Во нејзините песни тивко ѕвони времето на старите шлагери, на уличките полни сенки и љубов што трае подолго од една сезона. Елена Васова пее за носталгијата што не ја доживеала, но ја носи во срцето. Во неа среќаваме уметница што не брза да стигне, туку избира да создава внимателно, длабоко и со отворено срце. Зборувавме за „Љубов“, старо Скопје, искреноста како отпор и патот кон себеси преку музика.
„Ми вети сон“, твојата песна со Ненад Стефановски – Брус, звучи како музичко писмо од едно друго време. Спомна дека инспирацијата доаѓа од шлагерите и старо Скопје. Што сакавте да оживеете со оваа песна – емоционално и културолошки – и зошто тоа време те повикува толку силно како уметник?
„Ми вети сон“ е авторска песна во соработка со прекрасниот Ненад Стефановски-Брус (Kungfoolish), дел од неговиот албум „Wu Wei”, издаден од страна на лондонскиот лејбл Village Live Records. Приказните на баба ми и дедо ми, за едно Скопје каде летото не завршува, зимите се огреани со љубов, а есента води кон надеж-пролет. А музиката… Медови… Искреност, љубов, наивност и бол. Нешто што оставило печат, и сѐ уште се слуша. Тоа чувство, се потрудивме да го доловиме во „Ми вети сон“. Носталгија за нешто што не сум го доживеала…Се обединивме со копнеж за едно поедноставно време, каде не сме избрзани да успееме под притисок од нереални стандарди, изолирани од квалитетите што ни ги нуди животот. Сите сме замолчени од цензура, од страв и желба да бидеме сакани, да се вклопиме во медиокритетот. „Љубов” е мојот втор сингл. Срцето го оставив на тацна, влегов комплетно ранлива и искрена во процесот на пишување. Нема многу да зборувам, мислам дека текстот на песната кажува сѐ. Можеби ќе ја најдете својата „Љубов” во некоја од строфите.
Огромен ветар во грб ми беа Ади Имери, Ненад Стефановски-Брус, Петар Лукиќ, Мартин Џорлев и Милош Спасов, кои ми помогнаа песната да зазвучи токму како што замислував.
Облека: Ангела Бикова
Како гледаш на својот музички пат досега – од првите обиди до денес? Кои се моментите кога почувствува дека си пораснала уметнички, дури и кога можеби немало јавна видливост?
Многу работи се имаат променето од првите обиди до денес, се менувам и јас. Чекорам по пат кој ми причинува среќа, тој фактор ми е важен и сакам да го одржам. Сѐ повеќе дозволувам да се потпрам на сопствената интуиција, и сфатив дека опкружувањето е исто многу важно. Секое животно искуство ме тера да растам. Од концерти, до секојдневни разговори, апсолутно сѐ може да инспирира.
Во време кога многу музичари се фокусираат на „брз“ успех и алгоритми, ти изгледаш посветена на внимателно градење на звук, текст и атмосфера. Од каде доаѓа таа желба за длабочина и развој, и што значи за тебе „успех“ како музичар?
Да срочам на кратко – тоа сум јас. Сакам сѐ да правам искрено, со љубов и полно срце. Успех за мене ќе биде ако публиката го препознае тоа и ако до крај останам таа.
Како композиторка и пејачка, колку просторот за женски авторски гласови ти изгледа отворен денес? Се чувствуваш ли како дел од сцена што расте – или сè уште се бори да биде препознаена?
Чувствувам како да има простор за сите, иако постои стигма, дигиталната ера ни нуди многу квалитети кои паметно можеме да ги искористиме. Пркнуваме сѐ повеќе и многу сум среќна поради тоа. Ние, младите артисти, треба цврсто да се држиме меѓусебе, да се потрудиме да изградиме еден музички свет без стигма, его, со ширум отворени врати и подадени раце за нашата македонска култура.Тука е, ја имало и секогаш ќе ја има. Процесот е тежок, особено во простор каде фокусот е постојано зашеметен, но мора да бидеме храбри и истрајни.
Што би сакала да истражиш следно – музички, текстуално или визуелно? Има ли нешто што досега не си си дозволила да го пробаш, а те влече во себе како предизвик или лична трансформација?
Следен фокус ставам на правење албум, истражувам некој поразличен звук од тоа што го имам издадено досега. Сѐ уште се пронаоѓам себеси.Процес е, некогаш и патешествие, но одвај чекам да видам каде ќе ме однесе.