Во време кога дигиталниот простор е преплавен со површна содржина, а фитнесот сè почесто се сведува на естетика и брзи резултати, ретки се гласовите што нудат суштина, контекст и вистинска вредност. Токму таму се позиционира подкастот „Бајкерот и Кросфитерот“, како автентична платформа што не се обидува да му угоди на алгоритмот, туку на сопствените убедувања.
Зад него стојат Жарко Батиќ и Томе Попчевалиев, двајца спортисти со сериозно искуство, но уште поважно, со јасно изградена перспектива за спортот како начин на живот. Нивната сила не лежи само во дисциплината и резултатите, туку во способноста сложените теми да ги направат разбирливи, релевантни и применливи.
Без потреба од сензационализам, тие отвораат разговори што бараат став, размислување и искреност, квалитет што ретко се среќава во домашниот медиумски простор. Нивниот подкаст не нуди брзи одговори, туку поттикнува подлабоко разбирање за телото, умот и изборите што ги правиме секој ден.
Во време кога фитнесот често се сведува на естетика и брзи резултати, како вие ја дефинирате вистинската вредност на физичката подготвеност – како филозофија на живот, а не само како форма?
Функционалност и олеснување на животот вон салата и како главна алатка за подобрување на сопственото здравје.
Томе: “Во здраво тело, здрав дух“ -Недоволно луѓе посветуваат недоволно време да размислат колку е ова длабоко.
Вашиот пат помеѓу кошарката, кревањето тегови и Kросфитот подразбира различни дисциплини и ментални пристапи. Што е она што останува константно во вашиотоднос кон спортот?
Конзистентноста и истрајноста.
Подкастот „Бајкерот и Кросфитерот“ отвора теми што ретко се третираат со длабочина во македонскиот медиумски простор. Колку е тешко да се задржи интегритетот и автентичноста во време на алгоритамски диктирана содржина?
Воопшто, не бркаме бројки и сензационализам, обработуваме теми исклучиво што нас нѐ интересираат.
Колку личното искуство може да биде валиден извор на знаење во спортот и здравјето, а каде започнува границата каде што науката мора да има последен збор?
100% е личното искуство, само преку таа призма можеме да знаеме дали тоа што го кажува науката функционира или се заснова на теорија. Во праксата се одговорите, а кој подобро ќе ги одговори ако не самоте ние…
Томе: Науката, по дефиниција, никогаш нема да го има последниот збор. Со други зборови, џабе и’ се зборовите ако тие не можат да се спознаат и перспективно и искуствено.
Дали мислите дека модерниот човек ја изгубил врската со сопственото тело, и ако да како спортот може да помогне во нејзиното повторно воспоставување?
Во модерното време единствената алатка за воспоставување на врската со сопственото тело е спортот.
Томе: Спортот покрај многуте ,,дефиниции“ е и еден вид физичко-артистичка експресија на духот преку телото. Самото практикување на истата е таа врска меѓу двете. Не практикуваш – немаш врска со сопственото тело.
Во подкастите често обработувате комплексни прашања. Дали постои граница што свесно не сакате да ја преминете, или сметате дека секоја тема заслужува отворена дебата?
Обработуваме теми и прашања што се исклучиво од наш интерес, секоја тема што нас не интересира заслужува да биде сработена. Граница што не би ја преминувале или теми што не би ги обработувале се трач, сензационализам, политика или дека нештото е баш актуелно па ќе привлече бројки и внимание.
Томе: Често преку подкастот правиме работи што ни фалеле нам во некои наши одминати години. Тоа важи и за комплексните теми – ни фалеле кога ни требале и сега еве сме во ситуација кога сме си направиле убави услови и неисцрпна желба да си обработуваме теми и прашања не’ интересираат. Терминот ,,граници“ не ни фигурира многу во умовите.


Колку дисциплината во спортот може да се преведе во други аспекти од животот: бизнис, односи, личен развој и дали таа трансфербилност е преценета?
Таа трансфербилност е БЕСЦЕНЕТА.
Томе: Не само што се преведува туку се мултиплицира експоненцијално.
Како ја гледате улогата на мотивацијата денес, дали е таа двигател или изговор што луѓето го користат кога недостига структура и навика?
Мотивацијата е само некоја иницијална каписла за нештото да се започне, единствениот вистински двигател е дисциплината.
Томе: Што е тоа мотивација? Или треба да се направи нештото или не треба.
Со оглед на растот на подкаст културата, дали сметате дека публиката денес бара повеќе длабочина или повеќе забава и како го балансирате тоа во вашата содржина?
Секоја роба има свој купец. Кој што си бара тоа ќе си најде. Викаме гости и обработуваме теми што нас нѐ интересираат, не мора да е некој познат, актуелен или да има икс број на следбеници. Единствениот предуслов е дали на нас ни се зборува со тој човек.
Томе: Можеби не е одговор што публиката сака да го слушне, но публиката некако ни е последно место… Правиме тоа што сакаме да го правиме и тоа што сметаме дека е добро според нас и за нас. Историјата е полна со примери кога “публиката“ се наоѓа привлечено токму кон таквата автентичност.


Ако треба да издвоите една заблуда што најчесто ја среќавате кај луѓето кога станува збор за тренингот, исхраната или здравјето, која би била таа и зошто е толку упорна?
Сфакањето на ова дека има рок на траење. Редовното вежбање и внимавање на исхрана се за цел живот, што побрзо се сфати ова тоа подобро. Не постојат брзи резултати. Прифати го како факт и терај.
Томе: Мислат дека им треба мотивација. Како што не ти треба мотивација да си измиеш заби така треба да биде и за редовна и НАМЕРНА физичка активност. Друга заблуда што би ја издвоил е дека мислат дека баш тој/таа е некој уникатен и специјален случај на исклучок и дека има “простор за муабет“ – нема. “If you have a body, you are an athlete” – Bill Bowerman.


