Македонската јавност ја знае Ели Пешева по различните професионални ангажмани, кои ги исполнува со голема посветеност и страст. Нејзината креативност, остроумност и посредност при извршувањето на функцијата директор за комуникации во една од најуспешните македонски агенции „Њу момент“ или како гласна еко-активистка од Иницијативата „О2“, едноставно ве плени и веднаш ви станува јасно дека станува збор за жена која не прифаќа компромиси и која сака да се бори и да живее во подобро општество.
Многу години македонската јавност има можност да го гледа вашиот професионален раст како новинар, активист и експерт за комуникации, професии што ги работите со многу голема страст и посветеност. Кој професионален предизвик ве исполнува најмногу?
Новинарството е мојата голема професионална љубов. Се чувствувам привилегирано што сум имала можност да бидам активен новинар во период во кој професијата имаше кредибилитет, тежина, одговорност и награда. Во кој јавноста ни веруваше, професионалните стандарди беа неприкосновени, и во периоди во кои ние, новинарите, имавме заемна почит едни за други и за начинот на кој работевме. Минав низ информативните сектори, работев од репортер и известувач до уредник на централното издание на вестите. Работев анализи од сферата на надворешната политика, дипломатијата, потоа влегов во поинаков сегмент и водев студиски дебати.
Се радувам на промените што ги носи новото време на технологијата, потенцијалите што ги отвора за споделување и со задоволство останувам да бидам активна во делот на информирањето и едуцирањето на јавноста што сега го овозможуваат социјалните мрежи. Но, жалам дека нивото на она што го гледаме сега секојдневно под превезот на „медиуми“ е толку ниско, толку површно, што би рекле народски: приплескано. Понекогаш се срамам кога додека читам или гледам прилог, инстинктивно во главата преформулирам, редактирам, лекторирам, поставувам прашања што би требало да имаат одговор. И се воодушевувам и отворено ги поддржувам малкумината останати ентузијасти и професионалци, ги следам нивните битки секојдневно и нивниот труд и вложувањето заслужуваат апсолутна почит.
Сега ги гледам работите од малку поинаков агол, аспектот на комуникации и односи со јавност дава поинаков увид, ја гледам другата, третата страна, се прават поинаков тип анализи, се таргетира пораката, се анализира пазарот, се работат сериозни анализи. Но, да речеме дека во сите сегменти доминира психологијата, анализа на однесувањето на луѓето, различни ситуации и предизвици и влегувањето во овие шеми за мене е исклучителен предизвик.
Еко-активизмот е многу важен дел во борбата за поголема свесност на јавноста за клучни прашања и права, како правото на чист воздух. На што е фокусирана оваа година Иницијативата „О2“ и како сте задоволна од досегашната работа?
Таа битка е толку сериозна, а истовремено толку бавна, што мислам дека моите соборки од „О2“ заслужуваат честитки само затоа што не се откажуваат. Буквално сме во борба со ветерници. Но, еве веќе осма година сме упорни и во борба со системот во кој никој нема одговорност за ништо, со заспани, корумпирани, дискутабилни институции што одбиваат или не знаат да си ја завршат работата, а истовремено ја подигаме јавната свест. Им помагаме на нашите сограѓани да научат што значат одредени хемиски елементи во воздух, кое ниво на ПМ-честички е опасно, како да внимаваат што јадат, каде се движат, како да пријават загадувачи, како да пријават и да спречат урбанистички кошмари. Го правиме сето ова комплетно волонтерски и низ личен пример. Се координираме и се надополнуваме со други еко-активисти, со цел да бидеме поефикасни. Нашата борба за здрава животна средина е толку комплексна, на толку многу полиња, што нема сегмент во кој нема направена штета. Притоа, интересот доаѓа на бранови, како расте аерозагадувањето во зимските месеци, доживува пик, како запролетува, така се губи темата и паѓа на маргините на приоритетите. Не ни паѓа на памет да се откажуваме, бидејќи проблемот не е нерешлив. Милионски градови го решаваат во неколку години, така што нема оправдување, само поголем притисок, за кој искрено се надеваме (и работиме на тоа) ќе доаѓа од младите генерации.
