Во повеќе од две децении посветеност кон електронската музика, Огнен Узуновски – Оги е сведок, креатор и хроничар на едно движење кое одамна ги надмина рамките на ноќниот живот. Преку колективот „Баланс“, Оги и неговите соработници ја градеа македонската електронска сцена со визија што не престанува да еволуира. Ова интервју е разговор за минатото, заедницата, детроитските корени, клупската култура и вербата дека музиката – особено кога е искрена и безкомпромисна – може да биде вистински простор за културна еманципација.
Кога гледаш наназад, дали постоеше клучна точка кога сфати дека „Баланс“ е повеќе од само музичка организација?
Во почетокот сè беше чиста енергија, финансиски бенефит не беше ниту желба, ниту приоритет… Неколку точки беа пресудни да сфатам дека Баланс е повеќе од само музичка организација. Првата, кога моравме да прифатиме дека влеговме, пред сè, во „бизнис на музичка индустрија“. Втората, кога ја издадовме книгата „Електрошок“ на г-дин Лорен Гарниер, преведена на македонски јазик. Третата, кога сите членови на Баланс почнаа да се посветуваат и кон останатите повици во животот. Баланс, исто така, е почеток на многу безвременски другарства кои и ден-денес силно функционираат.
Што значи „Баланс“ за тебе денес – не само како име на колектив, туку како концепт што опфаќа звук, култура и заедница?
За мене „Баланс“ е еден од темелите на македонската андерграунд култура, процес на едукација кој и ден-денес трае и има нови млади сили кои газат по истиот пат и со истата визија… Нашата цел е иднината.
Како твојата поврзаност со детроитската техно-сцена го обликуваше твоето музичко и промотерско размислување? Дали ја гледаш таа сцена како вид на „школа“?
Со детроитската техно-сцена се запознавме преку култниот документарен филм „Universal of Techno“. Го гледавме многу пати и секогаш размислувавме како би го претставиле помладиот бран детроитски артисти. Листата воопшто не беше кратка на артисти кои сакавме да ги донесеме да гостуваат во Македонија, а на наше огромно задоволство прв прифати Дерик Меј. Бевме и фанови на детроитскиот звук и од таму сè започна. Оттогаш па до сега, дузина сериозно добри и познати детроитски артисти гостуваа во Македонија… Детроитската техно-сцена сè уште ја оркестрира светската електронска сцена и пружа сериозно музичко едуцирање.
Во македонскиот контекст, дали електронската музика некогаш се третирала како форма на културен отпор или интелектуално изразување – и каде се лоцира „Баланс“ во таа смисла?
Музиката која ја промовираме на македонската публика сама по себе има форма на културен отпор. Ако ги простудираме самите почетоци на техното, хаусот, хип-хопот, ќе заклучиме дека секаде постои културен отпор… Тој културен отпор го манифестираме и ден-денес, и сигурен сум дека и во иднина ќе остане исто.
Како се менуваше публиката во овие 25 години? Дали сè уште постои „клубска свест“, или публиката станува повеќе консумеристички ориентирана?
Евидентната разлика се направи откако се појавија смарт телефоните и социјалните мрежи. Тука некако се изгуби енергијата на подиумот. Некои нови генерации не ни имаат претстава каква би била енергијата без овие, да ги наречам, алатки… Клубска свест постои, но за жал, по катастрофалната трагедија во Кочани, клупскиот живот речиси и да не постои.
Што мислиш дека ја одржува една сцена „жива“ – дали тоа се локациите, луѓето, вредностите, или нешто трето?
Локациите, вредностите и луѓето секако дека ја одржуваат жива сцената. Јас секогаш сум оптимист и мислам дека има суперкул нови генерации кои во себе имаат нешто посебно и ќе ја одржат сцената „жива“.
Дали е можно електронската музика и понатаму да биде простор на културна еманципација, или денешниот свет бара нови форми на изразување?
Мислам дека електронската музика секогаш ќе ја има таа моќ за културна еманципација. Прашањето е дали луѓето се подготвени тоа да го доживеат. Брзината на животот денес некогаш го руши урбаниот контекст. Морам да забележам дека има големи осцилации секоја година – некогаш, т.е. често, шундот ги „тепа“ по уши младите, а не се исклучуваат и повозрасните.
Колку е тешко да се гради културна сцена во урбан контекст како Скопје, каде што времето, политиката и инфраструктурата често работат против континуитетот?
Кога се отвори првиот суши бар во Скопје, многу често правев споредба дека да ги учиш луѓето да јадат суши е многу слично на тоа да ги учиш да слушаат техно.
Каде ја гледаш македонската електронска сцена во следните 10 години – дали има потенцијал за институционална зрелост, или ќе остане субкултурна енергија?
Во наредната декада очекувам дека македонската електронска сцена ќе биде збогатена со многу нова и квалитетна музика од домашните артисти… Институционално не очекувам голема разлика… Музички, сцената е во рацете на помладите генерации. Ние сме секогаш тука за секаков вид на поддршка за подобра позитивна енергија.
Кога ќе се сетиш на почетоците – што се смени најмногу: звукот, идејата, ти, или светот околу тебе?
Сè уште не можам да поверувам дека од една забава со Дерик Меј направивме, за нас, светски подвиг преку вечната инспирација – г-дин Џеф Милс. Гледајќи го во Франција настапот со филхармониски оркестар… Тоа беше инспирација која подоцна резултираше со сериозна организација на два нови проекти. Првиот проект е 2-ри август 2014 година – Дерик Меј и македонската филхармонија во Античкиот театар во Охрид. Следеа гостувања во Гент, Париз, Мец, Ница, Детроит, Лондон, Мелбурн и Приштина. Вториот проект е со Хуан Аткинс „The Originator“ и белградскиот симфониски оркестар на отворањето на „Фестивал Девет“ во Белград. Следеа гостувања во Охрид и Анаклија, Грузија. На овие настани, оркестрациите и диригентската палка секогаш беа во рацете на маестро Џијан Емин. Ова се, за мене, достигнувања од амбасадорски размери кои ја ставија Македонија на светската мапа на електронската музика – и кои никогаш немаше да се случат ако не постоеше сонот за Баланс.