Балансирањето меѓу професионалната амбиција, мајчинството и поддршката на партнерот е предизвик сам по себе. Но, што се случува кога сето тоа треба да се одвива на сосема нов континент, во средина со драстично различна култура и динамика?
Разговараме со Нина Ангеловска, која заедно со својот син Стефан, привремено му се придружи на својот сопруг Виктор, во Кина. Тој е таму на едногодишна студиска програма за роботска хирургија.
Ова интервју е приказна за семејната кохезија и личната флексибилност. Зборувавме за предизвиците на мајчинството далеку од блиското семејство и за неверојатните професионални можности кои се отвораат во областа на е-трговијата. Од првите импресии за организираноста и технологијата, до лекциите за прилагодување, ова е искрена рефлексија за животот, растот и улогата на семејството како најголема поддршка.
Како изгледаше првиот момент на пристигнување во Кина? Што ве изненади најмногу во однос на секојдневието, културата и динамиката на животот таму?
Виктор е тука од март на едногодишна стипендиска програма (fellowship), а јас и Стефан сме тука по втор пат. Првиот пат дојдовме во април на два месеци. Тогаш првите импресии ми беа многу силни: огромен, модерен и многу чист град со неверојатно зелени паркови, електрично такси и беспрекорна организација. Технологијата е длабоко интегрирана во секојдневието – од плаќања со телефон, QR-кодови насекаде, до роботи во хотелот – сè со цел да го направи функционирањето поефикасно и поорганизирано. Друго што ми остави впечаток е нивниот позитивен начин на размислување и смиреност. Исклучително се вредни, работат многу, без претенциозност и его, со леснотија и спремност да помогнат. Сега, при вториот престој, веќе се чувствувам поискусна и полесно се снаоѓам, а првите впечатоци за динамиката, работливоста, технологијата и организираноста остануваат исти.
Кои се најголемите предизвици што ги имате како мајка на мало дете во толку поинаков културен контекст, и што најмногу ве научи синот за адаптацијата?
Главните предизвиците се пред сè оние што ги носи мајчинството, особено на темпераментно, љубопитно и динамично мало дете (toddler), без разлика каде сум. Но, фактот што сме во „друг свет“ ги прави уште поголеми. Предизвик е организацијата и снаоѓањето во нови услови – јазичната бариера, различните навики, онлајн-нарачките – сè бара повеќе планирање. Што се однесува до адаптацијата, Стефан лесно се приспособи на новата околина. Најважно е што сме тројцата заедно и што може да поминува квалитетно време и со татко му. Генерално, мислам дека децата многу брзо се адаптираат, тоа е лекција и за нас возрасните – колку побрзо се прилагодуваме во животот и во бизнисот, толку полесно, пофлексибилно и послободно функционираме.
Што е она што најмногу ви недостасува од Македонија кога се во прашање одгледувањето и растењето на детето, а што, пак, Кина ви го нуди како уникатно искуство?
На Стефан, кога е со мајка му и татко му, не му недостасува ништо. Има многу големи зелени паркови за шетање и бројни активности за деца во моловите каде што одиме, со оглед на тоа дека е многу топло и влажно. Во хотелот има убава игротека и многу бебиња и малечки со кои понекогаш си игра. Она што ни недостига од дома е топлината и блискоста на семејството, бабите и дедовците, пријателите и домашната атмосфера. Од друга страна, тука сме заедно, а Кина ни нуди уникатно искуство – можност како семејство да живееме во сосема поинаква култура и заедно да откриваме нови начини на живеење и учење.
Животот во нова средина често е можност и за лична трансформација. На кој начин Кина ве промени – како жена, како мајка и како професионалец?
