Мрежата за искуствено учење е проект што ги става учениците во центарот на процесот на учење преку холистичкиот пристап што комбинира теорија, практика и реално животно искуство. Преку интерактивни методи, мултидисциплинарни активности и соработка, проектот ги поттикнува учениците да истражуваат, критички да размислуваат и активно да учествуваат во своето образование. Поразговаравме со Светлана Пејовиќ, раководителка на проектот Мрежа за искуствено учење.
Трета година МЕД, Мрежата за искуствено учење преку нови едукативни материјали, едуцира за одговорноста за заштита на животната средина и придонесува за подобрување на образованието во нашата земја. Со кои предизвици се соочивте и колку сте задоволни од вашата досегашна работа?
Огромно е задоволството да се работи со деца, особено кога станува збор за нивната едукација и градење на млади кадри, кои во иднина ќе имаат поинакви ставови, размислувања и дејствувања, што ќе придонесат кон подобра заштита и зачувување на животната средина и природата. Образовниот систем нуди содржини што ги едуцираат учениците за одговорноста за заштита на животната средина и ги совладуваат со секојдневните образовни активности во училиштата, но не им овозможува секогаш самите да ги сознаат и да ги искусат на поинаков начин, освен теоретскиот.
Огромен е предизвикот да се осмислат содржини и активности што ќе бидат поврзани со формалниот образовен систем, а да има насочен, но холистички пристап, што ќе му овозможи на секое дете да проучува, да го потврдува, надградува и проширува своето знаење.
Мрежата за искуствено учење науки во изминативе три години активно работеше на изработка на едукативна програма што нуди содржини за ученици од основно и од средно образование со фокус на заштита на животната средина, климатските промени и квалитетот на воздухот во нашата земја. Во исто време работевме на градење на Мрежата, креирање на едукативни содржини и промоција, и едноставни и прифатливи начини за вклучување во активностите на Мрежата. Нашата работа им овозможува на учениците ракување со специфични алатки и опрема, да истражуваат, да експериментираат и да анализираат, да донесуваат заклучоци и да предлагаат можни решенија за различни проблеми и задачи, без оглед дали станува збор за училиштето, училишниот двор, местото каде што живеат или во природа. Активностите што ги нуди Мрежата преку искуственото учење ги воведува учениците во светот на законите на природата, релациите со човекот, растителниот и другиот животински свет и како прекумерното користење на ресурсите дејствува на целокупниот биодиверзитет.
Преку оваа програма наставниците и учениците имаат можност да се запознаат директно на теренот или во современо опремени лаборатории со постојниот биодиверзитет, како и со важноста на климатските промени. Како вкрстувањето на климатските промени со загубата на биолошката разновидност влијае врз отпорноста на екосистемите?
Вкрстувањето на климатските промени со загубата на биолошката разновидност создава синергетски ефекти што значително ја намалуваат отпорноста на екосистемите. Овие два феномена меѓусебно се зајакнуваат и се надополнуваат, што води до зголемена ранливост на екосистемите. Биолошката разновидност обезбедува стабилност на екосистемите преку функционалната разновидност на видовите. Кога таа е намалена поради климатски промени или други фактори, екосистемите стануваат помалку способни да се справуваат со стресови како суши, поплави или пожари, кои стануваат почести поради климатските промени. Екосистемските услуги, пак, како што се чистење на водата, складирање на јаглеродот и опрашување, зависат од биолошката разновидност. Загубата на клучни видови може да доведе до нарушување на овие услуги, што дополнително ја намалува способноста на екосистемите да се приспособат на климатските промени. Климатските промени предизвикуваат екстремни временски промени што можат директно да дејствуваат и да уништат одредени живеалишта. Доколку екосистемите немаат доволно биодиверзитет за брзо закрепнување, тие можат да се трансформираат во деградирани делови што дополнително се изложени на други непогоди. Загубата на биолошка разновидност ја нарушува хармонијата во екосистемите и синџирот на исхрана. На пример, ако еден опрашувач, на пример пчелата, исчезне поради климатски промени, растенијата што зависат од неа нема да можат да се репродуцираат, што предизвикува синџир на негативни ефекти. Екосистемите со поголема биолошка разновидност имаат поголема способност да се адаптираат на климатските промени. Намалувањето на оваа разновидност ги остава екосистемите ранливи на дополнителни промени.
Кои се предностите на искуственото учење, во однос на традиционалните, теоретски методи на учење?
