Она што за многумина е крај на едно утринско уживање, за него е почеток на уметност. Создадена тивко, бавно, слој по слој, голтка по голтка, со трпение и длабока посветеност. Како што треба да се пие кафето. Делата на Драган Божино не се само визуелни композиции, туку тивки сведоштва на мигови, мисли и чувства – нераскажани, но почувствувани, впишани во хартија со талог што некогаш бил нечија шолја кафе.
Со него не зборувавме само за техниката за сликање со талог од кафе, туку и за пристапот кон уметноста – како избор да се работи внимателно, доследно и со почит кон процесот, дури и кога тоа значи побавен пат до резултатот.
Сликање со талог од кафе не звучи баш како нешто што се учи на академија.
Kако се роди оваа уникатна идеја? Имаш ли „прво кафе“ што го паметиш како почеток на твојата кафе-уметничка приказна?
Точно е на факултет учев многу за формата, линијата, бојата, разни техники, вештини и медиуми… но некои нешта не се учат туку се откриваат. Не доаѓаат од учебник, туку од животот, од секојдневието, од еден случаен миг што буквално ти го менува патот.
Идејата да сликам со талог од кафе се роди сосема случајно, уште во 2012, додека се спремав за факултет. Секое утро започнуваше со турско кафе, тоа беше мојот мал ритуал на тишина и вкус. Тоа утро, кафето ми се истури врз хартиите што ги цртав. Немав време да го соберам, го оставив и излегов од дома. Кога се вратив видов дека од талогот се формирала силуета налик на балерина. Изгледаше навистина убаво и мистично…како кафето да ми раскажа приказна. Буквално.
Така започна мојата кафе-уметничка приказна – не со четка, туку преку случајност и љубопитност.
Колку кафиња мораш да испиеш за да собереш доволно талог за еден портрет и уште поважно, колку испиеш додека го црташ?
Ова дефинитивно е едно од најпоставуваните прашања! Хаха.
Одговорот секогаш зависи од самата слика – нејзината големина, комплексност и емоција што треба да ја пренесе. Понекогаш доволна е една шолја кафе, а некогаш, искрено, се троши цело тенџере.
Она што практикувам и ми е особено важно е секогаш да користам талог од испиено кафе затоа што верувам дека секое испиено кафе носи момент, мисла, чувство. Таа „испишана“ енергија потоа се пренесува во сликата. Не сакам да користам кафе „залудно сварено“. Сметам дека секој талог треба да има своја приказна, па дури и вкус на сеќавање.
Од сите можни бои и техники, зошто баш талог од турско кафе? Случајност или љубов на прва голтка?
Убава е секоја техника, навистина. Не верувам дека постои „погрешна“ уметност. За мене, уметноста е перцепција, енергија, емоција… и секој уметник заслужува аплауз, не само за делото, туку и за времето, за трудот, за „борбата“ да се изрази себеси.
Јас сум експериментирал со многу различни техники, бои, метеријали… но во еден момент почувствував дека треба да создадам нешто што ќе ме оддели од останатите… нешто што ќе биде мојот визуелен потпис. Кафето ми дојде „случајно“, но јас не верувам во случајности. Верувам дека некои нешта се појавуваат како знаци, а на нас е дали ќе ги препознаеме. Јас го препознав.
Талогот од турско кафе не беше само материјал туку беше љубов на прва поглед, текстура, боја, мистерија на хартија… И од тогаш не се разделивме.
Како изгледа процесот – дали талогот го подготвуваш на некој специфичен начин, или едноставно користиш талог од испиено турско кафе?
Како што и погоре споменав, практикувам секогаш да го користам талогот од испиено кафе. Не само од практични причини, туку затоа што верувам дека тој талог веќе има поминато еден мал живот, низ нечија дланка, мисла, здив. Тоа му дава посебна енергија и посебна емоција.
Секако, по самото пиење не оди веднаш на хартија туку има еден мал „алхемиски“ момент. Преку години проби и грешки, научив како да го стабилизирам со состојки и хемикалии за да не избледува и не паѓа од хартијата. Ми требаа две ипол години да ја усовршам формулата, а толку време и да сфатам дека и кафето има свој карактер и бара трпение.
Процесот сам по себе е предизвик – особено првите неколку слоеви. Сликаш… а потоа гледаш како сè исчезнува кога ќе се исуши. Тоа беше најтешкиот дел – да верувам во нешто што го нема уште. Но, откако ќе се постават основните слоеви, полека почнува да се појавува формата, како да се буди од внатре.
Она што ме фасцинира е што талогот, иако изгледа монотоно во шолјата, на хартијата се претвара во цела палета кафени нијанси. Секоја текстура, секој потег е жива реакција. За мене, тоа е доказ дека убавината не е во тоа што го гледаме, туку во тоа како го гледаме.
Дали постојат други уметници што изработуваат слики со талог од кафе?
Она што досега сум го истражил е дека постојат многу уметници кои користат кафе за нивните дела, но најчесто ја користат самата течност, односно бојата на кафето како акварел. Тоа е прекрасна техника и резултатите знаат да бидат одлични.
