Појадокот е овесни снегулки со јогурт, лажица мед, шака ореви и чиа семе. За ручек салата со авокадо, маслиново масло и семки од тиква. Попладне неколку бадеми, затоа што се здрави. Вечерта интегрален леб, кашкавал и домати. Овошје преку цел ден.
Нема кеса чипс. Ниту еден газиран сок. А вагата не мрда.
И сосема ја разбирам фрустрацијата. Вложуваш труд, менуваш навики, избираш квалитетна храна, а резултатот упорно изостанува.
Храната навистина е квалитетна. Само што квалитетот и количината се две различни прашања, а кога целта е слабеење, и двете заслужуваат внимание.
Каде заглавивме?
Ќе звучам малку научно, многу од храната што ја јадеме е енергетски густа, и значи нешто многу едноставно: мала количина, многу енергија. Особено кога храната содржи повеќе масти. Па така, можеме да имаме сосема пристоен оброк, со квалитетни намирници, а да внесеме многу повеќе енергија отколку што мислиме. И на изглед, порцијата воопшто не е голема.
Има и уште нешто. Кога на пакувањето пишува „здраво“, „фит“, „интегрално“ или „без додаден шеќер“, некако си стануваме релаксирани со количината. Во психологијата на исхраната ова го нарекуваат „ореол на здравјето“. Храната добила етикета за добра репутација, па и ние си даваме поголема слобода. Уште едно колаче? Па ок де, интегрално е, здраво.
А колку навистина јадеме во текот на денот? Дојадуваш од чинијата на детето, две три лажици од тенџерето додека готвиш, грицки од бирото на колегата. Тоа не го паметиме како оброк. Во ова нема ништо лично и нема лага. Мозокот едноставно не е направен да брои.
Реалната слика
Не мора да се откажеш од ниту една од здравите намирници. Им треба само малку повеќе внимание.
Во Precision Nutrition, методологијата според која работам, нема забранета храна. Работиме на свесноста за тоа што и колку јадеме.
А тука секој од нас има своја приказна. Различно се движиме, имаме различен апетит, навики и енергетски потреби. Количина што е сосема соодветна за еден човек, за друг може да биде премногу или премалку. Затоа и не постои една идеална порција што важи за сите.
Од моето искуство со клиентите, многу често одговорот почнува да се открива кога ќе погледнеме што и колку навистина се јаде. Понекогаш изненадувањето е во количината на одредени намирници, а понекогаш во ситните работи што сме ги заборавиле уште пред да заврши денот.
Пробај три четири дена да фотографираш се што јадеш. Баш се, вклучувајќи ги и оние мали залчиња што едвај ги забележуваш. Потоа погледни ги фотографиите.
Те оставам да се чудиш.
Јас сум Олга Дервенџи, сертифициран коуч за исхрана (Precision Nutrition, PN1-NC) и основач на REGULA, програма за индивидуален коучинг заснована на промена на навиките, прилагодена на реалниот живот.
Се читаме повторно за две недели.






