Со својот втор роман „Напластување“, писателката Јасмина Атанасова уште еднаш го потврдува својот суптилен и продлабочен пристап кон човечката психа и емотивниот свет. Идејата за книгата, како што вели, се родила од ненадејна инспирација додека гледала документарна серија, која во неа предизвикала вистинска креативна експлозија. Романот ја истражува темата на човечките слоеви — оние видливи и невидливи делови од нас кои се таложат низ животот и ја обликуваат нашата личност.
Покрај тоа што пишува, Јасмина активно го негува книжевниот дух и преку својот читачки книжевен клуб во Битола, каде што се среќава со љубителите на литературата и заедно отвораат дискусии за книги, идеи и човечки длабочини. Во овој разговор, таа зборува за потеклото на романот, процесот на пишување, слоевите на човечкото постоење и улогата на книжевноста во времето на тишина и преоптовареност со светот околу нас.
Што беше иницијалниот импулс за вториот роман? Дали се роди од конкретен настан, интимно чувство или филозофско прашање што ве прогонуваше?
Идејата за вториот роман можам слободно да кажам се појави во еден миг додека гледав една документарна серија на Нетфликс, и експлодира во мене целата приказна во буквално две минути. Таа експлозија беше поттикната токму од серијата, која ме допре со природна леснотија, а во исто време беше толку силна и неочекувано ми предизвика големи емоции. Во главата веќе ја имав приказната која се зачини со моите интимни чувства и ставови околу темата во серијата. Во центарот на мојата тукушто породена приказна беше вистинскиот настан од документарецот околу која обложив една фиктивна животна ситуација која соврешено се залепи со одредени човекови состојби кои посакав да ги разработам а кои се присутни сѐ повеќе во нашиот современживот. Во тој миг, книгата беше само во мојата глава, а јас веќе чувствувавогромна страст и верба во неа. Потоа подолго време истражував околу материјалот кој што ми беше потребен за да може идејата да прерасне во роман…и од тој процес се создаде „Напластување“.
Насловот сугерира процес на насобирање, скриени пластови на идентитет и искуство. Како се разви концептот на „напластување“ и на кој начин се одразува во структурата на приказната и во психологијата на ликовите?
Како и во секој од нас, и главниот лик во романот Гвидо, во себе крие слоеви кои започнале да се редат од најраното детство па така си се напластувале со животните ситуации низ кој поминувал. За мене е фасцинантен тој процес, исто како и анализирањето на себе си, до каде сме стигнале во тоа таложење, колку слоевисвесно сме успеале да истриеме и да ги изрибаме од нас, а колку од нив останале залепени со траги од лепакот што не може да се остранат со никакво средство. Колку тие траги успеваат да ни ги диригираат нашите обрасци на однесување и колку сме ние (не)моќни да ги надвладееме тие несакани аспекти од нас. Секогаш ми се појавува прашањето дали ние живееме свесно, колку е тоа несвесно и колку околностите имаат влијание на нашиот те(р)к во животот.
Рецензентите споменуваат дека романот поттикнува лична интроспекција. Со каков внатрешен дијалог сакате читателите да излезат по завршувањето на книгата?
Романот зборува за болната точка на човештвото која се прелева во една болна точка на поединецот, или обратно. Но отвора поле за себеанализа и осознавање до каде е нашата одговорност во колективната драма на човештвото и колку ние имаме способност да ги држиме конците на сопствениот живот а колку околностите си „поигруваат“ со нашите обиди за контрола. Колку може да се стиша буката од тој секојдневен дијалог што го имаме во себе, да настапи една тишина, за да може да се чуе нежниот и кревок глас од подлабоките наши слоеви и напластени емоции. И што може да исплива на површината. Да осознаеме дали и колку сме отуѓени од себе, па и од светот. Според реакциите на моите читатели, „Напластување“ е книга што допира. Јас само посакувам читателите да дозволат и допуштат да бидат допрени, и да ја почуствуваатемоцијата која ја носат во себе а од таму и да ја трансформираат во нешто добро и племенито, а тоа секогаш е љубовта, која е почеток и крај на сите светови.
Во вашето пишување се чувствува специфичен женски глас. Колку свесно го градите тој аспект и дали се чувствувате дел од поширока генерација авторки кои ја редефинираат македонската книжевност?