Десет години дебатната емисија „Зебра“ беше пример за издржани дискусии, добро обработени теми и квалитетна новинарска екипа. Какво е вашето мислење за моменталната понуда на вакви и слични телевизиски проекти?
Мислам дека свесно би (се) лажеле ако кажеме дека ова што сега ни се дава како локална понуда е добро. И убедена сум дека една од причините за вакво исклучително ниско ниво е токму фактот дека како луѓе од индустријата (забавно-информативната), како гледачи и како публика, немаме храброст да ги кажеме работите такви какви што се: лоши. Постојано некој се плаши од некого да не му се налути, да не изгуби поддршка, да не изгуби клиенти, да не навлече општ гнев заради критика и да биде изложен на cancel culture лизгалката. Но, не можеме да бидеме подобри ако не ги увидиме слабите страни, ако не го кажеме на глас тоа што не чини или не е доволно добро или може да се подобрува. Нашата јавност (нели тоа е активниот дел од медиумските консументи) се претвори во аморфна публика. И токму затоа местото, улогата и влијанието на силни локални медиуми и новинари, го предадовме на регионалната конкуренција. Огромен дел од нашите гледачи следат странски медиуми, се информираат од нив, се забавуваат на стриминг-платформи, видеоигри и имаат доволно здрава процена кога ја споредуваат локалната понуда со регионалната. Редовно се прават анкети за што и колку гледаат нашите сограѓани и ставката на оние што ја одбираат странската понуда е повеќе од 60%. Ако постои искрена желба и намера, мора да се подобри квалитетот. Не можат да се пакуваат секакви типови емисии, кои во себе немаат никаква вредност и да се очекува дека гледачите нема да ја забележат површноста, погрешните факти, пристрасноста, неинволвираноста, производ колку да помине денот. Пак ќе кажам, со сета почит и поддршка за колегите кои не се предаваат, кои работат аналитично, темелно, посветено. Но, не е сè до новинарите, и менаџментот на медиумите има свој дел и од одговорноста и од обврските, маркетинг-агенциите што треба да препознаат и да понудат на клиентите добра програма што ќе одговара на сенсот на компаниите и, секако, бизнис-секторот. Добрите новинарски производи мораат да имаат одврзани раце и голема професионална и финансиска независност за да можат да ја исполнат својата цел.
Дел сте од адвертајзинг-индустријата, како директорка за комуникации во „Њу момент“, една од водечките маркетинг-агенции кај нас. Во кој правец се развива маркетингот, дали го следиме светскиот тренд на вклученост на инфлуенсерите и јавните личности како најголеми промотери на новитети?
За разлика од многу други сегменти во општеството што доцнат, не можат да се приспособат на промените и на новото време, адвертајзинг-индустријата, маркетингот и сферата на рекламирање и промоција кај нас е во чекор со светските трендови. Единствено по што се разликуваме се буџетите со кои располагаме, во однос на регионалните и светските. Но, имаме исклучително креативни луѓе, многу храбри идеи, одлична реализација на проекти што без грам инфериорност можат да се мерат со она што се работи во другиот дел од Европа.
