„Кога со така тешки маки ќе направиш нешто добро и квалитетно и кога таквиот филм ќе постигне и меѓународен успех, тогаш државата се гордее со тоа и го прикажува и како нејзин успех.“
Режисерката Ана Андонова зад себе има низа награди и признанија за својата работа. Но уште поважно во себе носи голема љубов и ентузијазам за идни проекти и голема мотивација да биде уште подобра и поуспешна. Со нас поразговара за досегашната своја работа но и за многу други детали поврзани со нејзината професија.
Вашиот филм „Секунда… до вечноста“ влезе во финалната селекција на филмскиот фестивал Lisbon Film Rendezvous во Португалија. Какви се вашите впечатоци од оваа номинација и што за вас лично значи овој успех?
Филмот „Секунда… до вечноста“ е снимен во 2017 година кога имав 17 години. Досега, според мене, тој е мојот најуспешен филм кој има и претходно освојувано многу награди во нашата држава и надвор од неа. Овој краток филм со неговата естетика, силна порака, филмска изведба, и секако извонредната монтажа, ми зборува дека заслужува да се натпреварува со другите филмови не само на домашно туку и на светско ниво. Поради тоа сѐ уште го пријавувам на разни филмски фестивали. Токму затоа номинацијата на филмот да биде во финалето на филмскиот фестивал Lisbon Film Rendezvous во Португалија беше за мене уште една потврда дека овој филм има нешто посебно во него и ми е мило што е силно прифатен и од публиката но и од жириата на разни фестивали.
„Секунда… до вечноста “ е краток филм за упорноста на една девојка која има преголема желба да стане балерина. Каде се инспиравте да создатете ваков филм и која е пораката на филмот?
Од мала возраст па се до тинејџерските години јас бев член во театарска и балетска група во Тетово. Прва љубов ми е театарот, втора балетот, а двете секогаш се обидувам да ги соединам во филмско остварување. За мене балерината, како уметник, е силен извор на емоции. Кога балерината танцува на сцената, на некој претстава, ние како публика можеме да забележиме спектарот на емоции и пожртвуваност кои таа ги претставува. И не случајно францускиот сликар Едгар Дега се обидел да ги претстави моментите на балерината пред или после некаков настап или пак на самите проби. Така, поаѓајќи и од моето лично искуство како балерина, сакав да ја претставам нејзината пожртвуваност (и воопшто на секој уметник) во „патот до совршеноста“ кој никогаш не бил лесен и едноставен. Понекогаш е доволна само една секунда и да се случи „катастрофа“. Во таквите „страшни“ моменти може да се види колку вистинскиот уметник е подготвен да ѝ се предаде на уметноста, да се избори со „катастрофата“ и да продолжи напред. За тоа зборува овој мој филм.
Добитничка сте на повеќе национални и меѓународни награди и признанија. Имате ли некоја што ви е посебно драга?
За мене награда е самото создавање на филмот. Но, се разбира дека ми се доаѓа кога моето дело стручно жири ќе го оцени за успешно па и ќе го награди, а тоа е голема мотивација. Најдраго ми беше учеството на „Imfomatrix World Finals 2017“ во Букурешт, Романија каде лично учествував како средношколка. Тоа само по себе претсавува огромно задоволство бидејќи ваквите случувања како што се филмските фестивали се добро искуство за создавање на нови познанства и шанса да видиме како работи нашата конкуренција од разни држави од светот.
2020 година беше особена тешка за сите, со карантински услови и голема здравствена и економска криза. Како ви помина вас, Успеавте ли да го сочувате мотивот за работа?
Како и секогаш кога се наоѓам во тешки мигови, правењето на филмови ми беше спас и обид да се вратам кон своето нормално. Се разбира, можностите за снимање на филмови во новите услови се доста лимитирани. Снимив неколку пократки и експериментални филмови и монтирав стари снимки кои навистина чекале ваква ситуација за да дојдат на ред да бидат средени. Еве на пример, монтирав еден филм кој беше снимен пред повеќе од 30 години во кино студиото што тогаш посторше во Домот на културата во Тетово. Беше снимен на 8мм филмска лента, од страна на членовите на клубот и седеше така немоотиран и речиси заборавен. Филмот прво беше дигитализиран и јас го измонтирав и излезе едно навистина убаво филмче. Мислам дека така го спасив од заборав и му дадов нов живот. Исто така, овој период на изолација и ограничено движење добро ми дојде за изработка на анимирани филмови. Доста време посветив на проучување на програмите за анимација што ми е исто така едно од поомилените нешта што сакам да ги правам.
Кои елементи треба да ги содржи еден краток филм за да биде успешен и да испраќа силна порака?
Имам направено околу 10 кратки филмови во последниве 6 години. Секој од нив, без исклучок, ме научил на повеќе лекции. Така во секој следен филм што го правам се обидувам да ги поправам тие грешки, но се јавуваат нови и така натаму. Таков е процесот и искрено уживам во учењето на нови работи, а секако, најубаво се учи низ пракса. Една голема лекција која ја имам научено за правење на кратки филмови е тоа да бидат динамични и доколку нема потреба да не бидат предолги. За тоа сепак е потребно големо искуство како во пишувањето на самото сценарио така и во чувството додека трае процесот на снимање каде се создава приказната пред камера. И се разбира, едитирањето на самиот филм може да го спаси филмот доколку и тоа се направи како што треба.
Каква е состојбата со македонска кинематографија, има ли подобри услови за создавње нови филмови?
Минатиот месец во Скопје во организација на Народна техника на Македонија се одржа 49-то издание на манифестацијата Денови на Државниот фестивал на непрофесионален филм на Македонија. На проекцијата на наградените филмови беа прикажани 11 филмови во неколку категории. Меѓу наградените имаше и постари искусни автори, но и доста млади режисери што пак зборува дека кај дел од младите постои интерес за филмот како творечки процес. Тоа е благодарение што на повеќе универзитети во државата се отворија катедри за мултимедија, а постојат и приватни школи каде може да се добијат соодветни знаење од оваа област. Но, жално е тоа што државата малку е заинтересирана и речиси никако не го стимулира филмското творештво кај младите. Колку јас што знам, нема никакви фондови преку кои младите автори би добиле средства за реализација на некоја нивна филмска идеја. Денес за да снимиш филм треба непрекинато да „трчаш“ по фирми за да измолиш некоја ситна пара како спонзорство. А кога со така тешки маки ќе направиш нешто добро и квалитетно и кога таквиот филм ќе постигне и меѓународен успех, тогаш државата се гордее со тоа и го прикажува и како нејзин успех.