Андријана Костова Петровска и Димитар Петровски, познатиот двоец Ани и Дими, стојат зад објективот на некои од највпечатливите фотографии во нашата земја. Со години ја претвораат својата страст и естетика во кадри што зрачат со ведрина и емоции. Нивните фотографии не се само уметност туку и инспирација за еден поинаков, поведар поглед на животот.
На кој начин вашата лична врска влијае врз вашиот фотографски израз и како ја користите меѓусебната динамика за да создадете автентични визуелни приказни?
Андријана: Тоа што сме животни партнери ни помага да бидеме искрени во критиката на нашите дела и еден со друг да си бидеме најдобрите критичари. Се надеваме дека тоа ни помага да бидеме подобри во работата и постојано да напредуваме. Од друга страна, си знаеме каква естетика има секој од нас и си се надополнуваме постојано во работата.
Имам впечаток дека по големиот број успешни едиторијали, кампањи и фотографии, веќе не наоѓате предизвик да работите модна фотографија. Што е причината, како изгледа македонската модна сцена низ вашиот објектив?
Димитар: Не сум сигурен дека има една главна причина за тоа, туку дека е збир од повеќе фактори. Дел сигурно е презаситеност од таквата фотографија и барање нов предизвик, дел е дека понекогаш ни пречи импровизацијата во тој тип сесии, секако дел се релативно помалите буџети за модните фотки. Голем проблем што го имам со модната фотографија/модата кај нас е што личи како да потпадна под притисокот на турбофолкизацијата на општеството – па, наместо да се држи чекор со некои светски трендови, ми личи како да отидовме наназад, па сега кај нас се создаваат дела во стил што бил популарен во Бугарија и Србија пред 15-20 години. И не сакам да судам, секој со своето, но едноставно не се чувствувам дека припаѓаме во тој стил.
Фотографијата како медиум може да биде најрелевантен доказ на реалноста, но истовремено може да биде и длабоко субјективна. Какви чувства сакате да будат вашите фотографии?
Андријана: Важно е да будат некакви чувства, какви и да се. Затоа што фотографираме во неколку различни жанрови – комерцијална, модна, портретна, продуктна – во секоја од тие дисциплини треба да погодиме различна емоција што понекогаш е предизвик. Но, да ти одговориме на прашањето: сакаме нашите фотографии да пренесуваат чувство на ведрина и да оставаат „feel good“ емоции кај луѓето.
Како се справувате со предизвикот да одржите креативна автентичност во фотографирањето за комерцијални цели, каде што креативната слобода често е ограничена од барање на клиентот?
Димитар: Секогаш се трудиме да оставиме наш впечаток врз фотките без оглед на тоа колку се ограничени барањата – се трудиме да ја доловиме таа ведрина и да фатиме автентични емоции кај моделите. Од друга страна, мислам дека повеќето од клиентите знаат како работиме, па нè бараат за проекти во кои нашиот стил се вклопува убаво.
Употребата на AI во фотографиите го редефинира процесот на креативно изразување и истовремено отвора многу прашања за автентичноста и идентитетот на авторите. Како гледате на влијанието на вештачката интелигенција врз фотографијата, дали ја збогатува или ѝ се заканува на човечката креативност?
Димитар: Ова е сфера во која имаме поделени ставови – од една страна АИ функционалностите во софтверот за обработка се фантастични и ептен ни ја олеснуваат и забрзуваат постпродукцијата. Од друга страна, она што се креира како „АИ арт“ и се наметнува како замена за фотографијата, многу често ми изгледа кич и реално, чкарт уметност. Се надеваме дека по овој период во кој сите се возбудени по АИ како the new shiny thing, ќе дојде период кога пак сите ќе се вратат кон нормална фотографија – слично како што се врати популарноста на аналогната фотографија и на винилот.
Дали постои одреден фотографски жанр или проект што особено ве привлекува и сакате да се развивате во тој правец?
Андријана: Неодамна си зборувавме дека сакаме да фотографираме арт фотки – нешто што би можело да се испечати и да изгледа убаво закачено на ѕид. Можеби не во насока во која сакаме да се развиваме, туку како сегмент во кој сакаме да се пробаме, како нешто различно наспроти фотографијата што ја работиме професионално.
Како ја гледате 2025 година во контекст на вашата работа и личниот развој? Кои се вашите најголеми желби, цели и визии за иднината како креативен и животен тандем?
Да имаме доволно проекти што ќе ни овозможат да бидеме слободни да уживаме во животот, да поминуваме време со децата, да патуваме, но и да работиме на некои наши поуметнички фотосесии.