Приходи од продажби
Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – јуни 2024 година продажбите достигнуваат 6.709.614.706 денари, што е за 7 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 9.475.222.706 денари, што е за 12,5 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
Продажби според региони
Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 18 %, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 10 %. Компанијата, преку своите застапувања на производите на светски реномирани фармацевтски производители, активно учествува во обезбедувањето најсовремени ретки и специфични терапии, со што како докажан партнер на јавното здравство обезбедува значителна поддршка за здравствениот систем во земјава. Иако профитабилноста на овие програми е ограничена, тие значително го зголемуваат учеството на домашниот пазар во вкупните консолидирани продажби. Од вкупните консолидирани продажби 31 % се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 69 % се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 27 %, во земјите
од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 22 %, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР…) се остварени 19 %, а на другите пазари е остварен 1 % од вкупните консолидирани продажби.
Најголем пораст кај извозните пазари, во споредба со минатата година, бележат продажбите остварени во Велика Британија, во износ од 226.902.273 денари, кои се зголемени за 3,5-пати; потоа во Јордан, каде што се зголемени за 3,4-пати, како и во Грузија, каде што се зголемени за 3-пати. Потоа следуваат оние во Украина (раст од 79 %), Чиле (раст од 78 %), Унгарија (раст од 64 %), во Грција (раст од 18 %), Хрватска (раст од 15 %), Монголија (раст од 14 %), во Албанија (раст од 14 %), Словенија (раст од 12 %), Црна Гора (раст од 8 %), во Босна и Херцеговина (раст од 8 %) итн.
Продажби според групи производи
Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 91 %. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со 27%, препаратите ОТЦ со 18 %, кардиолошките препарати со 12 %, невролошките препарати со 12 % од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 9 % во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 2 %, козметика со 6 %, а билкарство учествува со 1 %. Вкупните продажби бележат пораст кај сите профитни центри во споредба со остварените во истиот период од 2023 година. Сегментот фармација бележи раст од 13 %, хемија раст од 2 %, козметика раст од 7 % и билкарство раст од 7 %.
Инвестиции
Во 2024 година, во насока на посветеноста за постојана модернизација и за проширување на производствените капацитети, производствените волумени и на асортиманот, АЛКАЛОИД АД Скопје ја комплетираше реализацијата на својот најголем инвестициски потфат во последните две децении – новиот погон за производство на цврсти фармацевтски форми Таблетно одделение 2.0 и придружните технички простории. Новиот техничко-технолошки капацитет, чија цел е повеќе од двојно зголемување на обемот и поголема флексибилност во производството на цврсти фармацевтски форми, зафаќа површина од 6.200 м2 (производствени и технички простории), а за него АЛКАЛОИД вложи вкупно 19,4 милиони евра. Во првото полугодие од годинава се реализираше стратешка инвестиција и во ПЦ Козметика. Инсталирана е нова производствена линија за производство и за пакување влажни марамчиња, во вредност од 1,7 милиони
евра. Новата производствена опрема за производство на влажни марамчиња е со капацитет од 120 парчиња/минута и е дополнета со целосно автоматизирани линии за пакување. На овој начин се овозможи удвојување на капацитетите за производство на влажни марамчиња и се прошири палетата на производи кои може да се произведуваат и да се пакуваат.
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – јуни 2024 година изнесуваат 679.677.122 денари.
Иновации
АЛКАЛОИД во изминативе години започна процес на редизајнирање на постојни генерички фармацевтски производи за нови индикации, со цел создавање лекови со додадена вредност кои овозможуваат третирање и задоволување на потребите на индивидуални или на специфични групи пациенти. Стратешките инвестиции за модернизација на производственото портфолио доведоа до успешен развој на првиот патентиран лек со додадена вредност на АЛКАЛОИД, наменет, пред сѐ, за третман на рефлуксен езофагитис и на гастроезофагеална рефлуксна болест (ГЕРБ). Лекови од прв избор во третманот на рефлуксен езофагитис и на ГЕРБ се т.н. инхибитори на протонска пумпа, група во која спаѓа и Омепразолот, кои најчесто се достапни во форма на гастрорезистентни таблети и капсули, како и на прашок за растворање. За првпат во
историјата АЛКАЛОИД разви течна форма на лекот Омепразол, готов за употреба.