Мојот глас посакувам да е глас на човечноста, глас на свесноста која станува тивок луксуз на денешницата. А сметам дека тоа не смееме да си го дозволиме. „Напластување“ замолува да му дадеме шанса на човештвото да се опорави. Јас сум едноставно среќна што можам да творам и создавам светови, емоции, да поттикнам размислувања, да отворам дискусии и дилеми кои и самата ги имам. Пишувањето помага да растам, да живеам да се борам, да викам, да страдам и да се радувам за работи кои во секојдневниот живот не ми се достапнида ги правам. Но најважното е дака пишувањето ми помага да осознам каде можам јас како единка да се подобрам. А ако тоа му помогне и на некој друг, тоа е сосема доволно за мене. Всушност тоа е она кое му дава смисла на моето пишување и ме прави да чувствувам огромно задоволство.
Како се менуваше вашиот јазик и стил од првиот до вториот роман? Дали се ослободивте да експериментирате со наративната форма или структура?
Ослободувањето во начинот и стилот на моето изразување дојде многу спонтано и природно. После првата книга, овој пат бев ослободена од чувството дека газам по нов и непознат терен а тоа ми даде слобода да ја распостелам својата креативност комотно да се шири по една нова територија на изразување. Имаше моменти кога уживав во опишување на природата и амбиентот во која се одвива дејствието на романот, тоа е евидентно и се чувствува при читањето. Во овој роман има стихови на светски познати музички остварувања кои му дадоа посебна наративна мелодија и ја засилија емотивната атмосфера на дејствието.Наспроти сериозноста на темата, како и во поларноста на самиот живот, вметнати се и некои комични ситуации кои ме забавуваа додека ги пишував a тоа се отсликува и во карактерот на еден од ликовите. Охрабрувањето и отпуштањето во креативниот процес за мене беше како да градам мост што поврзува два раја.
фото: Кети Талевска
Промоцијата на книгата беше збогатена со театарски перформанс. Како гледате на интердисциплинарните пристапи во литературата? Дали вас лично ве инспирира театарот или визуелните уметности?
Човекот е креативно суштество. Тој секојдневно создава и затоа на некој начин нашите животи можат да станат уметнички дела. И театарот и визуелните уметности се подеднакво моја голема љубов и верувам дека симбиозата на различните уметнички креации можат да создадат вистинска магија. Тоа ми го потврди промоцијата на „Напластување“во Битола каде сакав да им дадам простор на младите уметнички души да ја искажат својата креативност, преку едно поинакво претставување на романот пред публиката наспроти вообичаеното читање на пасажи од текстот. Три талентиранидевојки Илијана Питошка, Елеонора Блажевска и Теона Петровска од театарската школа „Фабрика за мечти“ од Битола, под водство на режисерот Софија Ристевска Петрушева и драматургот Билјана Крајчевска направија прекрасна драматизација на романот, која не’понесе во едно несекојдневно доживување и ни овозможи да ја почувствуваме моќта на уметничкото здружување на книжевноста, зборот, гласот, светлината, театарската игра и музиката. Многу ми е жал што на скопската промоцијата на романот во „Лабораториум“, немаше просторна можност да се одигра претставата. Но верувам дека за тоа ќе се отвори можност во иднина, на некоја друга локација.
Како изгледа денешната македонска книжевна сцена – има ли простор за нови гласови и ризични теми, или авторите сè уште се соочуваат со ограничувања (финансиски, институционални, читателски)?
Како и во секоја друга сфера во нашата држава, постојат озбилни ограничувања и на книжевната сцена, за кои што верувам дека сите сме свесни. Но најмалку се од читателска страна. Голем дел од нашата читателска публика има изострен, избрусен и суптилен вкус и е гладна за нови книжевни гласови и несекојдневни разработки на различни теми. Мислам дека на секој од нас, како единка, ни е должност примарно да најдеме начин како да ги доближиме книгите и навиките за читање до најмладата читателска публика, која како таква е сериозно оскудна. А што се однесува до институционалните и финансиските ограничувања, би си дозволила да мечтаам и да кажам само колку би било убаво кога во нашата држава би се отворила издавачка куќа која би издавала само нови македонски автори. Би се увериле колку многу убавини можат да излезат од нашите македонски пера.