Искуственото учење нуди неколку значајни предности во однос на традиционалните, теоретски методи на учење. Поттикнува активно учество, практична примена и критичко размислување кај учениците, што ја зголемува ефективноста на процесот на учење. Учениците активно се вклучуваат преку практични активности со директна примена на знаењето, што го зголемува интересот и мотивацијата кај учениците, а воедно ја поттикнува нивната креативност, а им овозможува да развијат и конкретни, употребливи вештини релевантни за реалниот свет. Наместо помнење на теоретски концепти, учениците преку искуственото учење ги истражуваат принципите на случувањата, во нашиот случај, законите и меѓусебните релации во природата и животната средина, што доведува до посилно и долготрајно разбирање. Преку истражување, анализа на добиени податоци од истражувањата, решавање проблеми и анализа на практични ситуации, учениците ги развиваат вештините за критичко размислување и донесување одлуки. Од особено значење е и групната и тимската работа, што ги охрабрува учениците да соработуваат и ефективно да комуницираат.
Искуственото учење нуди приспособливост и холистички пристап, што го прави достапно за ученици со различни стилови на учење (визуелни, аудитивни, кинестетички). Истовремено, преку реални ситуации, учениците учат како да се справуваат со стрес, да развијат емпатија и да ја разберат динамиката на човечките односи што дополнително придонесува кон развивање на емоционалната интелигенција. Овие предности го прават искуственото учење поефективно, бидејќи поттикнува целосен развој на учениците и ги подготвува за животот надвор од училницата.
На кој начин се избираат темите што се обработуваат на работилниците? Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате при организирање на определена работилница?
Мрежата за искуствено учење е посветена на промоција на природните науки преку методите на искуствено учење и едуцира за одговорноста во заштитата на животната средина и природата, придонесувајќи кон подобрување на формалното образование во земјата. Намерата на Мрежата е децата да учат наука во допир со природата!
Во таа насока, Мрежата изработи едукативна програма, во која тематските едукативни работилници се јадрото и ги обезбедуваат сите потребни материјали и средини во кои учениците стекнуваат практични знаења и вештини, водени низ активностите од страна на едукатори обучени за работа со методи на искуствено учење. Темите на работилниците се во фокусот на заштита на животната средина, климатските промени и квалитетот на воздухот, а ги реализираат партнерски организации во рамките на нивното поле на дејствување. Работилниците се сосредоточени на проучување на растителниот свет, истражување на различни водни екосистеми, влажни живеалишта, заштитени подрачја, квалитет на различните медиуми за живот (воздух, вода, почва), одржливо користење на природните ресурси и извори на енергија, отпадни материи. Крајното дефинирање на работилниците вклучува и усогласување со официјалните образовни програми подготвени од Бирото за развој на образованието (БРО) и од Министерството за наука и образование (МОН), за различните возрасти од основното и од средното образование.
Во однос на спроведените работилници, предизвик е да се обезбеди учество на сите ученици од нашата земја, особено ученици од руралните и ранливите средини. Се надеваме дека во иднина ќе обезбедиме начини за нивно вклучување преку посета на центрите или вклучување на јавни настани во близина на овие средини.
Македонското еколошко друштво во рамките на Мрежата за искуствено учење спроведуваше програма за искуствено учење за квалитетот на воздухот кај нас. Кои аспекти од овој сложен проблем, што нè засега сите, беа обработени со оваа програма?
Работилниците на Мрежата поврзани со квалитетот на воздухот вклучуваат искуствени активности преку кои учениците учат за составот на гасовите во воздухот, изворите на загадување, начините за прочистување на воздухот и улогата на шумските површини во намалување на концентрацијата на јаглерод диоксид, кисели дождови, но и за влијанието на квалитетот на воздухот на животот и опстанокот на различните видови организми и живеалишта.
Тимот на Македонското еколошко друштво две децении работи на заштита на балканскиот рис, кој е загрозено миграторно, диво животно. Кои конкретни чекори ќе се преземат следната година за заштита на овој вид?
Тимот на МЕД и во иднина ќе продолжи активно да работи на заштитата на загрозениот балканскиот рис. Работата ќе продолжи во насока на истражување и мониторинг, јакнење на капацитетите на тимот и сите засегнати страни за негово сочувување како владини, така и невладини организации и институции, заштитени подрачја, зачувување на живеалиштата, подигнување на јавната свест и едукација. Вмрежувањето со националните и прекуграничните партнерски организации е од особено значење и се покажа како силна алатка што обезбедува сигурна и долгорочна заштита на овој вид.