Јас низ годините постојано еволуирам – учам, растам, напредувам, па не ја гледам посетата на Кина како повод за некаква голема лична трансформација. Најголемата и најдлабоката трансформација ми се случи со мајчинството – тоа ми го промени животот во секој аспект. Кина, пак, ме направи побогата со едно големо и различно искуство. Можноста да бидеме тука повеќе од три месеци, да истражуваме сосема нова култура, различна филозофија на живот и начин на работа, ми отвори пошироки погледи. Дополнително, воспоставив многу нови контакти и релации и отворив врати за нови соработки. Минатиот пат кога бев, потпишавме меморандум за соработка со Кинеската комора за е-трговија, па сега веќе разговараме за заедничко организирање на некои активности. Имаме многу што да научиме како земја, а особено за е-трговијата која е исклучително развиена.
Како се справувате со различните вредности, начини на комуникација и културни навики – дали понекогаш тие разлики ве предизвикуваат, или ги гледате како богатство?
Најважно е, мислам, како ќе ја поставиме нашата перцепција на работите. Различностите се богатство и можност за учење нови работи, смиреност и трпеливост, и така и гледаме на тоа. Но, секако, не сме роботи, па секогаш да може да гледаме така. Во одредени ситуации, јазичната бариера и таа различност претставуваат предизвик, особено кога ви требаат брзи решенија и сте со бебе кое често е нетрпеливо.
Доколку во иднина синот се сеќава на овие години во Кина, што би сакале најмногу да му остане во спомен – од семејниот живот, од културата или од вашето заедничко патување таму?
Мислам дека мала е веројатноста да се сеќава на конкретни работи или нешта. Би сакала да му останат спомени како чувство на заедништво, истражување и радост од учење и прилагодување на нови нешта. Иако е мал за одредени работи и нема да се сеќава на нив, сепак одиме на места за деца како зоолошки градини, места за играње, фаќање „куклички“ и слично. Верувам дека сè што го впива и моменталната радост и емоции што ги покажува влијаат на неговиот моментален развој. Имаме многу видеа и слики, па и да не се сеќава, ќе му ги покажуваме – тука почна да лази, тука прооде, така што многу од значајните развојни пресвртници (milestones) ни се поврзани со Кина.
Убаво е кога партнерот и семејството се најголема поддршка. Како изгледа таа рамнотежа во вашиот случај – да се следи кариерата на сопругот, а истовремено да расте семејството и да продолжува вашиот личен и професионален развој?
Минатата година мојот сопруг имаше чест да биде предавач на конгрес во Кина, каде доби покана за едногодишна студиска програма тука во Гуангжу – станува збор за стипендиска програма (fellowship) за роботска хирургија на еминентната глобална организација „Endourological Society“. Одлуката за да аплицира ја донесовме секако заедно, можноста за него и неговиот професионален развој беше голема, иако периодот не беше идеален – кога Виктор замина, Стефан имаше само седум месеци. Откако беше примен, и јас добив понуда за привремено преземање нова позиција за развој на бизнис соработки и набавки во Кина, кога веќе планирав да го посетам. Па така, минатиот пат кога бевме тука, бевме со Стефан и татко ми, кој беше неизмерна поддршка за да можам и јас да работам тука. Често, кога сум зборувала за мојот кариерен пат, кажувам дека заеднички именител е препознавањето и прифаќањето на можностите кои ми се укажувале некако непланирано низ годините.
Сега овој пат дојдовме сами со Стефан, односно туристички. Овој пат сум без официјални работни ангажмани, но кога наоѓам време, работам. Периодов ја подготвуваме 8-та конференција за е-трговија во организација на Асоцијацијата за е-трговија, која ќе се одржи на 4 ноември во НОБ. Со оглед на тоа дека Кина има исклучително развиен екосистем за е-трговија, а јас воспоставив тука веќе некои релации и соработки, има многу што да се научи и потенцијално да се донесе кај нас.
Што се однесува до рамнотежата – ја постигнуваме секојдневно како семејство. Заедно сме си поддршка еден на друг. Секој има свои обврски, но се прилагодуваме и поддржуваме. Секако, не е секогаш идеално, некогаш е хаотично, ама тоа е дел од оваа фаза во животот, па пробуваме да се смееме и во тие моменти, иако не секогаш успешно.