Од стартап, чија приказна започна во 2015 година, Brainster го одбележува својот осми роденден како водечка компанија за образование во Македонија. Со иновации, постојан раст и трансформација, успеавме да влеземе меѓу топ-500 најуспешни компании во земјава, врз основа на вкупната нето-добивка за 2022 година.
Со текот на годините, преку иновативните образовни програми кои ги нуди Brainster, оставивме трага во животот на повеќе од 11.500 студенти. Овие студенти не само што се стекнаа со нови знаења, туку и ги совладаа вештините потребни за професиите на 21-от век.
Благодарение на предноста на моделот на практично наспроти класично образование, студентите добиваат шанса за поперспективна иднина и кариерен напредок. Всушност, само во изминативе две и пол години, 734 наши студенти успешно се вработија и ги започнаа своите кариери од соништата.
Додека го славиме осмиот роденден на Brainster, симболично ги споделуваме најзначајните 8 достигнувања:
1. Од стартап до лидер во образованието
Нашата приказна започна во 2015 година како стартап компанија, со ограничени ресурси и тројца вработени. Првата година броевме 205 запишани студенти. Интересот на студентите во следните години постојано расте. Денес, Brainster е лидер по бројот на запишани студенти, со заедница од над 11.500 алумни за осум години.
„Нашите студенти кои се сè побројни, бараат повеќе висококвалитетни можности за учење и да бидат вклучени во индустријата. И годинава очекуваме да запишеме рекорден број студенти, што е потврда дека треба да ги следиме нивните потреби и очекувања“, вели Петар Ниновски, основачот на Brainster.
2. Академии сертифицирани од факултет
Втората година од своето постоење, направивме промена во методологијата на учење и од кратки курсеви се пренасочивме кон сеопфатни академии отворајќи ја првата Академија за Front-End програмирање. Во 2017 година го зголемивме портфолиото со две нови академии: за Full-Stack програмирање и за дигитален маркетинг.
„Суштината на новата методологија е проектно-базираното учење кое црпи од знаењата и искуствата на долгогодишни експерти од индустријата кои го сочинуваат обемниот тим на инструктори и професори. Учење преку работа на реални проекти, пак, придонесува тие активно да се вклучат и да го почувствуваат успехот по завршување на проектот “, вели Петар Ниновски.
Денес, осум години подоцна, Brainster нуди 11 академии: Software Testing, Дигитален маркетинг, Full-Stack програмирање, Front-End програмирање, Графички дизајн, Data Science, UX/UI дизајн, Човечки ресурси, Project & Product менаџмент, Академија за лидерство и менаџмент, како и Front-End програмирање на Brainster Albania. Сите академии се сертифицирани од акредитираниот ИТ-факултет Brainster Next College.
3. Иновации и автоматизација
Програмите на академиите постојано се надградуваат, а за тоа најзаслужен е тимот за иновации. Всушност, иновацијата и автоматизацијата се дел од организациските вредности кои ги негуваме. Во секој еден од организацијата се крие иноваторски дух и секој придонесува во процесот на иновацијата – нови методи, бизнис модели, продукти и идеи во креирањето значителен импакт врз пазарот. Преку автоматизација се овозможува организацијата да се посвети на учење, растење, иновирање, континуирано подобрување и фокусирање на активности кои даваат вредност и на организацијата и на клиентите.
4. Student Success тим
Поттикнати од идејата студентите да добијат вистинско насочување во образованието според нивните интереси и квалитети, во 2018 година ја заменивме класичната студентска администрација, односно т.н. „студентски прашања“, со програма за поддршка на студентите водена од Student Success тимот. Овој тим се грижи за одржување на квалитетот на програмите и задоволството на студентите, со цел да им овозможи успешно да ги совладаат сите предизвици во текот на образовниот процес и да ги подготви за следниот чекор – влез во индустријата.
„Ваквиот пристап на студентите им дава самодоверба и уште за време на студирањето ги подготвува да одговорат на предизвиците во индустријата во реално време како што се роковите, а притоа и да ја поттикне нивната иновативност, критичко размислување и вештини за решавање на проблеми“, вели Бранкица Василева, тим лидер на Student Success тимот.
