Во понеделник, на 16 декември 2024 година, со почеток во 20 часот, во Националната галерија на Република С. Македонија, објект ‘Мала Станица’, ќе се отвори самостојната изложба на младата мултидисциплинарна уметница Мила Добревска “Ескапизам: Меморијата и идентитетот”.
Мила, неодамна магистрираше на Академијата за ликовни уметности во Равена, Италија со специјализација во современ мозаик. Активен член e на Друштво на Ликовни Уметници на Македонија (ДЛУМ) и МАРТЕ асоцијација за современ мозаик.
Досега имала бројни групни изложби и натпревари на интернационално ниво, од кои издвојуваме Националниот музеј на Равена, Manica Lunga- Biblioteca Classense во Равена, Teatro Sperimentale во Пезаро, Националната галерија Чифте Хамам на Република Македонија во Скопје, Музејот на современа уметност во Скопје, Паратисима во Торино и „Chapelle du lycée Fulbert“ во Шартр. Досега Мила има реализирано три самостојни изложби од кои првата беше во МКЦ, Скопје во 2022 година, потоа заедно со галеријата Пионери Арт Платформ во Барселона во 2024 и третата во Љубљана, Словенија исто оваа година.
За изложбата:
Обредите, традициите и начинот на славење отсекогаш биле дел од нашата културна и лична приказна. Тие не само што ги поврзуваат генерациите, туку претставуваат и форма на ескапизам – моментална пауза од секојдневието и бегство во светот каде што симболиката, редот и заедничкото ја надминуваат индивидуалната реалност.
Ескапизмот е универзална човечка желба да се оддалечи од барањата на реалноста и да се најде прибежиште во имагинацијата, соништата и моментите на блаженство. Без разлика дали тоа е преку краткотрајна мечта, ритамот на танцот или живописните шари на народната традиција, ескапизмот ни овозможува моментално да го надминеме обичното и да се поврземе со нешто поголемо – нашето внатрешно јас, со културните корени или дури и со нашите најголеми фантазии.
Самостојната изложба на Мила, >Ескапизам: меморија и идентитет< го истражува човековиот копнеж за ослободување преку живи, емоционално наполнети дела инспирирани од македонското наследство и модерната интроспекција.
Во делата на Мила, ескапизмот станува мост меѓу минатото и сегашноста. Македонските традиции, како орото или сложените дезени на везовите, со генерации служеле како бегство, нудејќи радост, заедништво и отпорност во тешки времиња. На сличен начин, нејзините смели и контрастни композиции нè повикуваат да размислиме како денес создаваме моменти на занес – преку уметност, имагинација или саморефлексија.
Делата на Мила одекнуваат со живописни бои и текстури, црпејќи инспирација од народниот вез и колективната енергија на македонската култура. Овие елементи се испреплетуваат за да ја прикажат двојноста на ескапизмот – мали паузи на задоволство или големи мечтаења полни со надеж. Делата не се само визуелно уживање, туку и покана за размислување:
Дали ескапизмот е само бегство, или е и пат за рефлексија и лична трансформација?
Како традициите, кои некогаш биле прибежиште, стануваат дел од нашиот модерен идентитет?
Што значат обредите и уметноста во контекст на современите човечки „занеси“?
Придружете ни се на 16. декември во Мала Станица на вечер исполнета со уметност, истражување и интроспекција на Ескапизам: меморија и идентитет.
Нека делата на Мила ве инспирираат да ги прегрнете сопствените бегства.
Куратор на изложбата и критичен текст од Стефан Александар Јовановски
Изложбата е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија и КомшиLOOK.
Линк за изложбата: https://www.facebook.com/share/1DmfUE57kk/