Елеонора Венинова, режисерката на нејзиното долгометражно деби „Преекспонирано“, за „Портрет“ вели дека свесно ја одбрала приказната што сакала да ја раскаже во филмот, а темата некако сама се наметнала во текот на целиот процес. „Преекспонирано“ имаше проекција на престижниот Кански филмски фестивал, се прикажа и во неколку други градови, а доби и специјална награда од фестивалот „КинЕст фест 2023“ во Катанија, Италија. Филмот се занимава со комплексните релации што произлегуваат од комуникацијата помеѓу луѓето, конкретно помеѓу тројцата главни ликови, глумени од Камка Тоциновски, Благој Веселинов и Сара Климоска.
Со оглед на тоа што „Преекспонирано“ ви е прв долгометражен филм, какво беше искуството за време на снимањето во споредба со претходната работа на серии и кратки филмови?
Работата на долгометражен филм е секако покомплексна, подолготрајна и во многу нешта различна од снимањето на краткометражен филм. Во некои сегменти е слично на снимање серија, пред сè, во обемот на работа, траењето на снимањето и слично, така што секако дека работата на кратки филмови и серии беше одлична подготовка за снимањето на „Преекспонирано“. А сепак, снимањето на филмот беше најстресно и најисцрпувачко од сите мои претходни проекти.
Како ја избравте темата на филмот, што ви беше важно да раскажете?
Темата на филмот не ја одбрав свесно, свесно ја одбрав приказната што сакав да ја раскажам и како што работев на неа, на трите лика одвоено, но и на нивните меѓусебни односи, темата некако сама се наметна во текот на тој процес. Впрочем, таа тема – комуникацијата меѓу луѓето отсекогаш ме интересирала, најпрвин кога работев како новинар, а и сега кога работам на филмови и серии, но секако на филм таа тема се обработува на поинаков начин.
Има една реченица во филмот што особено ги отсликува меѓучовечките односи: „Кои работи се неискажани помеѓу нас?“ Колку сметате дека особено долгите и блиски релации и врски помеѓу луѓето можат да „трпат“ тајни и неизговорени нешта, кои можат значајно да влијаат на нивната релација?
Мислам дека тие блиски врски и најмногу „трпат“ неискажани работи и тајни во име на „мир во куќа“. Едноставно, некогаш на луѓето им е полесно да премолчат некои работи отколку да се соочат со последиците од кажувањето или вадењето на површина на сите тие тајни и премолчени нешта. Без разлика дали е тоа неверство или некоја тајна поврзана со пари, други луѓе, деца, родители и слично, отворањето на таа тема се чини многу поболно отколку живеењето во лага, т.е. одржувањето на статус квото. Ова доаѓа делумно и од сознанието дека многу врски веројатно и би се распаднале кога партнерите директно и искрено би си го кажале она што го мислат еден за друг или за врската во целина. И затоа молчењето се чини како полесна варијанта.
Колкав предизвик беше да се пренесат тие сложени интимни релации во филмот и тоа само со тројца ликови?
Тоа беше и најголемиот предизвик во филмот – да се зборува за некажани работи преку ликови кои не комуницираат. Тогаш се наметнува дилемата – што ќе гледаме во филмот и за што ќе зборуваат овие луѓе? Но, работев со навистина добри актери и тие во голема мера ми помогнаа во оживувањето на овие ликови и на нивниот внатрешен свет.
Каков предизвик беа дијалозите, што ви беше важно при градењето на ликовите и изборот на актерите?
Затоа што ликовите на Ана и Филип се тие што имаат проблем да комуницираат, нивните дијалози се во голема мера интелектуални. Оттаму, голем дел од нештата што ги мачат, тие ги изразуваат преку нивната работа, т.е. разговори за она што го работат. Кај ликот на Маја, кој е многу поотворен и помалку инхибиран, дијалозите се поспонтани, репликите се подиректни и таа не се плаши да го каже тоа што го мисли. Ми беше важно да има ваква разлика во дијалогот и начинот на говор. Во принцип, на глумците им оставам простор да ги менуваат репликите и да ги приспособат за да им бидат поприродни затоа што, сепак, тие се оние што треба да ги „оживеат“.
Вашето искуство надвор од нашата земја се отсликува и со соработка на „Преекспонирано“ со колеги од Словенија и Велика Британија? Како се одлучивте за соработка со нив, како ве инспирираа и придонесоа за целокупниот развој на филмот?
Соработувам со колеги од странство на секој мој филм. Тоа се наметнува некако природно, затоа што многу патувам, имам живеено во различни земји и сето тоа ми влијае на начинот на кој работам и луѓето со кои соработувам. Со кинематограферот Лев Предан Коварски се запознавме кога работевме на омнибусот „SEE Factory“, кој имаше премиера на Кензен во Кан во 2019 година и веќе имав гледано неколку негови кратки филмови што многу ми се допаднаа. Така решивме да соработуваме заедно, поголем дел од соработката, за жал, се одвиваше онлајн заради КОВИД, а сепак научив многу од него. Тој припаѓа на полската школа на кинематографија и навистина има специфичен пристап кон филмот и воопшто кон улогата на фотографијата во филмот. Со Линзди Рајт се запознавме преку еден заеднички колега, слушнав некои нејзини композиции, ми се допаднаа и откако се запознавме (повторно онлајн) ми се допадна и како личност и сфатив дека имаме сличен сензибилитет. Соработката со неа одеше многу лесно и дефинитивно повторно би сакала да работиме заедно.
