Поезијата, музиката и автентичната енергија се она што го прават „Вазда Било“ посебен културен феномен. Веќе пет години, во срцето на Белград, поетесата Валентина Бакти и актерот Стеван Пиале создаваат единствена литературно-музичка платформа во просторот на Квака 22. Ова не е само настан, туку и место каде што уметноста опстојува и пулсира благодарение на чистата љубов кон креацијата и силниот однос со публиката.

Програмата е секогаш динамична и отворена: се состои од три круга на отворена поезија, каде што секој има шанса да излезе на сцена и да го каже она што му е на срце, секогаш проследено со квалитетни музички настапи на гости-изведувачи.
„Вазда Било“ е повеќе од настан – тоа е културна комуна која истрајува и се бори, претворајќи ја секоја вечер во спој на интимна уметност и заеднички собор.
Разговаравме со Валентина Бакти и Стеван Пиале за тоа како успеваат да го одржат овој уникатен простор за поезија, за нивната упорна борба во кревките културни околности и за значењето на поезијата во денешното општество.

Во Србија денес, уметноста често опстојува во сложени и кревки околности, а поезијата и понатаму е еден од највозвишените и најинтимни чинови на изразување. Како вие, преку вечерите „Вазда Било“, успевате да го сочувате просторот за поезија и да ја инспирирате публиката, и што за вас поезијата денес значи во овој општествен и културен момент додека културните установи се затвораат?
Во денешна Србија, културата е жива исклучиво поради борбата, упорноста и храброста на културните работници кои од ден на ден се борат против државната машинерија која не е заинтересирана за култура.
Тоа го гледаме и по тоа што ни затвораат театри, гаснат фестивали и се укинуваат буџети, а и покрај тоа, мислам дека верата во промена е сѐ посилна. Нашата мала комуна собрана околу идејата „Вазда Било“ активно учествува во таа борба и сметам дека нашите собири во Квака се еден вид културно-борбени собори.
Што се однесува до самата поезија, мислам дека сме едно од ретките места во градот, можеби и единствено, каде што секој има можност да излезе пред стотина луѓе и да каже што му е на срце. Луѓето главно зборуваат за своите песни, често и за првпат пред толку луѓе. Се случувало и да ги смислат на самото место. Се гордееме со тоа што преку пристапот, поезијата ја доближивме до „обичниот човек“.


Организирањето на „Вазда Било“ вечерите сигурно носи предизвици. Кои се најчестите проблеми со кои се соочувате и како опстојувате во нив? Колку време ви е потребно да ја осмислите програмата и да одберете кого ќе поканите? Кој е вашиот омилен досегашен гостин?
Сѐ е во движење, и двајцата сме отворени и прашањето за концептот никогаш не бил наш проблем бидејќи немаме концепт. Списокот постои и тој се случува непосредно пред настапот, ги обиколуваме сите гости, запишуваме кој ќе чита и тоа е отприлика тоа. Што се однесува до музичките изведувачи, имавме разни ситуации, но главно е вака:
„Стево, можеме да го поканиме Кејв.“ – тој вели „Може“. И така, на пример, доаѓа Кејв.
Ние веруваме и ми се чини дека затоа траеме.
Ух, ги има многу, бев пресреќна кога дојдовме до Нена Ивошевиќ која сега е наша пријателка, таа по триесет години запеа токму на „Вазда Било“, сите нѐ разнежни и нѐ потсети на некои времиња во кои, ми се чини, љубовта многу попитомо се изразуваше. Од поскорашните гости, нека биде Марио Кнезовиќ, ни го претстави новиот албум на групата „Зостер“ – катарзична вечер!
Се разбира, предизвици постојат, но тие се главно од финансиска природа бидејќи сакаме луѓето кои ги ангажираме да бидат адекватно платени. Токму затоа, пред година и пол воведовме систем на плаќање карти кој ни овозможува полесно да истраеме и да ги покриеме тие трошоци, кои нема да се сведуваат само на нас двајца, иако Стево и јас никогаш не сме заработиле ништо повеќе освен љубовта на убавите луѓе кои ни доаѓаат, што е уште поубаво! Некои од тие луѓе се веќе наши пријатели кои ни се постојана поддршка и кои редовно настапуваа без хонорар.
Дали планирате да го проширите „Вазда Било“ надвор од Белград, можеби во други градови на Србија или регионот, и како ја гледате улогата на регионалната соработка во зајакнувањето на поетската сцена? Што ѝ недостасува на денешната поетска сцена?
Имаме веќе понуди од неколку градови, па дури и држави, и моментално најмногу нѐ кочи мојот распоред кој не ни дозволува да седнеме и да се обидеме да се организираме, иако веќе имавме една успешна турнеја на Златибор. По првиот распуст се очекуваат нови гостувања. 😊
Што се однесува до регионот, мислам дека тоа е многу потенцијална идеја и дека соработката со луѓето кои ја работат истата/слична работа во Македонија, Црна Гора, Хрватска, Босна… би ни отворила сосема нова димензија.
На поетската сцена ѝ недостасува, за почеток, медиумски/јавен простор, но тоа е една од оние работи што ги споменав на почетокот кога зборував за борбата.
Дојде такво време што морам да цитирам еден паметен човек кој рекол: „За културата не смееме културно да се бориме.“



„Вазда Било“ редовно угостува македонски поети. Кои се вашите омилени македонски современи поети, и дали можете да најавите некои идни гости од Македонија кои ќе бидат ваши гости?
Долго ја следам и преведувам македонската книжевност и го обожавам Игор Исаковски, на Стево му се допаѓа поезијата на Ѓоко Здравески. Инаку, со години се надевам дека мојот пријател и навистина извонреден писател и поет Ненад Јолдески ќе објави нова збирка поезија, тоа ќе биде вредно читање и се надевам дека ќе ни дојде на гости кога тоа ќе се случи.
Во преговори сме Васил Хаџиманов во јануари да биде наш музички гостин со Луис, а тој месец ќе ни дојде и еден од поавтентичните современи македонски поети Тони Попов.
Од извонредните македонски поети досега гости ни беа: Никола Маџиров, Владимир Лукаш, Билјана Стојановска, Ана Голејшка, Ѓоко Здравески, Долорес Атанасова Лори…
Валентина и Стеван на кратко:
Стеван за Валентина:
Ситуација: Еден час пред првпат да тргнам пеш со студентите кон Нови Сад, сфатив дека немам со кого да одам и ѝ пратив порака на Валентина: „Ај пеш во НС“. Ми одговори по половина минута: „Ај“. Тргнавме 45 минути потоа и поминавме 100 км пеш за два дена. Ниту еднаш не се пожали дека ѝ е тешко.
Факт: Ако таа не беше „Газда Било“, немаше да постои „Вазда Било“.
Особина: Не сака бубачки.
Валентина за Стеван:
Особина: Духовит е и на најнеочекуваните места, а неговите анегдоти можам да ги слушам одново и одново.
Книга: Гарави сокак, Мика Антиќ.
Место: Земун, Квака 22 и секако Опорница.