Инфлуенсерите комплетно го освојуваат пазарот. Секојдневно работам со многумина од нив и можам да кажам дека се исклучително посветени луѓе, професионални, ги следат трендовите, ги аплицираат, не се плашат да пробаат, да не успеат, да научат или да воодушеват со тоа колку нешто е добро направено. И најважното, благодарение на дигиталниот маркетинг, преку нив точно ја насочуваме пораката до таргет-групата што ни е потребна. И не зборувам само за комерцијални кампањи, тие се носители и на општествено важни кампањи за подигнување на јавна свест, преку врсничко насилство – булинг, грижа за животна средина и екологија, проекти за деца без родителска грижа, грижа за животни… овој тип промоции ни овозможува и прецизно следење на резултатите и реализацијата. И тие се феноменални. Така што новинарството ја губи битката и на ова поле. Едни со други не се исклучуваат, ни требаат двете вертикали за да имаме точно и добро информирана јавност, со здрава критичка мисла. Како општество, како заедница, како индустрија не смееме да ги изгубиме традиционалните медиуми и затоа мораме заемно да си помогнеме, во враќање на кредибилитетот и професионалноста.
Вештината на родителството е да успееме да ги водиме и да ги насочуваме нашите деца на патот кон најдобрата своја верзија. Кои предизвици од растењето на вашите ќерки ви оставиле најголема трага?
Тие се посебна и исклучително забавна приказна. Како и секој родител, со раѓањето на првото дете го имав нагонот на „хеликоптер мајка“, да сум тука во секое време, да правам сè за нив, да им помагам, да имам решение за сè. По првиот пубертет сфатив дека е сосема точно она што една поискусна пријателка ми го кажуваше години претходно „everything you know is wrong“. Ми требаше подолг период да се помирам со тоа дека не им требам цело време, исто како што и јас за мојата мајка знам дека е тука во секој момент, но не мора да сме сијамски близнаци.
И пуштив. Онаа најтешката човечка карактеристика да знаеш дека треба и да можеш да пуштиш. Да им дадам слобода да се развиваат во луѓето кои сакаат да бидат, да се чувствуваат добро во својот ум, своето тело, својата кожа. Да се спојуваме за работи што ни се важни на двете или трите. И да уживаме. Да не осудувам, да не го давам моето мислење по секоја цена и наместо да велам: горда сум на тебе, да им кажам: биди горда на себе, погледни каде си. И тоа им дава ветер во грб, а мене мир. Да, знам, нема период во кој не се грижиме за своите деца и дали се добро и дали се безбедни и дали јаделе, дали излегле со мокра коса, седнале на цемент и дали некој им го скршил срцето, но вербата во нив, дека ќе знаат да проценат што е најдобро, се трудам да биде секогаш поголема од стравот што често е и неоправдан.
Вашите профили на социјалните мрежи се вистинско уживање за сите што се љубители на патувања и светски, туристички дестинации. Што претставуваат патувањата за вас и како ги одбирате дестинациите што ги посетувате?
Често се шегувам дека ако немам букирано следно патување, имам анксиозен напад. Имам постојана потреба од истражување, патувањата ме оживуваат, го вадат најдоброто од мене, се чувствувам како енергично дете. Како што некој сака да планинари, друг сака прошетки низ шуми, некој сака стационирање на плажа, во локално кафуле, некој ригорозно да вежба, да игра видеоигри, некој сака да купува нови работи, јас имам неодолива потреба да одам на различни локации, да го истражувам локалниот начин на живот, да зборувам со локалците.
Аеродромите за мене се адреналин, првото излегување на улица во нов град е неискажливо задоволство. Дури и на локации на кои често се враќам, секогаш откривам нешто ново, нешто поинакво. Си градам база на познати луѓе, на мои места. Никогаш не сум осамена. Секогаш имам одлична придружба, често различна, бидејќи јас сум неуморна, а не ја делат сите мојата еуфорија, а секако тука се обврските.
Некогаш ми се поклопуваат коцките и плановите и ќе успеам да реализирам невообичаена дестинација, од една страна на светот до друга. Од пред некое време почнав да пишувам за моите перцепции од патувањата, да си вадам највпечатливи моменти, нешто од што и ние како држава и луѓе можеме да научиме. Ги пишував повеќе за себе, да не ги заборавам деталите и чувствата, и почнав да добивам стотици пораки од различни луѓе. И тоа некако ми го прави секое патување уште поинтересно, да пренесам убава енергија, да ги расположам луѓето, да споделам корисни информации или, едноставно, убави фотографии, а за себе да си создадам база на спомени.
