Амстердам излезе со нова кампања која ги таргетира младите британски мажи кои доаѓаат во градот да „пијат“ и „лудуваат“. Новата онлајн холандска кампања им порачува на младите Британци да не доаѓаат во градот („не се приближувајте“) доколку планираат да „откачат“ и да конзумираат голема количина на алкохол и дрога. Локалните власти ја претставија новата кампања која ја почнаа неделава и ги таргетира туристите од 18 до 35 години.
Доколку британските туристи онлајн бараат термини како „ергенска забава во Амстердам“, „евтини хотели во Амстердам“ или „тура низ барови“ ќе им излезе на екраните видео реклама која ги предупредува на последиците од пиењето алкохол и користењето дрога или нарушувањето на јавниот ред и мир.
Едно од видеата покажува пијан млад човек како го апсат, а текстот на видеото гласи „Доаѓање во Амстердам за луда вечер + опијанување = казна од 140 евра + кривична пријава = помалку шанси за просперитет“ на што следи „Доаѓање во Амстердам за луда вечер? Не доаѓај (Не се приближувај).“
Другото видео покажува несвесна личност која со брза помош се носи во болница со текст кој гласи „Доаѓање во Амстердам за користење дрога + губење контролa = на престој во болница + штета на здравјето = загрижена фамилија“, по што следи „Доаѓање во Амстердам за дрога? Не доаѓај (не се приближувај).“
Властите кажаа дека посетителите се добредојдени, но не и ако вознемируваат и не се однесуваат според правилата за јавен ред и мир.
„Амстердам веќе презема многу мерки, многу повеќе од други земји во Европа поради голем број на туристи и вознемирување. Но треба уште повеќе да преземеме ако сакаме да имаме одржлив туризам во нашиот град“, велат локалните власти.
Оваа кампања има може да се прошири и на туристи од други земји па дури и од Холандија, доколку се констатира дека туристите од тие земји исто така го нарушуваат јавниот ред и мир и имаат потенцијал да вознемируваат.