За пероралниот раствор Омепразол АЛКАЛОИД го доби првиот интернационален патент за лек со додадена вредност (Value Added Medicine – VAM), а првите одобренија за ставање во промет на овој иновативен лек веќе се доделени за македонскиот пазар и за пазарот во Обединетото Кралство. Во тек се регистрациските постапки за земјите во Европа и за пазарите во Европската Унија, при што се очекува добивање одобренија за ставање на лекот во промет и за негово последователно лансирање.
Резултати од работењето
Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 1.446.134.243 денари, бележи зголемување од околу 8 %, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 882.679.310 денари и е зголемена исто така за 8 %. Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА)
достигна 1.451.686.694 денари и бележи раст од 4 %, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 825.117.111 денари е зголемена за 7 %. При извршувањето на оперативните активности АЛКАЛОИД АД Скопје ангажираше повеќе од 1.000 домашни добавувачи.
Вработени
Во периодот јануари – јуни 2024 година во АЛКАЛОИД АД Скопје се реализирани 161 ново вработување во РС Македонија. Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во март 2024 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата, во висина од 40.500 денари нето-износ. Групацијата АЛКАЛОИД брои 2.970 вработени, од кои 2.259 се во земјава, а 711 се вработени во капитално поврзаните друштва во странство.
Податоци за акциите
Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – јуни 2024 година се движеше од 18.151,00 до 21.100,00 денари или просечно 20.237,94 денари за една акција. Движењето на цената на акцијата е во рамките на трендот на просечниот годишен раст и се должи на редовното и транспарентно објавување позитивни резултати од работењето на компанијата, позитивното јавно мислење, на довербата во нашите производи, управувањето со друштвото и на генералниот тренд на раст на глобалните и на регионалните берзи. На 30.6.2024 година акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје беа во сопственост на 5.597 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше 29,5 милијарди денари. На 1 април 2024 година, на Годишното собрание на акционерите, е одобрена пресметка и исплата на бруто-дивиденда за 2023 година во износ од 772.931 илјади денари. Во согласност со дивидендниот календар, во мај 2024 година започна исплатата на дивидендата во износ од 540 денари бруто, односно 486 денари нето за
една акција. Дивидендата од акција за 2023 година е поголема за 10,2 % во однос на исплатената дивиденда од акција за 2022 година.
Бизнис-план за 2024 година
Бизнис-планот за 2024 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на 27.12.2023 година, предвидува инвестирање на околу 10 % од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства, раст од 10 % на консолидираните продажби во однос на реализираните во 2023 година, како и раст од 7 % на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2023 година.
Бизнис-планот за 2024 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2024 година, а со тоа и остварените резултати може да варираат од прикажаните во Бизнис-планот.
Очекувања за претстојниот период
Трендот на работење во отежнати економски услови, кои беа актуелни во изминатите неколку години, сосема е извесно дека ќе продолжи и во 2024 година. Доминанти предизвици беа инфлацијата и порастот на каматните стапки, кои, сепак, според сите очекувања, би требало да влезат во зоната на стагнација, а можеби и на благо опаѓање. Секако, глобалните безбедносни кризи ги отежнуваат економскиот амбиент и предвидливоста, што секогаш може да повлијае и врз цените на енергенсите, да создаде тешкотии во синџирите на испораки, но и да повлијае врз достапноста на одредени материјали. Очекуваме во 2024 година да продолжиме по патеката на континуираниот раст базиран на можностите од нашите тековни инвестиции во нови производствени капацитети и опрема и на вложувањата во развојно-истражувачките проекти, на тој начин создавајќи конкурентно портфолио и можности за ширење на пазарите. За остварување на овие цели ќе продолжиме и со нови вработувања во земјава, но и на странските пазари, притоа континуирано вложувајќи во подигнување и во усовршување на нивото на знаења и на
вештини на нашите вработени и во градењето таленти.