Македонската кантавторка Дина Јашари, една од најсуптилните и најинтригантни авторски гласови на новата музичка сцена, го претстави својот прв студиски албум со наслов „Растенија без корен“ — интимен и комплексен запис на едно креативно созревање.
„Овој албум го носи пулсот на три години живеење, растење, преиспитување, тишина и бучава. Песните се снимани на различни локации, во различни моменти и со различни луѓе. Не можам да го ставам во жанровска рамка – албумот е шарен, жив, органски и, пред сè, искрен,“ вели Дина за албумот што содржи девет песни, сите со своја атмосфера и приказна.
Дина Јашари со години гради свој уникатен музички свет, во кој нежниот вокал, поетските текстови и суптилните аранжмани се преплетуваат во минималистички, но длабоко емотивен израз. Препознатлива по својата искреност и кревкост, но и храброст да експериментира, Дина ја освои публиката уште со првите песни како „Дома“, „Таму негде“ и „Песна за тебе“.
Со „Растенија без корен“, таа отвора ново поглавје – целосно авторски и концепциски оформен албум, кој нежно, но одлучно ја поставува на мапата на најзначајните музички автор(к)и во регионот.
Креативен тим и звучен свет
Албумот е создаден во соработка со нејзините долгогодишни музички соработници:
- Лука Тошев (гитара)
- Драган Теодосиев (тапани)
- Андреа Мирческа (бас)
- Драги Иванов (микс)
Дина е авторка на сите песни – и музички и текстуално – а аранжманите ги обликува внимателно, мешајќи акустични изведби со електронски текстури, создавајќи интимна, понекогаш меланхолична, но секогаш топла звучна слика. Дел од песните се снимани и во студиото „Алшар“, во соработка со продуцентот Ивица Јанкуловски.
Особено внимание привлекува дуетот „Кревка“, во кој Дина соработува со Пијан Славеј (Фолтин), Дуке Бојаџиев и Лука Тошев – песна што на суптилен начин ги спојува различните генерации и музички јазици.
Визуелна естетика и присуство
Визуелниот идентитет на албумот е дело на фотографката Александра Костадиновска и стилистката Сара Стојчевска, а целиот проект е придружен со девет визуализации и текстови достапни на YouTube. Албумот може да се слуша на Spotify, Apple Music и сите други дигитални платформи.
„Секоја песна има своја енергија, своја смисла. За првпат во мојот процес пуштив повеќе луѓе да влезат во мојот свет – и се покажа дека тоа беше најдоброто нешто што можев да го направам,“ додава Дина.