Но она што мене ме издвојува и што го прави мојот пристап навистина уникатен, е тоа што го користам исклучиво талогот… она што останува на дното, она што обично се фрла… и да, токму таму, во она „безвредното“ се сретнавме. За мене, талогот е како суров поетски материјал… органски и жив. Можеби баш затоа ми стана толку својствен. Не го одбрав – тој ме најде мене. (се смее)
Сè уште не сум сретнал некој што работи на ваков начин, а можеби и не постои некој конкретен „припадник на истиот правец“. Од денешна перспектива можам да кажам дека се чувствувам убаво што успеав да го оформам овој јазик, сосема природно, во свое време и свој стил.
Дали твојата уметност „пие“ само турско кафе, или си експериментирал и со други видови?
Признавам – сум пробал и со еспресо, и со инстант, па дури и со некои егзотични мешавини… но турското кафе е стара љубов и секогаш се враќам на него. (се смее)
Во текот на годините направив многу експерименти. Секоја врста кафе остава различна текстура, различна нијанса на кафеава боја, па дури и различна енергија на хартијата. Иако визуелно изгледаат слично, талогот од секое кафе се однесува различно кога го сликаш.
По цели 13 години работа со оваа техника, точно знам кое кафе ми треба за одредена слика – како што музичар бира инструмент по тоналитет. Така и јас можам да препознаам кое кафе „слика“ меко, а кое има поагресивна текстура. Но сепак, турското кафе останува мојот најчест избор. Не само поради бојата или густината на талогот, туку затоа што секоја шолја има свој ритуал, па и самата слика започнува со еден мал момент на мир.
Најголем дел од моите уметнички дела се изработени со талогот од турското кафе. Тоа е мојата база, мојот мирис на утро, и мојот најверен уметнички сојузник.
Што сè користиш како алатка за сликање?
Во моето ателје, алатка може да биде сè што ми ја разбранува инспирацијата. Класичните четки се тука, секако, но не се секогаш првиот избор. Често користам лажици, шолји за кафе, дрвени стапчиња… а некогаш, кога моментот е интензивен, ги користам и сопствените прсти – директно, инстинктивно, како продолжение на мислата.
Кога работам, најважно ми е да бидам потполно присутен. Да ја слушам сликата и да ја одржувам конекцијата со неа. Секоја површина бара различен пристап, различен допир. Некогаш нежно, некогаш грубо.
Уметноста нема строги правила – таа бара искреност, не дозвола. Затоа верувам дека вистинската алатка не е предметот што го држиш во рака, туку чувството што го води движењето.
Како реагираат луѓето кога ќе сфатат дека не се боја, туку кафе?
Реакциите на луѓето се навистина прекрасни и полни со љубопитност, воодушевување и искрена почит. Често прво го гледаат делото, ја чувствуваат енергијата… и дури потоа прашуваат: „Со што е насликано?“ Кога ќе кажам дека е талог од кафе, обично следува момент на тивко неверување, а потоа насмевка и многу прашања. Тоа се тие магични моменти кога уметноста станува дијалог.
На почетокот некои луѓе не веруваа дека е можно да се создаде нешто толку детално и живо од талог. Но сметам дека времето ги сруши тие сомнежи. Делата почнаа сами да зборуваат за себе.
Последната изложба ми го потврди тоа – луѓето не само што ги гледаа сликите, туку ги чувствуваа. Ми дадоа до знаење дека не само што вреди да продолжам со оваа техника, туку дека ги допира – не само до очите, туку и до срцето. И тоа ми е најголема награда.
Ако би морал да го опишеш твојот стил како филџан турско кафе, како би изгледал? Интензивно, со длабоки слоеви, или можеби како кафе што се пие бавно и остава долготраен вкус?
Ако мојот стил беше филџан турско кафе… ќе беше оној што те гледа од аголот на масата и мириса на нешто што си го заборавил, ама ти е драго што си го пронашол.
Интензивен – да. Со длабоки слоеви – апсолутно. Но и кафе што се пие бавно, свесно, со паузи за размислување.
Слоевите? Слоеви има – не од шеќер, туку од вистина. Понекогаш горчливи, понекогаш меки но секогаш искрени. А на дното…талог кој не гата туку сведочи. Затоа што мојот стил не предвидува туку остава траги. И секоја трага знае зошто е таму.
Кои се твоите следни планови? Дали може наскоро да очекуваме нова изложба?
Искрено, планови има многу…. толку многу, што понекогаш и сами си прават ред. (се смее)
Во моментов не можам да кажам точно кој проект ќе се реализира прв, но верувам дека ќе биде оној што му дошло вистинското време.
Има еден проект на кој што работам уште од 2019 …. Сè уште не е целосно завршен, но не брзам бидејќи не сака да излезе предвреме. Го почитувам тоа. Не сакам уметноста да ја терам со календар туку сакам таа мене да ме поведе кога ќе биде спремна.
А нова изложба? Да, таа е секогаш некаде во воздухот. Ќе се случи.. не затоа што мора, туку затоа што ќе се роди природно, кога делата ќе бидат подготвени да зборуваат. И тогаш ќе биде токму тоа што треба да биде.
Следете го Драган на инстаграм @dragan.bozino
и Facebook: www.facebook.com/DraganBozino.