреба на хумор и иронија, го прави романот лесен за читање и интересен, и покрај непријатноста што ја создава следењето на мисловниот тек на антихеројот Тони. Духовито и искрено, Бужаровска, користејќи се со исповедна нарација, нè вовлекува во светот на Тони — свет кој е продукт на емоционалната незрелост, патријархатот и неговата класна привилегија што директно произлегува од таткото. Токму тоа го прави романот лесен за читање, но тежок за процесирање. Поради тоа можеме да кажеме дека во оваа регионална селекција „Тони“ се издвојува како потребен, провокативен и незаборавен.
,,Родот и градот“ е серија на настани низ кои ги разгледуваме различните аспекти на родовата еднаквост – пред сѐ културни и општествени, како таа се разбира меѓу поединците и колективите, но и предизвиците со кои се соочуваме при нејзиното спроведување.
Коалиција Маргини