Колку научивте и напреднавте од престојот во другите земји и соработката со разни професионалци во полето на филмот, и во однос на професионален развој, но и на личен, приватен развој?
Живеењето во странство е навистина скапоцена можност, не само за проширување на хоризонтите во поглед на запознавање нови култури туку и за спознавање на себеси. Кога се наоѓате на ново и непознато место и кога морате да се приспособите на нови начини на функционирање во секојдневниот живот, тоа е одличен тест за личноста, за вашиот степен на толеранција, издржливост, но и за идеите и вредностите што ги имате. Земјите и градовите во кои живеев или престојував подолго време се многу различни еден од друг. Лос Анџелес е сосема различен од Адис Абеба, на пример, и „тренира“ различни аспекти на вашата личност. Берлин и Лондон се можеби слични, но кога ќе ги запознаете одблизу ќе сфатите кои аспекти на таа т.н. западна култура ви се допаѓаат (или не) и дека таа воопшто не е така хомогена како што мислиме кога ја пакуваме во изразот „на Запад“. Професионално, во секое од овие места работев на развој и специјализација од областа на филмот и телевизија, така што дефинитивно сите овие искуства ми помогнаа да се усовршам професионално, но и точно да сфатам што сакам да работам и како тоа сакам да го работам.
Кои беа вашите први проекти, како се сеќавате на вашите почетоци во режија и сценарио, што особено паметите?
Моите први проекти датираат од 2003-2004 година кога уште студирав и се занимавав со новинарство. Во 2004 година со колегите од младинската продукција „Криејтив ејт“ направивме едноминутно видео на тема адолесценти, кое доби награда од УНИЦЕФ во 2005 година. Тоа беше моја прва награда за какво било аудиовизуелно дело, ни ја доделија во Њујорк и сето тоа беше исклучително возбудливо и ми помогна да се насочам повеќе кон филмот. Таа година го напишав и моето прво долгометражно сценарио врз основа на неколку книги што ги прочитав за пишување сценарија. Сега ми е тешко да го читам тоа сценарио затоа што ми се чини очајно лошо. Секако дека минав и период на правење герила-филмови што сама ги продуцирав, режирав, монтирав… Мислам дека секој/а режисер/ка има еден или неколку такви човек-филм проекти. Првиот од тие проекти се вика „Долг пат до дома“ и е видеоесеј што го документира моето утринско патување од дома до работа во Адис Абеба. Го снимав скришно, со камера скриена во ракавот од јакната, бидејќи во Етиопија е забрането снимање на јавни површини без одобрение од полицијата. Го направив, пред сè, за да им го доловам животот во Етиопија на моите пријатели, но на крајот имаше премиера на еден фестивал во Германија, така што тоа беше неочекуван успех. Првиот „вистински“ филм со буџет, глумци и професионална екипа ми е „Влакна“, кој го снимив пред точно десет години, во јули 2013 година, и до ден-денес ми е еден од омилените филмови.
Како би ја споредиле режисерката и сценариската работа, бидејќи денес многу често во македонските филмови се забележуваат сценарија, а и режии, што се занимаваат со важни општествени теми и односи, особено меѓу младата генерација?
Сценаристичката и режисерската работа се многу различни. Пишувањето сценарија подразбира самотност, долги денови и ноќи минати пред компјутер или празен лист хартија, додека режисерската е подинамична и подразбира работа со многу луѓе во исто време. Во секој случај, кога ги работите двете работи/позиции, можете многу полесно да ја доловите темата што сакате да ја третирате, бидејќи нема опасност од разногласие околу тоа со што се занимава филмот, што честопати се случува кога имате различен сценарист и режисер. Во однос на темите, се согласувам дека денешните македонски филмови се занимаваат со теми што ги засегаат помладите генерации, како со и важни општествени прашања и мислам дека тоа е, секако, една од причините за успесите што ги има нашата кинематографија во последните години.
Според вас, во која насока се движи македонската кинематографија, има ли простор за младите професионалци да добијат шанса и колку е потребна институционалната поддршка во развој на филмот и културата?
Мислам дека нашата кинематографија во последните години докажа дека има исклучително талентирани и квалитетни автори, кои редовно имаат филмови на најголемите и најзначајните фестивали, но за жал, институциите не го гледаат тоа и упорно го кратат буџетот за филм во нашата земја. Секако дека кога е криза државата може да штеди, но упорното „штедење“ преку кратење на средствата на култура, наместо на други тотално непродуктивни трошоци што ги прават јавните институции, е погрешно и погубно. Поддршката на младите автори и културни работници, не само на полето на филмот туку и генерално во културата, е инвестиција во иднината и во одржувањето на нашата посебност и најдобар начин за промоција на нашата култура и на нашиот јазик во странство.