Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за финансии, Фатмир Бесими денес го презентираа новиот Концепт на даночна реформа. Дел од концептот е и намалувањето на стапката на ДДВ од 18% на 5% за производи за менструална хигиена. Новите даночни реформи ќе стапат на сила од 1 јануари.
Новата даночна реформа е дел од Стратегијата за реформа на даночниот систем (2021-2025), каде се утврдени главните цели на даночните реформи, поставени во пет приоритети.
Целиот концепт е поделен на четири групи, кои се однесуваат на различни категории.
Токму во четвртата група на даночни решенија се опфатени неколку нови иницијативи во делот на данокот на додадена вредност, односно во регулатива за повластени даночни стапки.
„Една од новините во оваа група мерки е намалувањето на стапката на ДДВ од 18% на 5% за производи за менструална хигиена како наш придонес во борбата со менструална сиромаштија. Имено, врз основа на иницијативите од страна на група пратеници како и од граѓанскиот сектор, со новиот концепт на даночна реформа направивме решение кое ќе овозможи поголема достапност на овие производи до сите жени и девојки независно од економската положба и куповната моќ“, изјави Ковачевски.
Пред самиот крај на 2021 година, кога на седница на Град Скопје се гласаше Буџетот за 2022 година советниците го изгласаа и амандманот со кој се предвидуваат средства кои ќе бидат наменети за бесплатни менструални производи за девојчињата во средните училишта. За оваа мерка Градот издвои буџет од 2.000.000 денари. Предлагач беше советничката Теодора Крстевска.
Според студијата “Менструална правда: проценка на состојбите со менструалната сиромаштија и препораки за унапредување на политиките”, една жена во текот на својот живот троши осум месечни плати само за трошоци поврзани со менструални производи и лекарства за менструална болка. Жените и другите лица кои менструираат, а кои заработуваат минимална плата, за да ги исплатат трошоците поврзани со менструацијата и здравјето треба да работат повеќе од една година, односно точно 1 година и 1,7 месеци.
Од податоците од анкетата произлегува дека во просек жените и девојките трошат по 265,54 денари на производи за менструација. За илустрација, годишните трошоци за обезбедување на менструални производи претставуваат 0,08294% од вкупните расходи планирани за Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година.
Една од препораките во студијата беше токму намалување на данокот на додадена вредност од 18 проценти на 5 проценти на производите за менструација со цел намалување на продажната цена на овие производи. Ова се одлични вести бидејќи од 1 јануари со намалување на ДДВ менструалните производи ќе бидат подостапни за сите.