5. Партнерства со индустријата
Практичното знаење и искуството, како и работата на реални проекти, се клучни во трансформацијата на студентите во „вработливи“ индивидуи, атрактивна за компаниите. За тоа е задолжен Partnerships тимот на Brainster, кој ги поврзува студентите и компаниите. Преку склучени соработки со партнери од индустријата, со работа на реални проекти и преку програмата за препорачување таленти, овој тим игра клучна улога во кариерите на студентите, за време на, но и по завршување на нивните студии.
Првото партнерство беше склучено во 2019 година, а сега остваруваме соработка со повеќе од 150 компании од Македонија и од странство.
„На студентите им овозможуваме работа на реални проекти во текот на учењето на сите академии на Brainster и на Brainster Next College. Покрај реалните проекти, организираме и хакатони и многу предизвици кои им овозможуваат на студентите практична примена на она што го научиле. Реалните проекти им нудат многу вредно искуство на студентите бидејќи учат како да комуницираат со клиентите, како да ги пренесат нивните барања во проект и да го покажат сето знаење што го стекнале на практичен начин. Притоа, постојано се водени од нивните ментори“, вели Јана Тодоровска, тим лидер на Partnerships тимот. Таа ни сподели дека само во последните две и пол години се бележат 734 вработени студенти на Brainster.
6. Дигитално и хибридно учење
Додека пандемијата со Ковид-19 за многу организации, особено за образовните институции, претставуваше вистински проблем и направи голем застој во процесите, нашата организација во годината кога сите застанаа, 2020 ја создаде Дигиталната платформа (LMS) за структурирано учење. Таа претставува комплетно решение за одржување на предавањата преку онлајн комуникациски софтвер, спроведување на наставни планови и следење на успехот на студентите.
„Следејќи го искуството од ваквиот начин на учење можам да кажам дека тоа немаше негативно влијание врз искуството и успехот на студентите, како и на вработените и инструкторите, напротив им ги овозможи сите неопходни алатки за непречена ефективност и одржување на нивото на квалитет на наставната програма“, вели нашиот основач, Петар Ниновски.
Исто така, Brainster во 2021 година го имплементираше хибридниот начин на учење. Воведе две нови академски програми, односно Академијата за човечки ресурси и Академијата за Project & Product менаџмент.
7. Brainster Next College – прв практичен ИТ-факултет во Македонија
Во 2022 официјално ги отворивме вратите на Brainster Next College, првиот акредитиран практичен ИТ-факултет во Македонијa, создаден врз основа на најдобрите практики на Brainster и со студиски програми акредитирани од МОН. Колеџот ги нуди тригодишните студиски програми за Софтверско инженерство и иновации и Примена на информациски технологии – дигитален дизајн и интерактивни технологии, а за кои има голем интерес од студентите.
Brainster Next College е единствен во регионот на Југоисточна Европа кој нуди уникатен модел за финансирање на тригодишните додипломски студии – „Студирај сега, плаќај по вработување“. Тоа значи дека студентите плаќаат 0 денари за нивното образование, сè додека не дипломираат или се вработат, па тогаш и почнуваат да ја исплаќаат школарината на 36 рати без камата, што во принцип им овозможува целата сума да ја плаќаат од платата преку првото вработување.
8. Проширување во соседството – Brainster Albania
За крај, едно од најновите и најзначајни достигнувања е проширувањето во соседството, односно отворањето на Brainster Albania и лансирањето на Академијата за Front-End програмирање.
„Албанија се издвои како соодветен избор за наш втор дом од неколку причини, како на пример: големиот број млади луѓе во целокупната популација, динамиката на развој на тамошната ИТ- индустрија и заложбата на државата за нејзина поддршка, како и недостигот на понуда која ќе ја следи побарувачката на ИТ-индустријата за соодветно обучени кадри“, вели Стефан Смиљаноски извршен директор на Brainster Албанија.
Постојат уште бројни успешни приказни и достигнувања што го одбележуваат постоењето на Brainster. Но, не би биле верни на својата мисија доколку овие успешни приказни не ги претвориме во предизвици за одговорност кон студентите и заедницата за понатамошно иновирање и унапредување на образованието на иднината.