Битола отсекогаш сакала да има клавири. Не како мебел, туку како тајна врска со Европа. Во салоните тие стоеле покрај тешки завеси и порцелански фигури, сведоци на љубови и разделби, на амбиции што ја надминуваа географијата на еден град. Клавирот бил доказ дека културата може да биде домашна работа. Иако често завршувал како полица за цвеќиња, неговото присуство било симбол: дека Битола е град што сака да звучи повисоко од секојдневието.
И еве, денес, едно ново пијано…обоено, апстрактно, како парче уметнички експеримент станува јавен симбол. Делото на уметниците Петар Томски – Whazz Djazz и Владимир Дади Ивановски изгледа како мозаик на градот: темно сино за стабилност, светло сино за раст, жолто и портокалово за енергија и оптимизам. Бои кои веќе почнуваат да свират пред да падне првата нота.
Но најважното е дека инструментот нема да остане затворен во ѕидови. Ќе излегува на платоа, на плоштади, таму каде што културата е јавна работа. И таму, ако си кабадаја – седни. И отсвири една нота. Не мораш да бидеш пијанист, доволно е можеби да си битолчанец.
На столчето до пијаното стои порака: „Седни ако си кабадаја.“ Една реченица што е провокација и покана во исто време. Ја остави Халк банка, институцијата која го донесе ова пијано и која со години ја повторува својата мисла „Важни се луѓето“. Овојпат таа порака не е на билборд, туку на столче пред инструмент што му припаѓа на градот.
Младоста што свири побрзо од нашите нерви
Првиот тон вечерта го донесе Алексeј Белевски – дете од Битола со свои дванаесет години и со биографија што LinkedIn не ја поднесува. Карнеги Хол, Виена, Белград, награди колку што ние имаме неплатени сметки. Ние на таа возраст уште купувавме касети, а тој веќе свири на сцени што изгледаат како соништа. Најубавото е тоа што не се обидува да биде „голем“. Едноставно е искрен. И токму затоа е голем.
Зрелоста што не старее
Потоа…Анастасија Гичевска. Родена во Битола…но тука се Љубљана, Грац, триесет меѓународни награди, YAMAHA награда за најдобар пијанист во Македонија. Импресивно на хартија, ама кога ќе седне на пијаното, хартијата гори. Останува звукот … зрел, смирен за млада личност што видела многу сцени. Со нејзиниот тон, класиката не е старомодна, туку вечна.
Шансони под битолското небо
А потоа…Бранислав Николов фронтменот на битолчаните Фолтин како „Пијан Славеј“ во придружба на проф. Вангел Малевски. Тоа беше делот кога Битола престана да биде Битола и стана Монмартр. Бранко пееше како да пушта чад од непостоечка цигара, Вангел одговараше со клавир што звучеше како поезија. И одеднаш салата се претвори во интимно кафуле, со мирис на летно бело вино и сенки што се движат во ритамот на меланхолијата.
Повеќе од концерт
Ова е потсетник дека културата е поубава кога е јавна, видлива, достапна. Кога пијаното излегува од ѕидовите и станува дел од улицата. Кога секој минувач може да седне без разлика дали е професор по музика или кабадаја со пркосен чекор.
Пијаното што излезе од ѕидовите ни кажа дека културата е најубава кога е јавна, достапна и малку иронична.
Затоа што ова пијано е наше.