Сигурно деновиве на социјалните мрежи видовте барем една АИ-генерирана илустрација или видео во стилот на Студио Гиблин: лични фотографии, филмски сцени, спортски моменти, политички фигури и слично.
АИ-генерираните слики не се ништо ново, но овој АИ-стил на Гибли се издвојува по својата посветеност на деталите и емотивната длабочина. За разлика од стандардните АИ-алатки кои создаваат генерички хиперреалистични ликови, оваа ја доловува суштината на традиционалната рачно нацртана анимација. Меките палети на бои, сложеното засенчување и флуидните елементи на позадината ги прават да изгледаат многу поблиску до вистинските дела на Гибли.
Хајао Мијазаки, режисер и аниматор на некои од најпознатите аниме филмови, назначен од магазинот „Тајм“ како еден од највлијателните луѓе во светот, е познат по своите рачно нацртани анимирани филмови кои плениле генерации со нивната убавина, емотивност и длабоки пораки. Неговите дела, како „Princess Mononoke“, „Spirited Away“, и „My Neighbor Totoro“, се симбол на човечката креативност и трудољубивост.
Меѓутоа, неговиот уникатен стил периодов стана популарен материјал и за АИ-генераторите на слики и анимации. На социјалните мрежи, корисниците почнаа да споделуваат АИ-генерирани слики и видеа кои имитираат естетика на Гибли, често користејќи негови ликови или стил како основа. Оваа појава предизвика дебата за етиката на користењето на стилот на уметник без негово одобрение, но и дилемата дали овие генерирани илустрации се почит кон неговата работа или етички прекршок.
Зошто токму стилот на Мијазаки? Делумно, тоа се должи на неговата универзална привлечност. Неговите филмови се познати по своите богати, атмосферски пејзажи, детални ликови и емотивни наративи. Оваа естетика е многу погодна за АИ-генерација, бидејќи нуди богат визуелен корпус кои алгоритмите може да го имитираат. Но, исто така, важен фактор е и правниот контекст.
Јапонија е една од ретките големи земји каде што тренингот на АИ врз дела заштитени со авторски права е легален за некомерцијална употреба. Ова значи дека АИ-генераторите можат да користат слики и видеа од филмовите на Мијазаки без да се грижат за кршење на авторските права, сè додека резултатите не се користат за комерцијални цели. Ова правно опкружување можеби придонесува за поголемата популарност на генерирање на слики во стилот на Гибли, во споредба со други стилови кои се заштитени со построги закони за авторски права во други земји.
Мијазаки, познат по својот традиционален пристап кон анимацијата, неколку пати јавно ја критикуваше АИ технологијата. Во едно интервју, тој изјави дека смета дека АИ-генерираните слики се „навредливи“ и дека „оние кои ја користат оваа технологија не разбираат што е вистинска уметност“. За него, анимацијата е процес на човечка експресија и емоција, нешто што АИ не може да го реплицира.
Ова покренува важни прашања за авторските права и етиката во дигиталната ера. Додека некои тврдат дека АИ-генераторите нудат нови можности за креативност, други стравуваат дека тие го поткопуваат трудот и уникатноста на уметниците.
Имајќи ги предвид изјавите на Мијазаки, јасно е дека проблемот е повеќе човечки отколку уметнички. Не станува збор само за тоа дали АИ-генераторите можат да го имитираат неговиот стил, туку и за тоа како луѓето ја користат оваа технологија. Дали тие го прават тоа од искрена почит кон неговата работа, или од недостаток на разбирање за човечкиот труд и емоција што стои зад секое уметничко дело?
Луѓето кои користат АИ за да создадат слики во стилот на Мијазаки често го прават тоа од восхит кон неговата работа, но не го земаат во предвид неговиот став. Оваа ситуација е симбол на поширокиот проблем: како да се заштитат правата на уметниците во ера кога АИ-технологијата станува се поприсутна?
Додека АИ-технологијата продолжува да се развива, важно е да се води дијалог за тоа како да се користи на одговорен начин, со почитување на креативните права на уметниците како Хајао Мијазаки. Неговата работа е сведоштво за човечката имагинација и вештина, и треба да се цени и заштити од употреба во технологија што тој не ја поддржува.