На 7 април 2026 година (вторник), со почеток во 19:00 часот, во просторот FRANZ (поранешен Клуб на новинари), Тиииит! Инк. ќе ја промовира книгата „Избришаното уживање: Клиторисот и мислата“ од француската филозофина и феминистичка теоретичарка Катрин Малабу.
Изданието е дел од книжевната едиција Vagina Dentata и претставува едно од клучните современи дела кое ги отвора прашањата за телото, сексуалноста и женското уживање низ призма на филозофијата, политиката и културната теорија. Книгата има особено значење за оваа едиција, бидејќи директно влијаела врз нејзиното концептуално обликување и насока.
Во „Избришаното уживање“, Малабу нѐ потсетува за долгогодишниот заборав на овој орган како отсутен од книгите за анатомија, од сликите, од скулптурите. Малабу вели дека клиторисот – чија функција е единствено во служба на задоволувањето и уживањето, постана органот на избришаното уживање. Таа алармира дека иако денес ситуацијата е малку поинаква – клиторалното уживање и неговата автономија се прифатени, за клиторисот во меѓувреме се посветени бројни книги, конференции, уметнички дела – сепак раните остануваат. Затоа што половите осакатувања се сѐ уште актуелни. Затоа што уживањето и понатаму е ускратено за милиони жени. Клиторисот продолжува да го означува таинственото место на женскоста. Малабу апелира дека е дојдено до крајната итност за потсетување на жестината на тоа место, и дека е време е да се допушти да зборува органот на уживањето, кој сѐ уште не станал орган на мислата.
Промоцијата ќе се одржи во форма на разговор помеѓу уметницата Христина Иваноска, авторка на визуелниот идентитет на изданието, квир теоретичарот Славчо Димитров и уредничката Мања Величковска. Разговорот ќе го модерира Јана Коцевска, уредничка на едицијата Vagina Dentata. Преводот од француски јазик е на Дарко Леитнер-Стојанов, лектурата на Виолета Танчева-Златева, а дизајнот и техничкото уредување ги потпишува Марија Смилевска.
Со ова издание, Тиииит! Инк. продолжува со својата заложба за создавање простор за феминистичка теорија и литература која критички ги преиспитува телото, сексуалноста и женското искуство, отворајќи нови перспективи во локалниот културен и теоретски контекст.
Книгата и настанот се поддржани од Equality Fund.
Катрин Малабу е една од најзначајните современи филозофини. Во своите истражувања и во пишувањето се занимава со широк спектар теми и мислители, од Хегел и Фројд до Хајдегер и Дерида, како и со теми на пресекот меѓу филозофијата, невронауките и психоанализата. Централно место во нејзината работа зазема поимот пластичност, кој го презела од Хегел, а кој се покажал плоден во рамките на современите економски, политички и општествени дискурси. Во моментов го истражува заедничкото упориште на антителеолошките тенденции во филозофијата, политиката и биологијата.


