Џулија Гарнер како кралицата на попот? Биографскиот филм за Мадона долго време беше во фокусот на јавноста, но до каде е сега проектот и кога ќе го видиме на екран?
Кога во 2022 година беше објавено дека Џулија Гарнер е избрана да ја глуми Мадона во официјалниот биографски филм за музичката икона, интернетот експлодира од реакции. Гарнер, позната по улогите во „Ozark“ и „Inventing Anna“, важи за една од најталентираните актерки на својата генерација, а трансформацијата во Мадона изгледаше како логичен следен чекор.
И покрај неизвесностите околу самата продукција, во интервју на Џулија Гарнер од минатиот месец, таа изјави дека филмот е „work in progress“ – односно сè уште се работи на него – и дека сѐ уште се очекува да се реализира. Ова потврдува дека Гарнер останува посветена на улогата, и покрај долгиот период на чекање.
Првично, филмот беше во развој кај Universal Pictures, со Мадона како режисерка и косценаристка (во соработка прво со Diablo Cody, потоа со Erin Cressida Wilson). Работниот наслов бил „Who’s That Girl“, како омаж на нејзиниот филм од 1987.
Но во јануари 2023 година, Universal го стави проектот на „пауза“. Според повеќе извори, причината била нејзината фокусираност на глобалната турнеја „Celebration“, која почна подоцна истата година.
Иако проектот не е официјално откажан, сѐ уште нема датум за почеток на снимање, ниту потврдена продукциска куќа зад новата фаза од развојот.
Нема официјално сценарио достапно за јавноста, но Мадона претходно изјави дека не сака некој друг да ја раскажува нејзината приказна, затоа и решила самата да го режира филмот. Тоа значи дека проектот би требало да прикаже интимен и личен поглед кон нејзиниот живот – од скромните почетоци во Њујорк, преку нејзиниот подем на поп-сцената, до контроверзиите и креативните пресврти кои ја дефинираа нејзината кариера.
Во мај 2025 година, Deadline објави дека Мадона официјално соработува со Netflix на развојот на лимитирана серија (limited series) посветена на нејзината легендарна кариера. Според изворите, проектот е во рана фаза на развој, што значи дека сè уште нема потврден наслов, кастинг или број на епизоди.
Она што е сигурно е дека Мадона ќе работи заедно со режисерот и продуцент Шон Леви, основач на 21 Laps Entertainment – продукциската куќа зад хитови како Stranger Things, Deadpool & Wolverine и Night at the Museum.
Оваа промена на форматот од филм во серија овозможува посеопфатно прикажување на нејзиниот живот, а партнерството со Netflix ветува голема продукциска вредност и глобална дистрибуција.
Со актерка како Џулија Гарнер и со Мадона како творечки ум зад сценариото, овој проект несомнено има потенцијал. Но прашањето останува: дали и кога ќе се реализира?
Додека чекаме повеќе детали, останува да се надеваме дека ова ќе биде филм достоен за една од највлијателните жени во музичката историја.