Има нешто чудно во луѓе што “уживаат” на секој настан. Не затоа што не треба. Туку затоа што ретко има причина. Повеќето настани се коректни.Добро организирани, пристојно осветлени и доволно гласни за да изгледаат како нешто да се случува. И најчесто, тоа е доволно. Луѓето доаѓаат, наздравуваат, разменуваат неколку реченици и си одат со истата формула: „Убаво беше.“ Што, ако сме искрени, значи … ништо не остана. Bottega Eventi никогаш не работела со тоа „доволно“. Од самите нивни почетоци, од мало дуќанче од 12м² и прототип на маса направен од картон, што самите го дизајнирале, тие граделе многу повеќе од настани. Контролирано, внимателно и со јасна идеја како треба да изгледа искуството од внатре, не само однадвор.
Со Skopje Whisky Fest, а потоа и со Gin Lane Festival, тие отворија простор за публика што сака повеќе од формат.Публика што доаѓа со доверба, дури и кога не знае точно што ја очекува. Со нивниот Whisky Fest пак, приказната не се повторува. Се продлабочува. И за првпат, се преместува. Во Битола. На 4 април, во Офицерскиот дом, ќе се случи првото издание на Bitola Whisky Fest. Вечер што ќе биде и дегустација, но и внимателно поставен амбиент во историски објект, со музика, разговори и една поинаква динамика. Не како уште еден настан во календарот. Туку како сцена што долго ќе се памети.
Во разговорот со Ивана Новакова Куновска и Марија Зекмановска Митреска, двете дами зад Bottega Eventi, станува јасно дека зад секој детал стои одлука. Дека зад секој „лесен“ момент стои структура. И дека зад секој настан стои нешто многу поедноставно од стратегија, а тоа е беспрекорна естетика и вкус.Вкус за луѓе. Вкус за атмосфера. И чувство за тоа кога нешто е доволно добро … и кога не е. Ова не е интервју за тоа како се организира настан. Ова е разговор за тоа како се гради публика, како се создава доверба и како се прави нешто што не завршува кога ќе се изгаснат светлата. А светлата, барем формално, се гасат на полноќ. Сè друго… останува.
Ако вашиот влез во светот на настаните беше пијалак, што ќе беше?
Бленд од нас двете и спој на две различни single malt вискија, одлежувани 14 години во дабови буриња, со препознатлив Bottega Eventi финиш.
Кој беше моментот кога сфативте дека сакате да ги контролирате настаните, не само да бидете дел од нив?
Не постои момент кога сме престанале да сакаме да присуствуваме на настани. Сè уште уживаме во настани што нè инспирираат. Но со тек на време сфативме дека најголемото исполнување го наоѓаме во создавањето и водењето на искуството. Контролата за нас не е ограничување, туку алатка. Кога е во наши раце, имаме јасност, фокус и сигурност , како да држиме инструмент и точно знаеме како сакаме да „звучи“ целиот настан. Позадината е местото каде што се носат најважните одлуки. Таму се учи. И од грешките, и од моментите кога сè функционира совршено.
Што научивте за луѓето гледајќи ги како публика?
Дека сите, на некој начин, сме публика. Секој сака да биде виден, препознаен и доживеан на одреден начин. Разликите се многу помали отколку што мислиме.


Кој е најголемиот мит за индустријата?
Дека сè е забава. Зад секој „забавен“ момент стои структура, дисциплина и огромна посветеност која ретко се гледа.
Зошто Bottega Eventi?
Затоа што веруваме дека настаните не се само организација, туку занает. Почнавме во мал дуќан од 12м², со прототип на маса направен од картон што самите го дизајниравме. Името „Bottega“ доаѓа од италијанската традиција место каде мајсторството се гради со години. Така ги гледаме и настаните како нешто што се изработува, не се импровизира.
Craft или spectacle?
Мора да има доволно craft во spectacle-от. Но спектаклот е финалниот производ.
Што е Bottega Eventi всушност?
Компанија со силно чувство за естетика. Место каде луѓето сакаат да припаѓаат. Многумина почнале како соработници, па самите избрале да станат дел од тимот.
Што никогаш нема да направите?
Нешто што не ги исполнува нашите стандарди, принципи и углед.
Како се мери добар настан?
Во емоцијата додека се случува. И во приказните што остануваат следниот ден. Иако, реално, клиентите секогаш ќе ги интересираат и бројките.
Што дојде прво, љубовта кон пијалоците или нивното разбирање како културен медиум?
Настаните за пијалоци не пресретнаа нас. Ги учевме низ процесот.Денес ги гледаме како културен медиум и алатка преку која се создава атмосфера.
Whisky Fest и Gin Lane се две различни приказни?
Ист ум, различен карактер. Gin Lane ја носи историската приказна за џинот во современ контекст. Whisky Fest ја прави виски културата поинтимна, подостапна и жива.
Taste или atmosphere?
И двете. Без компромис.
Постои ли публика за ова?
Да. И веќе е изградена.Публика што доаѓа со доверба, дури и кога не знае што точно ја очекува.
„This is it“ момент?
Второто издание на Skopje Whisky Fest по пандемијата. EXPO.30 настан што спои мода, музика и индустрија под рестрикции. И проекти каде добивме целосна креативна слобода.
Зошто Битола…романтика или стратегија?
И двете. Градот и виски културата делат исти вредности: елеганција, романтика и боемски дух.
Дали Битола е подготвена?
Повеќе од подготвена. Ова е наш прв настан таму, но имаме силна локална поддршка и ентузијазам.
Како се работи со простор како Офицерски дом?
Не доминираме. Го засилуваме тоа што веќе постои. Просторот има свој идентитет и ние работиме со него, не против него.
Што сакате да почувствува публиката?
Дека не дошла само да проба виски. Туку да доживее нешто. Да се поврзе, да разговара, да почувствува атмосфера што не се повторува.
Најхаотичен момент што не стигнал на Instagram?
Премногу за броење. Но секогаш сме ги решавале. И секогаш сме излегувале помудри.
Што ве држи будни вечерта пред настан?
Деталите. Секогаш деталите.
Кој пијалак ве опишува?
Марија за Ивана: Johnnie Walker Blue Label лидер со визија.
Марија: The Glenlivet 18 тивка, но суштинска.
Настан без публика?
Не постои. Публиката е мерило за вредност.
Што значи успех?
Тогаш: да не се откажеме.
Денес: да растеме, да се усовршуваме и да имаме тим со кој се гордееме.
Ако Bottega Eventi треба да ја опишете без маркетинг?
Наш втор дом. И мисла што никогаш не престанува