Како го дефинирате личниот успех од аспект на вашата моментална животна доба?
Искрено, кога наполнив 40 години ми се појави страв, не од стареењето и како би изгледало тоа, туку страв дека можеби немам уште многу време да реализирам тоа што сум го замислила. Па, потоа дојде периодот на короната, изолациите, вистинските реални стравови од болест и смрт, заминувањето на првото дете од дома, во туѓа држава, првиот чекор кон empty nester, здравствени предизвици и телото даде знак за бавност. И ми се случи некој вид пресвртница. Низ тој вител се запознав себе. Што вистински сакам, што ме полни, на што сакам да ги посветам следните години од професионалната кариера, кој ми треба покрај себе, колку ми се важни моите најблиски, семејството, пријателите, луѓето кои ги сакам и ме сакаат. И пред некој месец, кога зборував со една блиска личност за тоа што планирам и како сакам да ги остварам овие за мене нови предизвици, ми рече: гледам страст. И ете така сакам да се дефинирам сега, како жена која е полна со страст, за животот, за себе, за новото професионално поглавје, страст за авантури, за моите соништата, за малите работи, за луѓето кои бескрајно ги сакам.
Кои приоритети ви се покажале дека се најважни за добра и константна грижа за себе?
Откажувањето по секоја цена да ги задоволам општествените очекувања. И да не поставувам очекувања од другите, бидејќи и бездруго не можам да ги контролирам, а многу веројатно ќе ме водат кон разочарување. Дали сум лесна жена? Секако дека не. И јас имам гличови и затоа сум исклучително благодарна на моите најблиски, одиме заедно низ животот со разбирање дека не сме совршени, но се сакаме токму такви. А, очекувања само од себе. Сето ова е грижа за физичкото и менталното здравје. Опкружување со луѓе и влегување во ситуации што ми носат „мирно море“, а не бранови. И како со упатството за маската со кислород во авион, прво „извини“ кон себе, фала на телото и умот што се на моја страна и, често, секојдневно (по)кажување „те сакам“ на оние што ми се најважни.
Велат дека добар живот е процес на кој треба да се работи долгорочно. Што означува добар живот за вас и кои секојдневни рутини и ритуали ги применувате за да го остварите?
Да не звучам како прирачник за самопомош, ама:
– Вежбам три-четири пати неделно. Мрчам, ама вежбам.
– Се трудам да се хранам здраво. Не е сè вкусно како паста, пица и хамбургер, ама погледот во огледало, без филтри, надоместува.
– Работам, ама и трошам. Јас сум хедонист/консумерист, сакам да уживам во заработеното и да споделувам со други.
– Привилегијата на слободно време за да пишувам за тоа што сакам, да читам тоа што сакам, да гледам тоа што сакам, да пијам кафе со кого сакам. Да сакам. Да не морам.
– Да го држам мојот дух ведар, енергијата позитивна, смислата за хумор здрава.
– Да се грижам за мојот мал круг и да уживам во нивната грижа за мене.
– Да се качам на авион.
– Да одам на концерт во друг град.
– Да ставам нозе во песок.
– Да скијам на сончев ден.
– Да танцувам во баде мантил во некој нов хотел.
– Да се дотерам или да не мрднам со прст, ама секако да си кажам: Океј си, бе. Уживај.
Светската криза, постпандемичната летаргија, новите воени конфликти и големата инфлација го отежнува секојдневното живеење и многу луѓе се чувствуваат демотивирано и безволно. Како се борите против овие чувства и имате ли некој совет за нашите читатели?
Не сакам да држам лекција никому како треба и што треба да прави. Сите ние имаме битки што ги споделуваме со други или сами одиме низ нив. За себе само можам да кажам дека одбивам да бидам огорчена личност.