Светските трендови во козметиката одамна го надминаа класичниот поим за убавина. Денес, фокусот е на чисти формули, органски состојки, етички стандарди и одговорност кон планетата. Во Македонија, една од првите што се осмели да внесе ваков пристап е Ирена Б. Гогова, основачка на онлајн продавницата Nomi and You. Со неа разговаравме за тоа како локалната публика реагира на глобалниот подем на органската и веган козметика, какви предизвици носи изградбата на ваква култура и како изгледа иднината на Nomi and You.
Глобалниот подем на органската, веган и халал козметика е веќе тема во светските медиуми. Како ја гледате подготвеноста на пазарот кај нас да стане дел од овој тренд?
Пазарот кај нас е значително помал во споредба со светските, но има една многу важна предност – жените се отворени за новини и сакаат да експериментираат со квалитетни производи. Верувам дека токму сега е моментот кога гледаме поголема желба за clean beauty и за брендови што носат сертификати и гаранции, наместо само убаво пакување. Жените кај нас отсекогаш се грижеле за својот изглед, но сега се забележува и една нова димензија – грижа за здравјето и за иднината на нашите деца.
Затоа одлучив да донесам брендови како INIKA Organic, глобален лидер со над 100 награди за иновација и одржливост, и RAWW Cosmetics, млад австралиски бренд кој покажува дека органското може да биде забавно и шарено. Верувам дека овие приказни ќе ја инспирираат и нашата публика.
Дали забележувате културна промена кај домашните потрошувачи и како Nomi and You ја поттикнува таа еволуција?
Да, апсолутно. Сè повеќе жени прашуваат што содржи производот, дали е органски, дали е безбеден во бременост, дали е навистина веган – нешто што порано ретко се случуваше. Ние ја поттикнуваме оваа култура преку транспарентност: на веб-страницата детално ги објаснуваме состојките и сертификатите, а јас ја пренесувам и мојата лична приказна. Со години живеев во Австралија, таму првпат се запознав со светот на органската козметика и лично ја почувствував разликата. Кога се вратив тука, секое набавување беше предизвик. Тоа ме мотивираше да ги донесам овие брендови кај нас, за да бидат достапни за сите жени.
Што значат сертификатите „органско“, „веган“ или „Plastic Neutral“ за потрошувачите?
Овие ознаки за потрошувачите значат сигурност и доверба. Сертификатите се доказ дека независни тела го провериле секој чекор – од состојките до пакувањето. Тоа не само што гарантира чист состав, туку носи и резултати што жените директно ги гледаат на својата кожа. Кога ќе се спојат сертификат и видлив ефект, тогаш се создаваат нови навики и лојалност.
Со вклучување на брендови како INIKA и RAWW, Nomi and You го носи светскиот стандард кај нас. Каква трансформација очекувате кај локалната публика?
Очекувам вистинска промена на навиките. Жените кај нас сè повеќе ќе бараат транспарентност – не само од глобалните, туку и од локалните брендови. Верувам дека ќе се создаде свест дека убавината не е само тоа што го гледаме во огледало, туку и чувството на сигурност кога знаеме дека користиме производи кои се безбедни и создадени со почитување на етички стандарди. Дополнително, овие брендови се активни поддржувачи на иницијативи како CleanHub, преку кои се собира и рециклира пластика што инаку би завршила во океаните. Со тоа не само што се придонесува за поздрава планета, туку и за самодовербата на секоја жена што избира вакви производи.
Во време кога терминот „природно“ често се злоупотребува, колку е важна едукацијата за разликата меѓу „природно“ и „сертифицирано органско“?
Тоа е еден од најважните предизвици. „Природно“ денес може да значи било што – дури и ако производот има само 1% природен екстракт. Но „сертифицирано органско“ е сосема друга приказна. Тоа значи дека независни тела направиле детална проверка и дека производот ги исполнува најстрогите критериуми. Затоа едукацијата е клучна – за жените кај нас да ја разберат разликата и да не ги прават своите избори базирани само на маркетинг.
Колку изборот на ваков тип козметика претставува чин на одговорност кон себе и кон планетата?
Изборот на органска и сертифицирана козметика е повеќе од рутина – тоа е свесна одлука. Како мајка често размислувам за иднината и за светот што ќе им го оставиме на нашите деца. Секој мал избор има големо влијание – дали ќе поддржиме бренд што користи одржливи практики или ќе останеме во рамките на старите навики. Кога жените избираат вакви производи, тие не само што инвестираат во својата кожа, туку и придонесуваат за подобра животна средина. Тоа е чин на одговорност кој ја надминува убавината како тренд и станува дел од нашата животна филозофија.
Со кои предизвици се соочува Nomi and You кога носи светски сертифицирани производи на локален пазар?
Предизвиците се повеќеслојни – од административни и регулаторни процедури, до сложена логистика. Да донесеш сертифицирани производи значи да поминеш низ многу проверки и документи, но тоа го гледам како дел од мисијата. Тешко е да се биде прв што отвора пазар за нешто ново, но во исто време е и голема привилегија. Се радувам што жените веќе го препознаваат тоа и се подготвени да инвестираат во квалитет – токму тоа е мојата најголема мотивација.
Каква визија имате за иднината на Nomi and You?
Nomi започна како козметичка платформа, но мојата визија е многу поголема. Сакам постојано да ја збогатуваме палетата на clean брендови – нешто што недостига кај нас. Во иднина гледам внесување на уште неколку австралиски и европски clean beauty брендови, организирање pop-up настани и едукативни работилници, како и градење соработки со дерматолози и шминкери. Но Nomi е и начин да се отвори дискусија за пошироки прашања на одржливост, како загадувањето на воздухот. Сакам секоја жена која ќе избере Nomi да знае дека прави двоен избор – за својата кожа и за планетата. Верувам дека оваа еволуција ќе го претвори Nomi од локална иницијатива во движење што ќе ја промени културата на убавината во Македонија.