Екатерина Лазаревска е млада актерка која својата професионална патека ја гради во Софија, дел од независната театарска сцена што последниве години пулсира со свежа енергија и авторски дух. Родена во Македонија, но оформена во Бугарија, таа ја гледа својата уметничка приказна како спој на две култури – искрено, без комплекс, без поделби. Во нејзиниот глас се чувствува љубовта кон професијата, јасноста на мислата и зрелата свесност дека уметноста не признава граници. Со неа разговаравме за патот, адаптацијата, театарот и за тоа што значи да останеш верен на своето „јадро“.
Како актерка што својата кариера ја гради во Софија, ја носите со себе македонската уметничка чувствителност која се меша со бугарската сцена. Што ви овозможува тоа „движење меѓу две култури“ — и како ја збогатувате вашата уметност?
Би се осврнала единствено на позитивниот, и воедно реален аспект. Верувам дека тоа е дел од една поширока европска култура која обогатува духовно, културно и интелектуално – го шири дијапазонот. Посебноста на идентитетите ја прифаќам единствено како дијалектичка интегралност, при што тоа – на личен и професионален план – по дефолт го восприемам како бонус. Тие два поима – личниот живот и професијата – се хомогена смеса и функционираат истовремено. Уметноста ја рефлектира реалноста.
Работата во друга земја секогаш бара адаптација — и на јазикот, и на менталитетот, и на професионалните правила. Кој момент од тој процес ви беше најпредизвикувачки, а кој најмногу ве обликуваше?
Мојот кариерен почеток започна во Софија. Смеам да тврдам дека „адаптацијата“ сама по себе беше повеќе човечка – пораснувајќи и учејќи како се опстојува самостојно, без физичко присуство на семејството и најблиските со кои сум пораснала. Актерството е професија базирана на лингвистика, што значи дека во основата е владеењето со јазикот и говорот – не само вербално, туку и во делот на невербалната комуникација со аудиториумот. Од таа гледна точка, веројатно овде бев привилегирана, бидејќи го учев јазикот од почеток, без никакви предходни знаења. Сметам дека тоа е полесно, отколку да искоренуваш долгогодишни говорни навики. Самиот јазик има допирни точки со останатите словенски јазици и затоа ми беше разбирлив. Можеби „проблемот“ беше навикнувањето на слухот на мелодичноста на самиот јазик. „Најтешкиот“ момент на прилагодување не произлегуваше од фактот што решив да се развивам во друга држава, која е дел од поширокиот европски пазар, туку од секојдневното соочување со начинот на кој професијата функционира — со исклучително високи стандарди.
Бугарската независна театарска сцена последниве години се развива со силна енергија и млад авторски глас. Каде во тој контекст ја гледате својата уметничка позиција — како актерка што го толкува системот или што го менува?
Гордо изјавувам дека веќе сум дел од бугарската независна театарска сцена, како член на актерската екипа на театарот АРТВЕНТ. Имам чест и задоволство да работам рамо до рамо и да учам од — за мене — неверојатни луѓе и личности, пред сè, а потоа и апсолутни титани кога станува збор за актерската професија.
Секое ново место, особено во уметноста, бара и ново самодефинирање. Како ја редефинира Екатерина Лазаревска својата професија кога ја менува средината — што е тоа што останува нејзино „јадро“?
Не размислувам за редефинирање, затоа што сè уште сум во процес на „дефинирање“. „Не поправај нешто што не е скршено“ е проста, но мудра мисла. Во моментов моето постоење е валидно таму каде што чувствувам дека правам нешто што има смисла – за мене, пак ќе кажам. Верувам во силата на младоста, во наивноста на младоста и во способноста за мечтаење на младоста. Ја обожавам мојата професија, секој можен миг. И не затоа што мислам дека „не сум способна да работам друго“, туку поради енормното, неописливо чувство на сатисфакција што се раѓа во мене – од чувството дека, на некој начин, нешто придонесувам. Без разлика дали тоа е само за себе или за одредена публика. Веројатно тоа е „моето непроменливо јадро“. (I don’t take myself too seriously.)

Патот на актерката во странство често е борба меѓу идеалот и реалноста. Кога сте најсвесна за причината зошто воопшто го избравте овој пат — и што ја храни таа одлука денес?
Причинско-последична случка е тој мој избор. Веројатно и сите мои избори, и категоријата „избор“ генерално, хаха. Моето семејство игра клучна улога. Воспитувањето и растењето во тесна врска со културата, уметноста и политиката. До ден денешен стојам здраво зад универзалните вредности на кои ме научиле моите родители.
Публиката, без оглед на земјата, го чувствува вистинското искуство. Што, според вас, го прави еден настап универзален – нешто што допира до луѓе надвор од јазикот и контекстот?
Би сакала да кажам дека вистината е универзална, но во таков случај би си се покорила себеси. Вистината е субјективна. Една е мојата, друга е твојата – вистинската вистина е некаде на средината. Чувствителноста е најсилното средство, односно оружје на актерот. Во симбиоза со искреноста, го прави присуството реално, достојно за емпатија и разбирање.
Во претставата „Код Жълто“ се зборува за моќта, женската солидарност и самоиронијата на современата жена. Како успевате комедијата да ја претворите во простор за сериозна опсервација на женската улога денес, без да ја изгубите нејзината духовитост?
Синдромот на современиот човек, без разлика на полот, сам по себе носи огромна доза духовитост. Тоа не ја исклучува сериозноста на темата или улогата, туку ја прави уште подостојна за емпатија. Женската улога, генерално, а особено денес, има енормно значење, за коешто не случајно продолжува да се твори.

											
											
											
											
																																
															
